Два случаја на даноци и царини со глава во 2018 , а опашка во 2020
👁 Прочитано: 5075



Два случаја на даноци и царини со глава во 2018 , а опашка во 2020
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Два настана би издвоила од областа на даноците и царинската политика од оваа недела, кои не се поврзани меѓу себе, но двата се врзани за 2018 година. Првиот се однесува на објавата на Управата за јавни приходи (УЈП) на највисоките остварени бруто приходи во 2018 година, а вториот е регионален и се однесува на укинување на царинските стапки од 100% за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина на Косово, кои беа воведени во 2018 година.

Во однос на првиот настан, начелно би укажала дека изненадува фактот што и покрај воспоставениот електронски систем е-Персонален данок, кој претпоставувам дека нуди можност за електронска обработка на податоците и креирање на извештаи, дури во февруари 2020 година се објавуваат податоците од годишните даночни пријави за 2018 година. Веројатно во иднина УЈП ќе најде начин побргу да ги објавува податоците. Независно од тоа, за 2018 година според Управата за јавни приходи највисок годишен бруто-приход во државата остварила граѓанка на Скопје, која пријавила 1.056.992.055 денари, а  највисоката годишна бруто-плата била исплатена во секторот здравство и изнесувала 183.806.532 денари. Според УЈП, на листата на највисоко рангирани бруто-плати се платите исплатени во секторот трговија со тутун и тутунски производи, компјутерско програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на станбени и нестанбени објекти. Во 2018 година остварен е највисок износ на капитална добивка во последните 10 години, односно лице од Скопје по основ на капитална добивка остварило вкупно 841.164.000 денари, а исто така лице од Скопје пријавило највисока заработка по основ на дивиденди и други приходи од учество во добивката во износ од 407.262.693 денари. Жител на Скопје е најсреќниот добитник во 2018 година на 53.611.197 денари, што е највисок износ на средства од игри на среќа таа година, а и скопските пензионери најдобро заработуваат. Според остварени вкупно бруто-приходи од авторски права/индустриска сопственост е обврзник од Скопје, со 22.612.966 денари.

Иако претходната вест е повеќе од информативен карактер, во смисла за „забава“ на широка публика, наредната која се однесува на најавата на премиерот на Косово за укинување на царинските давачки кои беа воведени од страна на Приштина во ноември 2018 година за увоз на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, е од суштинско значење. Потребно е да се истакне дека македонскиот извоз во Косово во 2019 година изнесува 297.62 милиони евра, а увозот 29.73 милиони, односно Косово е една од ретките земји со која Македонија бележи трговски суфицит. Во 2017 година нашиот извоз во Косово изнесуваше 198.79 милиони евра, а во 2018 година 226.01 милиони евра, што значи дека ограничувањата на увозот од Србија и БиХ, остави простор за зголемен извоз од Македонија кон Косово, па прашањето е дали по укинувањето на ограничувањето македонските компании ќе бидат во состојба да се задржат на тамошниот пазар.

Сепак, на ова прашање мора да се погледне и низ призма на политиката, во смисла дека ако истото доведе до политички дијалог и решавање на одредени регионални прашања, долгорочно може да значи стабилност и перспектива за земјите од Западен Балкан, што во суштина ќе значи и можности за македонската економија.

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија