Компанијата „Агропал“ која 25 години на домашниот пазар е позната по собирање и преработка на пластичен отпад е една од многуте компании кои се засегнати од негативните ефекти предизвикани од пандемијата на Ковид–19 и мерките за справување со вирусот.
Раководството на компанијата на работната средба со Анета Димовска и Нена Николовска од Стопанската комора на Македонија, информираше дека производството за време на пандемијата продолжило да се одвива со значително намалени капацитети и со доследно почитување на мерките и препораките за превенција од ширење на вирусот. Со оглед дека ефектите од пандемијата се чувствуваат на глобално ниво, во следниот период сметаат дека неизвесна ќе биде наплатата на побарувањата и деловната соработка со странските партнери. Поради тоа, беше посочено дека е потребен сет на економски мерки за поддршка и ликвидност на стопанството кои ќе овозможат брз и едноставен пристап од поширог опсег на деловни субјекти од различни дејности.
На средбата, Јовица Стефановски, сопственик на компанијата, изрази пофалби за работењето на стручната служба на Комората, нејзината доследност и професионалност во поддршката на реалниот сектор.
- Единствената морална и техничка поддршка во справувањето со негативните последици предизвикани од виша сила, не по вина на компанијата, бевте токму вие и вашата професионална поставеност да се помогне на реалниот сектор. Со искрена почит до вас и до сите ваши колеги кои неуморно работевте и ни помагавте, остануваме во надеж дека и во иднина Стопанската комора на Македонија ќе помогне гласот на засегнатиот реален сектор да допре до надлежните институции и финансиски да им се помогне на истите, - истакна Јовица Стефановски.
„Агропал“ е извозно ориентирана компанија со капацитет за рециклирање околу 2.000 тони отпад годишно во пластични вреќи и фолии кои потоа се пласираат на домашниот и на странските пазари.
м-р Нена Николовска