ИЗВОЗНИЦИТЕ НА ВЕТРОМЕТИНА

   

👁 Прочитано: 3002


ИЗВОЗНИЦИТЕ НА ВЕТРОМЕТИНА
Биографија
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор
на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања

На почетокот, некој, читајќи го насловот на текстот и донекаде неговата содржина, во еден момент можеби ќе си помисли, па добро, ова е економска тема, што имам јас со тоа? Зошто би читал и би си го губел времето? Но, не е така. Поврзани сме сите ние со оваа тема, и тоа како. Ако сакаме да патуваме низ светот, потребни ни се девизи за да можеме тоа да го платиме. Ако сакаме да купуваме најразновидни производи од увоз, некој треба тие производи да ги плати со девизи за да ги донесе тука. Ако сакаме да има доволно евра во банките и менувачниците и едно евро да чини 61 денар, некој треба да ги заработи и донесе тие девизи таму. Извозниците се хероите што тоа го прават!

Во последните неколку месеци се одвива една голема активност на Стопанската Комора на Македонија. Секојдневно паралелно се реализираат посети на голем број фирми, вклучително и на најголемите извозници од земјава. Ваквата активност вклучува динамика, бројни состаноци со сопственици или директори на фирми во краток период, непредвидливи временски услови при патувањата,... Некому можеби тешко би му паднало сето тоа, но јас баш уживам. Ваквите средби се директен контакт со она што се вика реален сектор на економијата. Автентични, оригинални приказни, колку бизнис толку и човечки, за предизвиците, за борбата за преживување и успех не само на домашниот туку и на странските пазари.

Бесмислено е да истакнуваме колку е важен извозот за нашиот економски опстанок и напредок. Ние сме мала земја, со минијатурен домашен пазар и домашна побарувачка, така што секој бизнис што се развива и чие производство или трговија расте, мора да обезбеди пласман на странски пазари. Нема алтернатива, економскиот раст на земјава мора да биде воден од извозот. Затоа, извозот во секој момент мора да биде во фокусот на оние што ги дизајнираат економските политики. Во вакви околности, сосема нормално е човек да очекува дека работите всушност и да бидат такви. Дали навистина се? Еве само неколку укажувања на извозните компании. Некои се генерални, помалку или повеќе посочени од сите извозници. Некои се нивни поединечни гледишта.

Најпрвин, земјава и после децении независност нема јасна, конзистентна долгорочна извозна стратегија. Нема ефикасни механизми за помош на извозници. Фирмите конкуренти на странските пазари, но и на македонскиот пазар, ја имаат поддршката од своите земји. Некои земји им даваат на извозниците извозни стимулации. Ваквите потези, иако можеби реализирани на нетранспарентен начин, создаваат нелојална конкуренција за македонските извозници. Некои извозници го поставуваат прашањето како е можно истиот производ странска фирма да го продава поскапо дома одошто во нашата земја.

Понатаму, извозниците истакнуваат дека треба посебно внимание да се обрне на македонските фирми што извезуваат софистицирана опрема, машини и слично, што подоцна се користи за производство на делови кои се вградуваат во светски познати производи. Таквите извозници во било која земја би биле ставени на пиедесталот.

Извозници истакнуваат дека е потребно да се зголеми ефикасноста на административните процедури. Посочуваат примери на развиени земји каде што било каква дозвола од надлежните државни органи се добива во стриктно наведениот рок. Или, на пример, кај извозот на зеленчук и овошје, стриктна контрола на примената на контролиран семенски материјал, ѓубрива и средства за заштита на земјоделското производство за тоа да биде со квалитет што не е под нивото пропишано со регулативата на пробирливите странски пазари.

Извозниците очекуваат поголем ангажман и поддршка од македонската дипломатска мрежа. Наведуваат примери на ситуации кога очекувале македонските дипломати да покажат барем минимален интерес за фирмите што се присутни на пазарот на земјата во која тие ја претставуваат земјата. Некои извозници посочија дека им недостасува присуството на економски промотори заради нивното постојано присуство на странскиот пазар. Ова не е изненадување. Прашањето за економска дипломатија, ставена во функција на прагматична поддршка на македонскиот бизнис во странство, е една од темите што Стопанската Комора на Македонија веќе подолг период ја држи во фокусот.

Наместо заклучок, кога се споредуваат со конкуренцијата на странските пазари, извозниците од земјава се чувствуваат оставени на ветрометина, да се борат сами, често и со нелојална конкуренција. Оваа перцепција треба да ги замисли и мотивира за поголем ангажман сите што можат да придонесат во процесот.

Инаку, ако сакате да прочитате и белешки од средби со поединечни компании, подготвени од вработените во Стопанската Комора на Македонија, тоа можете да го прочитате на веб страната на Комората, http://www.mchamber.mk/.