КОВИД 19 ВИРУСОТ И ИСКУСТВЕНОТО ЗНАЕЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ

КОВИД 19 ВИРУСОТ И ИСКУСТВЕНОТО ЗНАЕЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ

Нема држава во светот која остана имуна на кризата што ја создаде КОВИД 19. Здравствениот систем е погоден, економијата назадува. Образованиот процес претрпе драстична промена. Училниците останаа празни, наставата продолжи од дома.

Но, државите секоја сама на свој начин (иако се следат и чекорите кои ги преземаат земјите во регионот, но и оние најразвиените) се мобилизираа, за да ги заштитат здравствениот систем, економијата, целото општество. КОВИД 19 вирусот влијаеше да се сменат и многу други навики на кои можеби и не сме размислувале досега, нов начин на однесување, без поздрави, од далечина, заштитни маски и ракавици...

Во образованието, по неколку пропуштени недели без настава и парцијални заложби на наставници да работаат онлајн со своите ученици, Владата донесе Уредба за онлајн учење за сите нивоа на образование. Започна процесот за онлајн учење, но за стратегијата како се одвива процесот, нема да биде тема на овој текст.   Целта ми е да посочам дека состојбата во која се наоѓаме можеби ќе биде најважниот процес на учење кој ќе го применат учениците во својот живот, а научените лекции долготрајно ќе им останат врежани во нивната меморија, бидејќи ги учат преку своето лично искуство.

Првенствено ќе научат дека во животот секогаш мора дa се има цел и стратегија за нешто кога се работи и алтернативи во случај ако се појават проблеми. Ќе научат, од лично искуство, колку е значаен предметот биологија и секој пропуштен час некогаш може да се одрази на нивното здравје. Во битката со корона вирусот, употребата на дезинфекциски средства и лекови и потрагата по вакцина за да се спречи неговото ширење, можеби ќе научат за хемиските елементи и соединенија и ќе разберат колку е важна хемијата.

 Слушајќи секој ден за зголемениот број на заболени и починати од корона вирусот кај нас и во светот, ќе научат што значи аритметичка, а штo геометриска прогресија, што значи процент на заболеност, а што процент на смртност и зошто е важна математиката, физиката и предметите по економија.

Светот е во здравствена криза, а поради тоа може да западне и во економска криза. Заради брзината на ширење на епидемијата вработените неможат редовно да присуствуваат на своите работни места, или ограничено одат на работа. Многу граници се затворени. Отежнат е транспорт на суровини, репроматеријали, извоз на стока. Сето тоа негативно ќе се одрази на економијата, а од искуството, учениците, ќе научат што е суфицит, а што дефицит, што значи бруто домашен производ, негово зголемување и намалување. Но и што значи минимална плата, а што просечна плата, ребаланс на буџет и зошто е важно да се има државни резерви. Можеби тоа ќе ги поттикне да почнат критички размислуваат, да истражуваат за состојбите, како ваквите состојби може да се одразат на образованието во светот, да читаат. Да читаат секаков вид текстови, а секој прочитан текст значи информација од која може многу да се научи и да се искористи во животот.

Воведувањето на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, ќе ги поттикне да ја развијат одговорноста и самодисциплината и наместо групирање и седење по кафулиња, да останат дома и да ги почитуваат препораките. Тоа, многу повеќе, ќе ги научи што значи граѓанска одговорност отколку предавањата на часот по граѓанско образование зошто практично ја на

училе. Слушајќи за донациите што ги даваат компаниите во вакви кризни состојби ќе научат што е и што значи да се биде општествено одговорна личност или комапнија. Од лично искуство, ќе научат за една нова историја, која ќе раскажува за смртоносниот вирус КОВИТ 19, за бројката на заболени и починати, за разделени семејства, прекинати игри и пријателства, пропаднати компании, уништена економија, како што некогаш се раскажуваше за годините на чумата, еболата, свинскиот и птичјиот грип. Слушајќи за бројката на заболени ширум светот научија за многу држави, градови и провинции отколку на часот по географија. Истовремено ќе разберат дека пред заразниот корона вирус сите се исти, без разлика каков мобилен имаат, каква марка на облека носат, што поседуваат... Дека во еден момент гигантската компанија за облека, автомобили, мобилни телефони помалку вреди од една мала фирма за изработка на заштитни маски, ракавици, за производство на храна, или колку се значајни компаниите кои произведуваат средства за дезинфекција, колку е значајно да се има олеснет транспорт за кој никогаш не сме размислувале.

Оваа состојба за некои ќе биде мотив да ја пронајдат својата идна професија, да сфатат која е најбарана или најодговорна професија. Ова време ќе ги принуди побрзо да созреат и да станат помудри.

Ова е време кога се бара следење на нови технологии, алатки, дигитализација, кои стануваат составен дел во современиот начин на живот и го олеснуваат работењето од многу аспекти. Наученото на часот по информатика, практично ќе се преслика преку онлајн учењето, но и преку истражувањата на интернет за да ги надградат своите знаења.

И за крај, останува мудро да работиме за да ја надминеме оваа состојба и да очекуваме крајниот резултат да биде со помали последици и за животот на поединецот, и за здравствениот систем и економијата во целост. Ова мора да не научи секогаш да имаме стратегија во животот за исполнување на целта, да правиме планови и проценки, но и да имаме алтернативи во случај да се појават проблеми.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија