QUO VADIS (КАДЕ ОДИШ)?
👁 Прочитано: 2022



QUO VADIS (КАДЕ ОДИШ)?

Сè уште не може да се предвиди каков ќе биде исходот со корона вирусот. Поголемиот дел на стручната јавност сметаат дека ќе настапи втор бран на пандемијата, што сигурно ќе влијае и на почетокот на учебната година и воопшто на образовниот процес. Се предвидуваат различни сценарија за реализација на наставата, но што и да се случи образованието мора да биде подготвено да обезбеди поголем квалитет во секој вид настава и во секакви услови.  Тоа бара сериозна организација и планирање, а клучен фактор е добрата комуникација во рамките на целиот општествен систем, и зајакната врска и одговорност, и на образованието, и на стопанството. И двете страни мора одговорно да учествуваат во процесот на прилагодување кон секоја нова состојба, ако се сака да се обезбедат, и во вакви нетипични услови, стручни кадри кои во иднина ќе се вклучат во работните процеси. За да се постигне тоа е потребно:

Прво, да се направи анализа на нивото на знаења на учениците. Затоа, неопходно е секој наставник да подготви план за повторување на клучните содржини и на почетокот на учебната година, уште во септември, да го реализира планираното преку тест за проверка на иницијалното знаење за новата учебна година.

Тргнувајќи од фактот дека со прекинот на физичкото присуство на учениците во наставата што го наметна пандемијата, најголем проблем се јави во реализацијата на практичната настава и стекнувањето на практичните вештини на учениците, неопходна е проверка и на практичните вештини за учениците од стручните училишта. Наставниците по практична настава мора да бидат свесни дека на стопанството ќе му бидат неопходни кадри кои ќе мора да поседуваат стручни и практични вештини и да испланираат уште на почетокот на новата учебна година да одржат краток курс за учениците со најважните операции и системи во технолошкиот процес.

Второ, измена на наставните програми кои ќе бидат насочени кон постигнување функционални резултати од учење. Стекнување на знаења и вештини што ќе можат учениците ги применат во секојдневниот живот и работење. Бесмислено е да се зборува за квалитетно стручно образование ако компаниите не се вклучени во целиот образовен процес. Поради пандемијата со корона вирусот феријалната практика која се реализира во текот на летниот период во работна средина во  компанија и преставува услов за упис на ученикот во следната учебна година нема да има можност да се реализира. Учениците ќе бидат условно пуштени да се запишат во наредната година, но затоа уште во август, стручните училишта мора да пристапат кон подготовка на програма со помош на компаниите за поголем опфат на учениците на работно место за да совладаат конкретни стручни вештини. Свесни сме дека последиците од состојбата со корона вирусот се чувствуваат насекаде, но компаниите ако сакаат да обезбедат кадар кои во иднина ќе биде дел од потенцијалот на компанијата, ќе треба да бидат подготвени да излезат во пресрет на училиштата за овој дел од наставата.

П.С. Насловот е позајмен од романот Quo Vadis на  авторот Хенрих Шенкевич, но наменски, каде всушност оди образованието во состојба на пандемијата која нема брзо да се промени.

(продолжува)

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија