ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО АВСТРИЈА, МОЖНОСТИ И ПОУКИ

   

👁 Прочитано: 2537


ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО АВСТРИЈА, МОЖНОСТИ И ПОУКИ
Биографија
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор
на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања

Минатиот месец имавме заедничка прес конференција со амбасадорот на Австрија во земјава, Н.Е. Георг Вуцас. Тоа е дел од новата активност на Стопанската комора на Македонија започната пред извесно време. Станува збор за серијал на анализи и заеднички прес конференции со амбасадорите на селектирани земји со кои нашава земја по некој основ има или може да има високо ниво на економска соработка. Патем, во овој процес, согледав неколку работи што ми изгледаат поучни и интересни за да се споделат.

Податоците покажуваат дека од осамостојувањето на Македонија па заклучно со 2018 година Австрија е втора на листата на земји од кои дошле најмногу странски директни инвестиции, 687 милиони евра, или 12,9% од  вкупните странски инвестиции што воопшто влегле во земјава. Уште повеќе,  согласно укажувањата на претставниците на Австрија, доколку се вклучат нивните најнови податоци за случувањата во 2019 година, Австрија се искачува на прво место!

За некого ова може да изгледа изненадувачки, но ако се свртите околу себе ќе видите дека тука е ЕВН, А1 во секторот телекомуникации, Шпаркасе банка (по преземањето на Охридска банка, сега веќе четврта најголема банка во земјава), Осигурување Македонија (Виена Иншуранс Груп) и Граве во осигурителниот бизнис, итн, да спомнеме само некои од најочигледните.

За разлика од странските директни инвестиции, кај надворешно-трговската размена работите изгледаат помалку импресивни. Во 2018 година, Австрија се наоѓа на 9-то место на листата на најважни странски пазари за извоз на македонски производи. На страната на македонскиот увоз, Австрија се наоѓа на 15-тото место. Но, и покрај тоа, учеството на извозот кон Австрија и увозот од Австрија низ годините се движеле во распон до 2% од вкупниот македонски извоз и увоз.

Се разбира, можностите за зголемување на економската соработка во иднина се големи, особено во делот на надворешно-трговската размена, и не е преоптимистички да се очекува дека тие ќе се реализираат. Контекстот е многу добар, двете земји имаат одлични билатерални односи и дијалог на највисоко ниво. Австрија е и останува силен поддржувач на евроинтеграциските заложби на земјава.

Она што дополнително остава впечаток се одредени поуки што можат да се извлечат од сопственото искуство на Австрија и она што го кажа амбасадорот Вуцас на заедничката прес конференција. За австриската економија членството во ЕУ било пресвртна точка, момент од кој започнал процес на нејзнина трансформација што резултира со тоа денес Австрија да има отворена економија, со диверзифициран извоз. Според одредени проценки, од секои 10 заработени евра, 6 се поврзани со извозна активност. Подобрена е конкурентската способност и се освојуваат нови пазари. Германија и натаму е најголем надворешно-трговски партнер на Австрија, но на второ место сега се САД.

Понатаму, низ целиот процес на сопствена економска трансформација и развој, прашањата за здрава животна средина биле високо на листата на приоритети на Австрија. Своевремено, реките и езерата биле многу загадени од сите отпадни води што во нив се влевале. Со систематизиран пристап сето тоа е во доведено до состојба денес да биде извонредно чисто. Поуката е дека животната средина не е жртва на економскиот раст и развој на Австрија. Напротив!

И, наместо заклучок – ништо не е случајно. Мене ми изгледа дека Австрија има паметна стратегија, меѓу другото, фокусирана е на регионот на Југоисточна Европа, регион што одлично го познава (чисто информативно - Австрија имала свој конзулат во Битола уште во 1851 година). Имајќи го предвид процесот на безбедносното стабилизирање што е во тек, по ширењето на  НАТО во овој регион, и активностите во рамки на „Берлинскиот процес“  за кои гледаме дека со текот на времето се интензивираат, лесно може да се заклучи дека Австрија  е одлично позиционирана за максимизирање на ефектите од настаните што се во тек и од периодот што доаѓа. Така е тоа, некои земји гледаат подолгорочно на работите и имаат план за иднината.