ШТО ЈА ОБЕЛЕЖА ГОДИНАВА?

   

➤ ОБРАЗОВАНИЕ (26.12.2019)
👁 Прочитано: 3797


ШТО ЈА ОБЕЛЕЖА ГОДИНАВА?
Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Изминува и оваа 2019 година. Година како и секоја друга, исполнета со многу предизвици и настани во сите области. Датум за почеток на преговори со ЕУ не добивме, но тоа не смее да не` обесхрабри, туку напротив треба со решителни чекори да почнеме со решавање на проблемите кои беа пречка за добивање на датумот.

Стопанската Комора на Македонија работеше на зголемување на атрактивноста на стручното образование и обука и воспоставување на дуалното образование како можност за создавање на оспособени, стручни и компетентни лица со релевантно образование и обука и подобрување на врската помеѓу пазарот на труд и образовниот систем. Комората организираше повеќе настани (работилници, трибини, панел дискусии) за промоција на стручното образование и обука: ,,Предизвици во имплементацијата на дуалното образование, споделување искуства "; „ Предизвици за подобрување на дуалното образование - идни чекори“; „Стручен кадар по мерка на бизнисот“, а нејзини претставници учествуваа и на други трибини и работилници на иста тема: „ Дизајнирање на образовни профили во согласност со потребите на бизнисот" и „ Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила“ . Стручното образование беше една од темите на состаноците на здруженијата во рамките на Комората и регионалните комори . Не изостанаа ниту анализите на кои работеше Комората во насока на предвидување на потребите од вештини и занимања и за интересот на компаниите за вклучување во дуалното образование, меѓу кои: ,,Опис на специфичните вештини потребни за водечките компании”; ,,Анализа за предвидените потреби од занимања во клучните седум сектори на квалификации“; ,,Идентификување на празнините помеѓу понудата на неформалното образование и потребите на бизнисот“ и многу други. Дури 63% од компаниите кои беа опфатени со анкетното истражување се изјасниле дека од нивни интерес е воспоставување на дуалното образование како можност во иднина да обезбедат свој кадар.

Оваа 2019/2020 учебна година започна реализацијата на реформираните четиригодишни образовни програми во сите сектори на квалификации дизајнирани според потребите на пазарот на труд и зголемени часови по практична обука во реална работна средина. Во изработката на образовните програми учествуваа претставници од бизнис-секторот.

Годинава, првата генерација на ученици на ЕТУЦ „Михајло Пупин“ од Скопје преку дуалното образование ја реализира завршната година од пилот-програмата на Проектот 20/20/20, дизајнирана според специфичното работење на компанијата АД „ЕВН Македонија“ и по завршниот испит ќе се стекнат со квалификацијата електромонтер со можност да бидат вработени во АД „ЕВН Македонија“.

Не смее да се заборави ниту на натпреварот „Лидер на струка“ на кој учениците од стручните училишта практично ги презентираа стекнатите вештини и компетенции.

Можеби овие, а и други настани придонесоа за благо зголемување на бројот на запишани ученици во стручните училишта. Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, во учебната 2017/2018 година, од вкупниот број на 71.458 ученици, бројот на запишани ученици во стручните училишта изнесуваше 41.474 ученик, додека минатата учебна 2018/2019 година од вкупниот број на 71.650 ученици, во стручните училишта се запишале 42.958 ученици.

И оваа 2019 година, нашата земја повторно, според Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, има умерен напредок во областа на образованието. Позитивно, се гледа на пилотирањето на реформираните стручни наставни програми, подобрување на квалитетот на практичната обука и зголемената вклученост на бизнис-заедницата. Континуирано се посочува дека треба да се воведе пофлексибилен и динамичен образовен систем и модуларен наставен план за стручно образование и обука. Не е за пофалба тоа што се забележува дека образовниот систем останува ранлив на политичкото влијание и корупцијата и дека се` уште постои јаз помеѓу вештините што ги стекнале учениците и оние што ги бараат компаниите. Многу малку се вложува во професионалниот развој на наставниците во стручното образование и обука и постои неефикасност во трошењето на средствата во образованието.

Годината ја обележаа и иницијативите што ги поднесуваше Стопанската комора на Македонија до Министерството за образование и наука за системско уредување на дуалното образование и хармонизација на законите од областа на образованието кои се ограничувачки фактор за непречена реализација на дуалното образование. Комората бараше поголемо вклучување на претставници од коморите во работните групи за изготвување на нови закони од областа на образованието и обуката или за измена на постојните, воспоставување на систем за професионално насочување на учениците во основното образование, како и соодветно вреднување на работата на наставниците и зголемување на издвојувањето на средства од БДП за образованието од 3% на 5%.

Беше донесен Законот за основното образование, без да се прецизира Стандард на квалификација во кој се опишуваат основни знаењата, функционални вештини и компетенции што се потребни ученикот да ги стекне за да биде оспособен за својот живот. Новина во Законот е воведување на професионалната ориентација и насочување на учениците, за која инсистираше Комората, што ќе придонесе да се излезе во пресрет на барањата на бизнис-заедницата и создавање идна работна сила, барана на пазарот на труд.

Се објавија и резултатите од меѓународното ПИСА 2018 тестирање и нашите учениците беа на 68-то место од 77 земји кои учествуваа во мерењето на знаењата. Ваквиот резултат се должи на застарениот пристап во процесот на настава и учење во кој фокусот се става на меморирање и репродуцирање на содржините од програмата, наместо да се развива критичко мислење кај учениците, да се поттикнува читање со разбирање и учење со применливост на стекнатите знаења.

2019 година ја завршуваме со донесување на нов Закон за образование на возрасните и со измени на Законот за стручно образование и обука кои се наоѓаат во собраниска процедура.

Во новиот Закон за образование на возрасните ќе се уреди процесот на валидација на неформалното и информалното учење за да се овозможи препознавање и признавање на знаењата, вештините и компетенциите кои ги стекнале лицата низ своето искуство за олеснување на нивното вработување. Но се` ќе биде беспредметно и Законот ќе изгуби од својата применливост доколку во подзаконските акти не се прифатат сугестиите од Стопанската комора на Македонија и не се олесни процесот на верификација на посебните програми и акредитацијата на институциите кои нудат образовни услуги со цел да се излезе во пресрет на барањата на бизнис-заедницата за обезбедување кадар, со обуки за преквалификација и доквалификација на невработените и вработените.

Измените на Законот за стручно образование и обука опфаќаат регулирање на регионалните центри за стручно образование и обука кои ќе се воспостават за стекнување на квалификации потребни на бизнисот и за локалната заедницата. Но повторно се оди на парцијални измени во законот со кои се регулира една област, а се заборава на друга. Се прават реформи во стручното образование и обука, се воведуваат принципи на дуално образование, но системски не се решаваат. И повторно нови измени, нови дополнувања. Потребно е носење нов Закон за стручно образование и обука во кои ќе се внесат процеси, права и одговорности за квалитетно стручно образование кое ќе обезбедува стручни теоретски знаења, но и практични вештини кои ќе се стекнуваат на релевантно работно место, во компанија.

Но за измените во некој нареден текст.

Останува да посакаме следната година да биде поуспешна од оваа.