COVID-19, НОСИ НАМАЛЕНИ СТАПКИ НА РАСТ

   

➤ АКТУЕЛНО (03.04.2020)
👁 Прочитано: 1102


COVID-19, НОСИ НАМАЛЕНИ СТАПКИ НА РАСТ

Интервју на Претседателот на Стопанската комора на Македонија, господин Бранко Азески за австриското списанието „Бизнис Линк“

1. Во најновиот извештај на Светската банка, просечниот раст на БДП на регионот на Западен Балкан минатата година беше околу 3%, а растот на БДП на Северна Македонија изнесуваше 3,1%. Според Вашето мислење, што треба да се направи за да можат земјите од Западен Балкан да стимулираат повисоки стапки на раст?

- Економиите од регионот на Западен Балкан активно спроведуваат реформи за подобрување на нивната конкурентност уште од раните 2000-ти години. Реформите кои се спроведуваат, преку отстранување на трговските и инвестициските бариерите и олеснување на интеграцијата на регионот на глобалните пазари, низ годините значително придонесоа за економски развој на целиот регион, што  доведе до двојно зголемување на големината на шесте економии и шесткратно зголемување на обемот на извозот. Сепак, постигнатото се` уште не е доволно – потребни ни се силни и одлучни чекори за зголемување на конкурентноста и продуктивноста на овие економии, нивно интегрирање во глобалните синџири на снабдување, дигитализација, современи технологии и зголемување на квалитетот и стандардите на домашното производство, но и либерализирање на интрарегионалната соработка.

2. Како предводник на Стопанската комора, дали сметате дека регионалната економска соработка би придонела и би го забрзала растот? Кои би биле предусловите?

- Мојот професионален, но и личен пат е силно врзан за Балканот – затоа јас силно верувам во придобивките кои може да ни ги донесе регионалната соработка, заснована на доверба и синергија. Затоа и од самите почетоци сум вклучен во идејата за Коморскиот инвестициски форум (КИФ), како асоцијација која ја основавме со стопанските комори од земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, а од идниот месец ја преземам и функцијата на претседател на КИФ. Причината зошто КИФ е можеби најважната алатка за зајакнување на регионалната економска соработка и еден од најуспешните резултати на Берлинскиот процес е затоа што во суштината на неговото постоење се заснова идејата дека од слободната трговија и регионалната интеграција на долг рок добиваат сите земји и дека соработувајќи заеднички можеме да направиме многу повеќе отколку која и да било од нашите бизнис заедници би можела да направи сама. Сепак, се` уште остануваат отворени прашања за понатамошно интензивирање и продлабочување на соработката помеѓу деловните заедници од регионот на Западен Балкан. За компаниите од регионот се` уште како отворено прашање остануваат неусогласените административни процедури помеѓу различните држави од регионот на Западен Балкан, како и долгите часови на чекање на граничните премини.

3. Би можело да се каже дека Вие сте гласот на деловниот сектор во Северна Македонија. Што најчесто мислат компаниите во Вашата земја за идејата „регионален пазар“? Би бил ли добар за бизнисот и на кој начин?

- Податоците за трговската размена со земјите од Западен Балкан во последните 5 години укажуваат дека компаниите ја препознаа идејата оти прво мора да научиме да соработуваме регионално, ако сакаме да бидеме подготвени за европскиот пазар. Вкупниот обем на трговска размена на Северна Македонија со земјите од регионот на Западен Балкан пораснал од 1,09 милијарди евра во 2015 година на 1,5 милијарди евра во 2019 година, односно реализирана е трговска размена поголема за речиси 400 милиони евра. Истиот раст го бележиме и во однос на македонскиот извоз кон земјите од Западен Балкан – ако во 2015 година тој бил во вредност од 518,4 милиони евра, во 2019 година достигнува износ од 734 милиони евра, односно раст од 41% за споредуваниот период. Пазар од 2 или 10 милиони жители со кој непосредно граничиме е многу поважен од пазар од 100 милиони жители кој се наоѓа на оддалеченост од 3.000 километри, па токму затоа треба да се даде приоритет на прашањата за надминување на препреките во меѓусебната трговија.

4. Северна Македонија е на 17-то место, според „условите за водење бизнис“ во Извештајот на Светската банка за 2020 година. Ова е највисока позиција во Западен Балкан. Како би можеле дополнително да ја подобрите деловната клима, со цел привлекување на повеќе инвестиции? Кој е Вашиот совет за останатите?

- На бизнисот му треба едноставност, предвидливост, стабилност - тоа е основната порака што треба да ја разберат властите и во нашата држава, како и секаде во регионот. Северна Македонија значително напредуваше на тоа поле, а особено е позитивен прогресот кој го имаме на рангирањето на Светската банка неколку години наназад, но останува уште многу да биде направено. Моја препорака е да се работи на дерегулација на бизнисот на сите нивоа – бизнисот тоа знае да го валоризира.

5. Кога разговарате со странски инвеститори, што обично Ви кажуваат, кои се пречките за поголеми инвестиции во земјите од Западен Балкан? Може ли да се надминат тие пречки?

- Западен Балкан во идниот период ќе станува се` поатрактивна инвестициска дестинација, поради многуте предности кои ги нуди. Затоа, една од активностите кон кои се насочивме во КИФ е токму и промовирањето на регионот како единствена инвестициска дестинација, преку платформата investinsee.com. Не би рекол пречки, туку пропуштени можности за поголеми инвестиции се различните правни системи кои ги имаме кои го отежнуваат создавањето на регионални синџири на снабдување – колку побрзо ги тргнеме ограничувањата во меѓусебната размена, толку поактрактивен ќе биде целиот регион за странските инвестиции, па затоа во КИФ посветено работиме во таа насока.

6. Какви можат да бидат последиците од коронавирусот Covid-19 за приватниот бизнис? Дали очекувате забавување на економијата во вашата земја? Какви ќе бидат последиците во однос на светскиот раст?

- Неспорна е констатацијата дека се наоѓаме пред најтежок предизвик досега, а тој ќе трае. Во моментот никој не може да процени колку ќе трае и како ќе се развива понатаму. Реалната состојба во приватниот сектор е демотивирачка и проблематична, затоа што констатираме дека предвидливоста е најзначајната алатка во бизнисот, а во оваа ситуација таа недостасува. Изненадува тоа што нема заеднички пристап од Европската Унија, туку секоја земја е оставена сама на себе да се справува со ситуацијата во која сите сме затекнати. Во однос на светскиот раст, се подготвуваме за најлошото, а се надеваме на најдоброто, очекувањата за 2020 година беа да се зголеми на 3,3%, но забавувањето на потрошувачката и нарушувањето на производството ќе ја сменат очекуваната проекција.