НОВАТА РАМКА ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕВРОПСКАТА УНИЈА – ПРЕДИЗВИК ИЛИ ПРЕЧКА ЗА БИЗНИСОТ
👁 Прочитано: 4413



НОВАТА РАМКА ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕВРОПСКАТА УНИЈА – ПРЕДИЗВИК  ИЛИ ПРЕЧКА ЗА БИЗНИСОТ

Македонската економија опстојува во период на криза предизвикана од пандемијата која се рефлектираше и на економиите на светско ниво, но светла точка е фактот дека се отвораат и можности за македонските компании. Со отворање на процесот на пристапните преговори согласно новата рамка за Македонија одобрена од страна на Европскиот совет и во процес на одобрување од страна на земјите-членки, се очекува и отворање на зголемени наменски фондови кои ќе се отвораат во текот на преговорите и кои за македонската економија ќе значат дополнителни ресурси за подигање на конкурентноста и иновативноста, усогласување со европските вредности и стандарди, но пред се` македонската економија ќе започне да го трасира својот пат да стане дел од европското семејство.

Согласно новата Методологија за пристапни преговори, поглавјата по кои досега преговараше Европската комисија со другите земји се групирани во 6 (шест) кластери, од кои 4 (четири) се директно поврзани со компаниите и македонската економија, за што е неопходно максимално можно вклучување на бизнис заедницата од самиот почеток на преговорите како би можеле да помогнат во процесот со своја експертиза во донесување на клучните одлуки во текот на преговорите, пред се` затоа што се и директно засегнати од исходот на тие преговори и тие се чинителите кои треба да ги транспонираат сите договорени правни акти поврзани со нивното работење.

Кластерите според новата зајакната методологија за преговори ќе се отвораат во пакет, а од особено значење за компаниите се кластерот Конкурентност и инклузивен раст, каде се вклучени поглавјата: Информатичко општество и медиуми, Оданочување, Економска и монетарна политика, Социјална политика и вработување, Претпријатија и индустриска политика, Наука и истражување, Образование и култура, како и Царинска унија. Потоа, кластерот Зелена агенда и одржлива поврзаност, каде се вклучени поглавјата: Транспорт, Енергија и Животна средина - области кои директно го засегаат секојдневното работење на компаниите. Третиот кластер кој исто така има големо значење за нас е Земјоделство и кохезија, кој ги опфака поглавјата поврзани со Земјоделство и рурален развој, Безбедност на храна, Фитосанитарна и ветеринарна политика, како и Регионална политика и структурни иструменти - поглавје кое е исклучително важно за развој на натамошните капацитети за влечење средства од кохезионите и структурните фондови на Европската унија. Од не помала важност за бизнисот се и останатите поглавја, односно кластери, особено првиот кластер кој ќе се отвори веднаш по одржување на првата меѓувладина конференција, а го засега и бизниот бидејќи покрај поглавјата за Правосудство и Правда ќе се преговара и за Економските критериуми.

Стопанската комора на Македонија во континуитет ќе информира за текот на преговорите, континуирано консултирајќи ги компаниите за сите новини и промени кои ќе бидат тема на преговорите и континуирано ќе инсистира на поголема вклученост на бизнис секторот во преговорите.

Клучната новина која радува во зајакнатата рамка за преговри со Европската унија е фактот дека паралелно со отворање на поглавјата ќе се отвораат и европските фондови за аплицирање на проекти кои треба да им помогнат пред се` на компаниите да се усогласат преку проекти со новите стандарди, правила или да се приспособат на економските критериуми, како со европските, така и со интернационалните стандарди. Секогаш треба да се има предвид дека пристапните преговори се водат не само со Европската комисија, туку и со земјите-членки на ЕУ, притоа имајќи предвид дека Европската комисија технички ги води преговорите и ги презентира ставовите, односно преговарачките позиции на земјите-членки.

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија