ДИЈАМАНТИ, ДИЈА-ДИЈАМАНТИ...
👁 Прочитано: 1382



ДИЈАМАНТИ, ДИЈА-ДИЈАМАНТИ...

Една од првите институции кои се формирани по втората светска војна во нашата држава со одлука на президиумот на АСНОМ е Геолошкиот завод. Од крајот на 90-тите до 2012 година ваква институција кај нас не постои.

Геолошки карти и геолошка база на податоци нецелосни... Прашање и денес е дали знаеме точно со какви минерални ресурси и резерви од истите точно располагаме.

Можеби под тлото на кое чекориме има дијаманти?! Можеби, а веројатно не...

Заклучно со август 2019 година доделени се 358 концесии за експлоатација на минерални суровини, од кои најзастапени се оние за неметалични минерални суровини (варовници, кварц, глини,и др.), понатаму концесии за јаглен и украсен камен (мермер, гранит, травертин, оникс и др.), вода, песок и чакал, а од металичните минерални суровини бакар, злато и сребро, олово, цинк, антимон манган и железо.

ДИЈАМАНТИ, ДИЈА-ДИЈАМАНТИ...Државата доделува, но и одзема концесии. Да речеме нејзино право, бидејќи сè што ѝ се наоѓа „во утробата“ е нејзин имот и со него ќе располага како цени. Уставот пропишува дека сите природни богатства се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Тој дефинира и дека Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Но, согласно истиот тој Устав Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја, а темелна вредност на уставниот поредок е правната заштита на сопственоста.

Затоа, кога се доделуваат, но и кога се одземаат концесии за експлоатација на минерални суровини, тоа мора да е врз строго утврдени правила, со цел економски развој без да се загрозува животната средина, во постапки кои се правно издржани и кои се извесни, по претходно утврдени „правила на игра“.

ДИЈАМАНТИ, ДИЈА-ДИЈАМАНТИ...Според последните податоци на ДЗС за третото тримесечје од 2019 година Секторот Рударство и вадење камен вработува 6.619 лица, но ако на ова се додадат вработените во придружните дејности, бројката може да се удвои. Дополнително, истиот е од огромна важност од економски аспект за некои македонски региони и значајно придонесува во БДП на национално ниво. Секторот би можел да биде и позначаен ако на пример, државата стимулира поголем степен на обработка на минералните суровини кај нас, со што би се зголемила додадената вредност врз економијата, наместо истите како суровини со низок степен на обработка да се извезуваат во странство.

Ако бевме свесни за значајноста на институцијата Геолошкиот завод, денес ќе знаевме со што располагаме и ќе имавме Биланс на резерви на минерални суровини со увид во состојбата, во експлоатираните количини и во останатите рудни резерви. Ќе имавме и Стратегија за рационално и одржливо искористување на минералните суровини.

Бидејќи не сме и немаме, денес се импровизира со ад хок законски решенија и постапки и се загрозуваат инвестициите во рударството и интересот на државата.

Пораката е: „Наместо импулсивни и инстант решенија, неопходен е системски пристап во сферата на геолошките истражувања и рударството“.

П.С. Текстот требаше да има некој наслов, па „Дијаманти, дија-дијаманти...“ е инспириран од „Дијаманти“ на Слаткаристика и 2 Бона, која патем нема врска со минералните суровини и е наменета за публика без никаков интерес за експлоатација на минерални суровини.

„Време ко на лента ни поминува...“

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија