НОВ СЕДУМГОДИШЕН ЕУ БУЏЕТ-МОЖНОСТ ЗА ФОНДОВИ И ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ
👁 Прочитано: 3110


Маратонски преговори-постигнат историски договор за новиот седум годишен буџет на ЕУ вреден 1.824 милијарди евра
НОВ СЕДУМГОДИШЕН ЕУ БУЏЕТ-МОЖНОСТ ЗА ФОНДОВИ И ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ

Лидерите на 27 земји-членки на Европската унија постигнаа историски договор за пакетот корона-помош и буџетот на ЕУ во следните 7 години во износ од 1,824 милијарди евра од кои 1.074,3 милијарди евра се за седумгодишниот буџет од 2021 до 2027 година во рамки на европските програми и 750 милијарди евра сочинуваат економска и инвестициска програма за борба против последиците на пандемиската криза.

Фондот за опоравување од последиците на короната кој изнесува 750 милијарди евра ќе биде распределен во форма на кредити и во форма на грантови.  360 милијарди евра се предвидени за кредити, а 390 милијарди евра за неповратна помош или грантови на земјите-членки.

Економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус, беше заклучено на Самитот, ќе има повеќегодишни последици врз европската економија и затоа членките на ЕУ по четиридневен дијалог го постигнаа историскиот договор околу најголемиот буџетски и финансиски пакет во својата историја кој треба да ги ублажи последиците и да го поттикне инвестицискиот циклус во земјите, особено во насока на инвестиции во нови еколошки технологии и дигитализација на економските субјекти.

Дебата околу поддршка на економијата во колкав обем и дали поддршка во форма на кредитни линии или пак грантови, траеше долго, бидејки Европската Унија за да обезбеди сигурен излез од кризата за првпат се задолжува и парите за земјите кои се тешко погодени од пандемијата на коронавирус нема да одат само во форма на кредити, туку и како поддршка во форма на грантови.

Покрај фондот за опоравување од кризата, лидерите на ЕУ земјите посочија дека од исклучително значење се и фондовите кои ќе бидат распределени во рамки на Европските рамковни програми, новата програма Хоризонт Европа 2021-2027 година преку кои во следните седум години компаниите ќе имаат можност да аплицираат за проекти кои за нив би значеле вложување во нови технологии, зголемување на нивната конкурентност и пред се вложувања во насока на градење на поголеми извозни можности. Македонските компании ќе ја имаат истата можност за искористување на овие фондови преку проекти исто како и европските земји. Фондот за претпристапна помош ИПА вкупно ќе изнесува 12.565 милиони евра.

Европскиот Зелен договор како нова стратегија за раст на Евроската унија кој беше постигнат на почетокот на оваа година ќе биде основа за понатамошниот развој на економијата и креирањето на програми кои треба да и помогнат на ЕУ да биде климатски неутрална до 2050 година. За таа цел, ЕУ ќе спроведе серија иницијативи коишто ќе ја заштитат животната средина и ќе ја зајакнат зелената економија. Комисијата ќе предложи европски Закон за клима претворајќи ја политичката определба во законска обврска и поттик за инвестиции. За да се постигне оваа цел ќе биде потребно делување од сите сектори во европската економија: индустрија, градби, енергија, мобилност.

Исто така, ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка и техничка помош за да им помогне на луѓето, претпријатијата и регионите што се најзафатени од преминот кон зелена економија. Ова се нарекува Механизам за праведна транзиција и ќе помогне да се придобијат најмалку 100 милијарди евра во периодот 2021-2027 година во најзафатените региони.

 

 

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија