Справување со пандемијата на коронавирусот (COVID-19) во рамки на Западен Балкан
👁 Прочитано: 4301



Справување со пандемијата на коронавирусот (COVID-19) во рамки на Западен Балкан
Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

По официјалното прогласување на пандемија на светско ниво, владите на шесте земји од регионот на Западен Балкан активно се приклучија кон преземање мерки за спречување на ширењето на заразата со новиот корона вирус.

Владата на Република Абанија ги повика своите граѓани да ги почитуваат препораките, да седат дома и да избегнуваат секаков контакт со заболени лица или лица од ризичната група на граѓани.

Минатата недела, на состанокот на советот на министри, премиерот Рама донесе одлука во наредните 14 дена да се затворат сите образовни установи и да се откажат сите масовни спортски и културни собири, конференции и други јавни активности, а до 3 април да се одложат директните летови или поморските патувања од северниот дел на Италија, пред сè од целосно изолираните црвени зони. На состанокот, министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Огерта Манастирлиу, донесе одлука за прекинување на извозот на лекови и медицински материјали до понатамошна друга одлука. Со зголемувањето на бројот на заболени за време на викендов, премиерот Рама донесе дополнителна мерка за заштита од ширење на вирусот со што се затвораат сите угостителски објекти, а правните субјекти се задолжуваат да им обезбедат превоз за работниците, кој редовно ќе се дезинфицира. На терен продолжуваат активностите околу откривањето на сомнителни лица, како и оние кои не ја почитуваат препораката за домашна изолација.

Со цел навремена превенција од ширење на корона вирусот на територијата на Босна и Херцеговина, Министерството за безбедност минатата недела донесе одлука за затворање на сите воспитно-образовни институции до 30 март, како и забрана за јавни собирања на групи со над 100 лица.

Како превентивна мерка, активна е, и донесената одлука за затворање на граничните премини за лица коишто не се државјани на Босна и Херцеговина. Сите лица коишто ќе допатуваат во Босна и Херцеговина обврзани се на самоизолација во времетраење од 14 дена. Повеќе информации во врска ново донесените одлуки и спроведувањето на истите на територијата на Босна и Херцеговина можете да најдете на веб страната на Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина: http://www.komorabih.ba/poteskoce-u-poslovanju-zbog-koronavirusa-nove-informacije/ .

Премиерот на Република Косово, Албин Курти, по вонредната седница, одржана изминатиот викенд на барање на Министерот за здравство, Арбен Витиа, поради зголемената опасност од ширење на епидемијата на корона вирусот, прогласи вонредна состојба во косовското јавно здравство.

Во текот на изминатата недела, Владата ги стави во карантин општините во коишто досега се појавиле случаи на заразени од корона вирусот – Витина, Клина, Малишево и Подујево. Со новодонесената одлука се обврзуваат сите институции да дејствуваат согласно Планот за национално реагирање и активирање на функцијата за вонредна поддршка 8 (ФМЕ8 – јавно здравство и лекарски услуги). Премиерот ги повика граѓаните да се придржуваат кон мерките донесени од страна на Владата.

По вонредната седница одржана во неделата, претседателот Александар Вучиќ, прогласи вонредна состојба на територијата на Република Србија. Со оваа одлука, мерките коишто беа преземени во текот на изминатата недела се зајакнуваат со дополнителни мерки со што активно, од понеделникот, се затворија сите училиштата, градинки и факултети, а наставната програма ќе продолжи преку националната телевизија РТС и преку дигиталните учебници.

Угостителските објекти остануваат отворени со ограничена работа од 08:00 до 20:00 часот. Дополнително, во овој дел, е донесена и одлука за забрана за собирање на јавни места во групи не поголеми од 50 лица, поради што се откажани и сите спортски натпревари на отворен и во затворен простор. Со оваа одлука се намалува и обемот на градски сообраќај и се укинуваат сите ноќни линии.

Ризичната група на граѓани и постарите лица/пензионери се препорачува да не ги напуштаат своите домови за што полицијата ќе врши надзор за почитување на мерките, а во спротивно ќе следат и соодветни казни. Препорака за сите граѓани е да останат во своите домови во самоизолација и да работаат од дома, освен оние коишто се во производниот сектор за коишто работодавачите е потребно да преземат заштитни мерки и да обезбедат заштитна опрема.

За влез во Република Србија се затворени вкупно 44 гранични премини. Граничните премини остануваат отворени за српските државјани и за сите дипломатски и странски државјани со дозвола за престој во Република Србија, по што се обврзани да бидат во самоизолација најмалку 14 дена, под кривична одговорност. За сите српски државјани коишто се враќаат од најкритичните земји, самоизолацијата ќе трае 28 дена. Крај здравствените установи и другите позначајни објекти, како и на граничните премини се распоредени вооружени сили како дополнителна помош на граничната полиција и санитарната инспекција.

По состанокот на кризниот штаб, донесена е и одлуката за спречување на извоз на основни прехранбени производи од Република Србија, во наредните 30 дена. Владата ги предупреди граѓаните без потреба да не купуваат прехранбени производи и санитарни артикли, бидејќи Србија има доволни залихи од сите потребни намирници и донесе Одлука за ограничување на цените на основните прехранбени производи, заштитна опрема и средства за дезинфекција.

За повеќе информации во врска состојбите на територијата на Република Србија, посетете го веб порталот на Стопанската комора на Србија: https://pks.rs/vesti/stupila-na-snagu-odluka-o-uvodenju-vanrednog-stanja-2412 .

Владата на Република Црна Гора, исто така, воведе мерки за превентивна и благовремена заштита на населението, иако во земјата официјално сеуште не е потврден ниту еден случај на зболен од новиот вирус.

Од понеделникот, па во наредните 15 дена, сите воспитно- образовни институции ќе бидат затворени, а за време на траењето на мерката, еден од родителите или самохраниот родител на дете до 11 години ќе има право на платено отсуство. Овие мерки важат за сите освен за вработени во здравствениот сектор. Владата соопшти дека за времетраење на мерката за затворање на воспитно- образовните институции, медиумите ќе бидат задолжени за емитување на наставни содржини. На седницата на Националното координативно тело, беше донесена и одлука за затворање на границите за странски државјани, освен за оние кои работата во Црна Гора, како и задолжителна самоизолаиција на сите што се враќаат од странство. Покрај училиштата, затворени се и барови, кафулиња, игротеки, трговски центри и спортски сали.

Шесте комори од Западен Балкан во рамки на Коморскиот инвестициски форум активно работат на преземање мерки за ефикасно справување со последиците предизвикани од ширењето на коронавирусот. Размената на информации се одвива на дневно ниво, а во подготовка е и креирање заедничка иницијатива до Европската Комисија за разгледување на можностите за помош на економиите од Западен Балкан во справувањето со коронавирусот и последиците по приватниот сектор. КИФ останува во комуникација и со секретаријатот на ЦЕФТА со цел преземање дополнителни мерки за избегнување на можните последици по трговската размена во регионот на Западен Балкан.