Формалното образование ќе ви овозможи нормален живот, доживотното образование ќе ви донесе богатство

Формалното образование ќе ви овозможи нормален живот, доживотното образование ќе ви донесе богатство

„Формалното образование ќе ви овозможи нормален живот, доживотното образование ќе ви донесе богатство.“ - Џим Рон (Jim Rohn).

Нашите компании добро го знаат тоа и континуирано вложуваат во своите вработени, градејќи квалитетен кадар подготвен да одговори на предизвиците кои ги носи глобализацијата, дигитализацијата и зголемената конкуренција.

Водени од барањата на компаниите и очекувањата кои тие ги поставуваат, Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Македонија континуирано организира обуки на актуелни теми кои им овозможуваат на учесниците да стекнат нови знаења и практични искуства во имплементација на законска регулатива, работни процеси, но исто така внимание посветуваме и на меките вештини кои се неопходни за унапредување на работата.

Покрај обуките од отворен карактер организираме и интерни обуки (in-house training) креирани по барање на компаниите кои се реализираат во самата компанија, за вештини и знаења значајни за унапредување и подигнување на нивото на професионалност на своите кадри.

Во насока да ја доближиме нашата комуникација до Вас, преку посебна рубрика на веб-порталот на Комората, континуирано ќе Ви ги пренесуваме искуствата и ефектите од реализираните обуки преку Центарот за едукација и развој при Комората измината недела.

Mihajlo donev 
Михајло Донев, Стопанска комора на Македонија

Изминатата недела (27-31.01.2020 година) ја одбележаа четири едукативни настани, со кои се заокружи целосна реализација на предвидениот план за месец јануари, а посетеноста на истите говори за реалното согледување на предизвиците со кои се соочуваат компаниите во тековното работење. 

1.

Преминот од една во друга календарска година од аспект на архивското работење најдобро може да се види при пописот на документи, отворањето нови броеви и поврзувањето на деловодните броеви од минатата година со нови броеви од тековната година. За таа цел беше разработена тема од канцелариско и архивско работење во насока на олеснување на водењето на документацијата и заведувањето на поголем обем на документи кои се создаваат при работењето, а кои заостанале од минатата година чии незавршени или неодговорени и слични проблематики кои би произлегле на почетокот на годината при отворање на деловодникот и останатата пропратна документација, начинот на користење и одбележување на документите со соодветни организациони единици и користење на рокови на нивно чување.

2.

Мотивацијата на работата е исклучително битен фактор за остварување на работните целите. За тоа колку еден вработен ја разбира целта на компанијата и целта на работното место говорат резултатите кои ги испорачува вработениот на работното место. Еден успешен и мотивиран колектив придонесува својот напор правилно да го насочи кон остварувањето на целта, а тоа впрочем беше главната идеја за организирање на тренинг-обуката „7 точки како да ги постигнеме нашите бизнис цели во новата 2020 година“.

3.

Прашањата и дилемите кои произлегуваат од областа на работните односи во делот на прекршоци и инспекцискиот надзор, беа разработени на семинарот: „Прекршоци од работен однос и превенција на пропусти на субјектите во примената на прописите од областа на трудот“. Учесниците на семинарот, правници, вработени во службата човечки ресурси и адвокати преку овој семинар ги разјаснија дилемите во однос на засновање на работен однос со соодветен договор за вработување, правилно управување со обврските по однос на распоредот на работното време, паузите и одморите, како и обврските кои произлегуваат од исплаќањето на плата.

4.

Поттикнати од идејата за охрабрување на македонските компании за нивно запознавање со можностите и начините за обезбедувањето на финансиски средства од грантови преку планирање и пишување на предлог-проекти, како и пополнување на деловите на апликација за предлог-проект со фокус кон фондовите на ЕУ/ИПА II, како и на други донатори присутни во РС Македонија и Западниот Балкан, организиравме обука на тема: „Подготовка на проекти за грантови од ЕУ и други донаторски програми“ за која покрај компании од приватниот сектор, интерес пројавија и општините и јавните претпријатија кои исто така имаат пристап до овие фондови.

Што следува....

... Семинарите што ќе се реализираат оваа недела ќе дадат одговор на различни таргет групи за прашања кои се однесуваат на нивното работење, со цел градење квалитетен кадар во нашите компании.

П.С. Дополнително Ви го презентираме Планот за едукативни настани кои Центарот за едукација ги организира во месец февруари [ кликни тука ], во насока на Ваше континуирано известување за актуелности и теми од областа на едукацијата.

Михајло Донев

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија