НОВАТА АГЕНДА ЗА ВЕШТИНИ ВО ЕВРОПА 2020-2025
👁 Прочитано: 1836


Вештини за сите
НОВАТА АГЕНДА ЗА ВЕШТИНИ ВО ЕВРОПА  2020-2025

Пандемијата со Ковид 19 сериозно ги наруши стандардните активности во образованието  и обука во цела Европа, но најмногу проблеми се јавија во стручно образование и обука и реализацијата на практичната обука на учениците. Земјите-членки на ЕУ, како и останатите земји, бараа различни решенија за надминување на состојбата со пандемијата за да им овозможат на младите луѓе да ги зајакнат своите знаења и вештини и да им го олеснат преминот од училишната во работната средина, како и да им помогнат на работоспособните лица да се преквалификуваат за новите работни процеси и полесно да се вработаат, а вработените континуирано да ги надградуваат своите вештини и да се прилагодат на променливите работни потреби.  Во таа насока, во месец јули, Европската Комисија го усвои и претстави новиот стратешки документ Европска агенда за вештини, 2020-2025, во кој постави за цел: зајакнување на практичните вештини, подобрување на постојните вештини и континуирани обуки за нови вештини, со фокус на јакнење на дигиталните вештини. Тоа укажува дека после пандемијата, во секторите и индустриите кои најмногу ги почуствуваа последиците како угостителството и туризмот, транспортот, градежништвото, автомобилската индустрија, здравството, многу млади и работоспособни лица ќе мора да се преквалификуваат и да стекнат нови вештини или да ги подобрат своите вештини за да се прилагодат на новите начини на работење и на променливиот пазар на трудот.

Европската агенда за вештини содржи 12 активности кои се фокусираат на вештини за работни места преку партнерство со државите, компаниите и социјалните партнери:

  1. Пакт за вештини – која вклучува мобилизирање на сите партнери, вклучувајќи ги и компаниите за обезбедување на повеќе и подобри можности за обуки за вештини на лицата и обезбедување државни и приватни инвестиции во индустријата и екосистемите за вештини;
  2. Зајакнување на интелектуалните способности и вештини – користење на информации во ,,вистинско време за побарувачката за вештини, на регионално и секторско ниво, и анализи на слободни работни места; 
  3. Поддршка на ЕУ за стратешко национално дејствување за стекнување вештини – која вклучува соработка со земјите за подготовка на сеопфатни национални стратегии за вештини и поддршка на националните агенции за вработување за да можат да ги реализираат;     
  4. Флексибилно стручно образование и обука –  нов пристап за фукционално стручно образование и обука според барањата на бизнис секторот преку модернизирање на стручното образование за да стане атрактивно за сите ученици и прилагодливо за дигиталната ера и зелената транзиција;
  5. Развивање на иницијатива на Европски универзитети и врвни научници - градење на долгорочни транснационални сојузи помеѓу високообразовните институции во Европа во текот на целата година  и развој на основни вештини за истражувачи;
  6. Вештини за поддршка на зелени и дигитални транзиции - развивање на низа  основни зелени вештини, статистичко следење на зелените работни места, како и зајакнување на дигиталните вештини преку Акционен план за дигитално образование и обука за дигитални вештини;
  7. Зголемување на бројот на дипломирани студенти од техничките науки и поттикнување на претприемништвото и трансверзалните вештини – поттикнување на младите луѓе, особено жените, да изучуваат  наука, технологија, инженерство и математика и зајакнување на поддршката за стекнување на трансверзални и претприемачки вештини и критичко размислување;
  8. Животни вештиниподдршка за развивање на трансверзалните вештини;
  9. Иницијатива за индивидуални сметки за учењепоттикнување на доживотното учење;
  10. Европски пристап кон микро-ингеренциите – поддршка на насочени и ефективни, интензивни обуки, претежно он-лајн обуки;
  11. Нова Европас - Платформа он-лајн алатки и водичи за пишување биографии, информации за лицата кои бараат работа и информации за прилагодени работни места и можности за учење;
  12. Подобрување на рамката за овозможување отворање на приватни и сопствени инвестиции во вештини

Значајно е што Европската Комисија смета дека за закрепнување од пандемијата и одржливост по пандемијата со корона вирусот е насочување на инвестициите во човечкиот потенцијал за развој на вештини, тргнувајќи од фактот дека на бизнис секторот неопходно му се потребни работници со релевантни вештини кои ќе можат веднаш да се вклучат во работните процеси и да обезбедат поголема продуктивност и одржлива конкурентност.

 

 

 

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија