НОВИ ПАРАМЕТРИ ЗА ПРЕСМЕТКА НА ПЛАТИ ВО 2020 ГОДИНА

   

👁 Прочитано: 870


НОВИ ПАРАМЕТРИ ЗА ПРЕСМЕТКА НА ПЛАТИ ВО 2020 ГОДИНА
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Со исплата на платата за јануари 2020 година се применуваат нови параметри кои доколку не се корегира износот на бруто плата кој го добиваат вработените првенствено имаат влијание на нивните нето плати. Имено, за 2020 година пропишани се нови стапки на придонесите од задолжително социјално осигурување и утврден е нов износ на даночно намалување при пресметување на данокот на доход.

Врз основа на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, стапките по кои се пресметуваат и се плаќаат придонесите од задолжително социјално осигурување, почнувајќи со исплата на платата за месец јануари 2020 година, изнесуваат:

- за задолжително пензиско и инвалидско осигурување 18,8% (во 2019 година стапката изнесуваше 18,4%);

- за задолжително здравствено осигурување 7,5% (во 2019 година стапката изнесуваше 7,4%);

- за дополнителен придонес за здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување 0,5% (оваа стапка е на исто ниво и во 2019 година) и

- за задолжителен придонес за осигурување во случај на невработеност 1,2% (исто така оваа стапка е задржана на исто ниво од 2019 година).

Соодветни стапки се пропишани и за придонес за стажот на осигурување
што се смета со зголемено траење.

Во 2020 година почнувајќи со исплатата на платата за месец јануари се применува даночно намалување во износ од 98.736,00 денари на годишно ниво, односно, даночното намалување при исплата на доход од работа по основ на плата, надоместоци на плата и пензија, на месечно ниво изнесува 8.228,00 денари. Даночното намалување се утврдува врз основа на износот на даночното намалување од тековната година усогласено со 50% од стапката на остварениот пораст на просечната бруто-плата по вработен во минатата година, согласно податоците од Државниот завод за статистика. Така, даночното намалување за 2020 година е утврдено врз основа на износот од 96.000,00 денари (даночно намалување на годишно ниво за 2019 година) и порастот на платите во 2019 година. Значи, на месечно ниво, во споредба со 2019 година, износот на даночното намалување е зголемен за 228,00 денари.

Со цел да се прикаже како зголемувањето на придонесите и износот на даночното намалување во 2020 година влијае на нето платите, во услови кога бруто платата не е зголемена, во продолжение следи пример на пресметка на плата, за кој се зема износ на бруто плата на ниво од 40.000,00 денари.

Табела 1. Пример за пресметка на плата

2019

2020

Бруто плата

40.000

40.000

Придонес за ПИО (18,4% во 2019, 18,8% во 2020)

7.360

7.520

Придонес за ЗО (7,4% во 2019, 7,5 во 2020)

2.960

3.000

Дополнителен придонес за ЗО (0,5%)

200

200

Придонес за осигурување во случај на невработеност (1,2%)

480

480

Вкупно придонеси

11.000

11.200

Основица пред оданочување со данок на личен доход

29.000

28.800

Даночно намалување

8.000

8.228

Основица за оданочување со данок на личен доход

21.000

20.572

Стапка на данок на личен доход 10%

2.100

2.057,2

Нето плата

18.900

18.514,8

Согласно примерот во Табела 1 за бруто плата во износ од 40.000 денари, променетите стапки на придонеси од задолжително социјално осигурување и износот на даночно намалување во 2020 година кај нето платата доведуваат до разлика од 385,00 денари, односно во 2020 година, ако бруто платата остане непроменета нето платата на вработените ќе се намали за посочениот износ. Доколку износот на бруто плата е повисок, на пример 80.000, 00 денари, разликата во нето платите се зголемува и истата изнесува 565,00 денари.

За да останат нето платите на вработените на исто ниво како и минатата година, работодавачите треба да ги зголемат бруто платите, што значи зголемување на нивните трошоци за плати.