ЕУ И КОРОНА ВИРУСОТ
➢ ПОРАКА ОД ... (13.03.2020)
👁 Прочитано: 2421



ЕУ И КОРОНА ВИРУСОТ

Последиците од корона вирусот со различен интензитет погодија подделни земји членки на Европската Унија, од кои четири земји, Италија, Франција, Германија и Шпанија спаѓаат во груата на високоризични земји. Во досегашниот период секоја од земјите во  основа самостојно се справува со последиците согласно пристап што сам го има усвоено. Но, како му приоѓа ЕУ на  прашањето на корона вирусот од системска гледна точка?

Информациите од Европската Комисија покажуваат дека таа има формирано тим за одговор на корона вирусот (Corona virus response team). Моментно, тој е составен од пет члена, секој надлежен за конкретна група прашања. Така, има член надлежен за управување со кризата, за сите здравствени прашања, за сите прашања поврзани со границите, за мобилноста и за макроекономските аспекти. Во вторникот вечер, на состанок на лидерите на земјите од ЕУ преку видеоконференција, даден и’ е мандат на Европската Комисија за уште поголем ангажман и координирање на активностите. Заклучено е дека за потребите на координација на активностите ќе се прават консултации на дневна основа со министрите за здравство и за внатрешни работи.

За интервентно помагање во справувањето со ситуацијата се формира т.н. Инвестициска иницијатива како одговор на корона вирусот во износ од 25 милијарди евра. Тие средства се насочени за помош на здравствените системи на земјите членки, за малите и средни претпријатија, за пазарите на труд и за помош на други ранливи делови на овие економии.

Оперативно, Европската Комисија се фокусира и на спречување на недостаток на медицинска опрема. Тука првенствено се мисли на заштитна опрема и на респираторна медицинска опрема.  За таа цел Европската Комисија го зеде во сериозно разгледување и  капацитетот за производство и дистрибуција на ваквата опрема.

За изнаоѓање на системско и трајно решение за проблемот со корона вирусот Европската Комисија презема чекори и за истражување и развој  поврзан со овој вирус. За истражувања што ќе резултираат со дијагностицирање, третман и вакцина, Европската Комисија од јавни и приватни извори мобилизираше 140 милиони евра.   

За надминување на економските последици од корона вирусот, кои ги имаат сите предуслови да бидат мошне сериозни, Европската Комисија, земјите членки и ЕЦБ презедоа координативни активности. На земјите членки ќе им се овозможи користење на државна помош за да можат да се искористат и интерните ресурси на секоја од поединечните земји.

Машинеријата на Европската унија се покрена, очекуваме набрзо да ги видиме посакуваните резултати.