ЕДИНСТВЕН ПРОЗОРЕЦ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА И ЗАБРЗУВАЊЕ НА ИЗВОЗНО-УВОЗНИТЕ ПОСТАПКИ

   

👁 Прочитано: 559


ЕДИНСТВЕН ПРОЗОРЕЦ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА И ЗАБРЗУВАЊЕ НА ИЗВОЗНО-УВОЗНИТЕ ПОСТАПКИ
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Во изминатиот период се реализираа посети на многу компании-членки на Стопанската комора на Македонија и на истите, меѓу останатото, се разговараше за проблемите со коишто се соочуваат. Многу често како проблем се истакнува дека надлежните институции од кои неопходно треба да обезбедат одредена документација за да реализираат конкретна увозна или извозна постапка, не постапуваат во со закон утврдените рокови, па компаниите чекаат за различни дозволи, сертификати, одобренија и сл., што всушност значи и загуба на финансиски средства. Овој хаотичен систем во кој различни министерства, агенции и други органи издаваат документи е особено плодно тло за корупција, а административците кои работат на издавање на вакви дозволи, сертификати и одобренија имаат третман речиси на „полубожества“. Така, бизнисмени или претставници на компаниите молчат и слушаат некој административец со банално образложение за тоа зошто не може во рок да се постапи, а молчат затоа што и при наредниот увоз или извоз зависат од истиот службеник.

Решението на ваквите проблеми може да биде новиот проект за воведување на единствен прозорец (или „Single Window“), своевиден едношалтерски систем кој ќе го воспостави Царинската управа, со помош на Светска банка, а кој ќе овозможи на единствена точка да се обезбедуваат сите потребни документи за увозно-извозните постапки. Овој концепт на единствен прозорец е промовиран од повеќе светски организации кои се занимаваат со олеснување на трговијата, меѓу кои Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNCE) и Светската царинска организација (WTO), а применет е во повеќе развиени економии. Најчесто прифатена дефиниција за Единствен прозорец е онаа што е дадена со Препораката бр. 33 од UNCE која го дефинира како „систем што им овозможува на страните вклучени во трговијата и транспортот да поднесат стандардизирани информации и документи на единствена влезна точка за да ги исполнат сите регулаторни барања поврзани со увозот, извозот и транзитот".

Економските оператори ќе ги доставуваат потребните информации на едно место, а потоа преку системот ќе се обезбедуваат потребните документи кои се релевантни за прекуграничната трговија. Единствениот прозорец е важна алатка за олеснување на трговијата која очекуваме да придонесе за скратување на времето и трошоците на бизнисот, односно во побрз, потранспарентен и предвидлив процес за обезбедување на потребни документи, помалку бирократија и особено важно намален простор за корупција како резултат на непостоењето на физичка интеракција со институциите и зголемена одговорност на администрацијата.

Царинската управа ја има целосната поддршка од Стопанската комора на Македонија во процесот на воспоставување на овој систем.