ПРАКТИЧНАТА ОБУКА И СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ
👁 Прочитано: 1210



ПРАКТИЧНАТА ОБУКА И СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Успешно средно стручно образование нема без реализирање пракса во компаниите. Тоа е веќе востановена констатација. Ако сакаме да имаме вешти и стручни ученици како потенцијален стручен кадар за фирмите повеќе од потребно е практичната обука да се регулира во Законот за стручно образование и обука и истовремено да се постигне хармонизација со останатите законски прописи.

Искуството на терен покажува дека компаниите по неколку основи се соочуваат со проблеми при реализирање на праксата.

1. Не е дефиниран опфатот (должината) и времето на реализација на практичната обука кај работодавачот.

Во постоечкиот закон за стручно образование и обука е дефинирано дека практичната обука се спроведува кај работодавач и за таа цел, компаниите треба да исполнат одредени барањата за простор, опрема и персонал за да можат учениците да ја реализираат практичната обука. За реализација на практичната обука во својата компанија во законот е дефинирано дека работодавачот задолжително мора да потпише договор со ученикот/родителот и училиштето. За таа цел развиени се два стандарда: Стандард за изведување практична обука на учениците кај работодавачите и Стандард за стручен и друг кадар за спроведување практична обука кај работодавачите .

Но, во Законот не е предвидено колку ќе трае практичната обука и пради тоа во најголем број случаеви практичната обука во компаните (кај работодавач) се реализира само по неколку часа во текот на денот, по одржување на два до три часа настава во училиштата, истиот ден. Таквиот модел не само што не е функционален, туку е и неефикасен и неприфатлив за компаниите. Проблемот е што изведувањето пракса само неколку часа во денот неможе да ги оспособи учениците да стекнат практични вештини и знаења, ниту пак имаат можност да се запознаат со работните процеси во компаниите. За ефикасен систем на учење преку работа, компаниите се на став дека е потребно во текот на една работна недела учениците да поминат најмалку еден до два дена во компании со полно работно време.

За тоа да се проведе, Стопанската комора на Македонија предлага во посебен член од Законот за стручно образование и обука да се дефинира опфат от и време то на реализација на практичната обука кај работодавачот.

2. Не се хармонизирани Законот за стручно образование и обука и Законот за безбедност и здравје при работа.

Со надминување на првиот проблем, дополнително во Законот за стручно образование и обука, потребно е да се допрецизира целокупниот процес на безбедност и заштита при работа за учениците кои реализираат практична обука во компаниите. Имено, согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во овој случај, тој е должен да обезбеди безбедност при работањето и заштитни мерки и за учениците кои реализираат практична обука во неговата компанија. Оттука, во новиот закон за стручно образоавние (или во подзаконски акт) мора да се дефинира кој ќе ги реализира обуките на учениците за безбедност при работа .

3. Не постои законски основ за спроведување задолжителни здравствени прегледи кај учениците кои реализираат пракса во фирмите за специфични квалификации.

За компаниите каде постојат специфични квалификации на работни места, од особено значење е законски да се регулира дека, учениците кои се запишуваат во средните стручни училишта за конкретни квалификации мора да поминат задолжителни лекарски прегледи. Поради спецификата на возраста на ученицитесо подзаконски акт мора да се регулира кој ќе го врши лекарскиот преглед, училишната или трудовата медицина или и двате, кога станува збор за специфичните квалификации.

4. Не е регулирано на чиј товар се трошоците за реализација на практичната обука.

Ако сакаме квалитетна практична обука, мора да имаме на ум дека процесот изобилува со многу трошоци:

1. реализација на обуки за учениците за безбедност при работа;

2. превоз и храна на учениците каде реализираат практична обука;

3. осигурување на учениците;

4. здравствени лекарски прегледи на учениците и

5. опремување на лаборатории и училници во училиштата.

Затоа неминовно е со посебен член во Законот за стручно образование и обука да се уреди кои ќе ги покрива трошоците за определени активности.

Конечно мора да започне имплементацијата на членот 15 од постоечкиот Законот за стручно образование и обука со кој работодавачот има право да се стекне со финансиски, царински и даночни олеснувања, но и истиот да обезбеди надоместок за ученичката работа по примерот како што тоа го прави ЕВН Македонија.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија