БИЗНИСОТ ИМА ПОТРЕБА ОД ЕФИКАСНА АДМИНИСТРАЦИЈА
БИЗНИСОТ ИМА ПОТРЕБА ОД ЕФИКАСНА АДМИНИСТРАЦИЈА
Биографија
д-р Елена Милевска Штрбевска
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања

Во услови на пазарна економија, примарната улога на државата во поттикнување на растот на економијата на земјата е да креира квалитетен амбиент за работа што поттикнува инвестиции и отворање нови работни места. Тоа значи дека државата треба првенствено да обезбеди постоење на силни и стабилни институции, правна сигурност и владеење на правото, макроекономска стабилност, компетентна и ефикасна јавна администрација, квалитетен образовен систем итн.

Довербата во институциите на системот е прашање од клучно значење, а довербата може да постои само доколку имаме силна, посветена, ефикасна и чесна администрација, која ги исполнува сите услови за да биде сервис на граѓаните и бизнисот, наместо товар.

На трибината во Комората, посветена на владеењето на правото, како императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис, што се одржа во август оваа година, исто така, еден од заклучоците беше и дека ефикасноста на институциите на системот во голема мера може да придонесе за поттикнување на економскиот раст, а со тоа и на благосостојба на граѓаните и подобри услови за живот воопшто. А токму функционалните институции и ефикасната администрација е тоа што ни недостасува.

Надминувањето на проблемите поврзани со спората администрација, паралелизмот или преклопувањето на надлежностите на бројни државни институции (агенции, комисии, управи), развивањето на слободни медиуми – чувари на демократијата и создавање амбиент на „неисплатливост“ на непочитување на регулативата и свест дека не може да се помине неказнето во случаите на злоупотреба на службената положба и овластувања се прашања за кои треба да се преземат итни превентивни, па и репресивни мерки, како реална претпоставка за непречено функционирање на институциите на системот.

Поради овие причини, многу пати досега е потенцирано дека е многу важно прашањето за државната администрација , како од аспект на трошоците, така и од аспект на (не)компетентноста на вработениот кадар во одредени сектори, од што во голема мера зависи и квалитетот и брзината на државните услуги што му се потребни на бизнисот.

Како еден од битните услови за подобрување на состојбите во стопанството и особено за привлекување на странски инвестиции е и прашањето на реформи во државната администрација и обезбедување стручна, професионална, непристрасна и непартиска администрација.

Залагањата на бизнис-заедницата во реформата на јавната администрација се насочени кон постигнување на следните цели:

1. Рационализација на администрацијата и нејзино сведување

на оптимално ниво.

Гломазноста на јавната администрација упатува на заклучокот дека државата е најголем работодавач, а моменталниот број на вработени лица во јавната и државната администрација е несоодветен и на финансиските потенцијали на нашата држава, имајќи ги предвид големината на државата и обемот на средства од стопанството кои го полнат домашниот буџет.

2. Креирање современ и објективен систем за мерливост на ефикасноста и ажурноста на работењето на јавната администрација, а особено на државните и јавните службеници при издавањето на разни видови документи, заради поголема ефикасност, стручност и транспарентност на национално и на локално ниво.

Како прилог кон слабата ефикасност и бирократизацијата на јавната и државната администрација може да послужат сознанијата од бројните анкети спроведени за потребите на Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори. На прашањата кои се најголемите проблеми на кои наидуваат во своето работење и на водењето на бизнисот, покрај прашањата поврзани со долгите судски постапки, конкурентноста и продуктивноста, одговорите се следните: бирократизација, долгите постапки околу обезбедување на градежни дозволи, административните постапки во катастарот на недвижности поврзани со сопственичко-правните односи, постапката за затворање на бизнис, непочитување и пролонгирање на законските рокови на надлежните органи за добивање определени одобренија, дозволи и слично.

Токму бирократизацијата на административните службеници се потенцира како најголем проблем за водењето на бизнисот. Поради тоа фирмите се изложени на големи административни пречки и трошат многу време за добивање на одредени документи од надлежните органи и подлежат на големи финансиски трошоци.

3. Стопанската комора на Македонија предложи платите на административните службеници да се зголемат и да бидат стимулативни во однос на ефикасноста и одговорноста, бидејќи тоа е еден од условите за намалување на појавите на корумпираност.

Како еден од клучните фактори кој е во прилог на поттикнување на ефикасноста и ажурноста на административните службеници е и постоењето на ефикасен прогресивен систем за наградување, во зависност од постигнатите резултати во работењето. Тоа е непосредно поврзано со воспоставувањето на системот за мерливост на ефикасноста и ажурноста во работењето, кој во најблиска иднина мора да се применува доследно, ако сакаме да имаме напредок во работењето на јавната администрација, а сето тоа да биде во интерес на бизнисот, во делот на брзо и ефикасно завршување на административните постапки за разни прашања поврзани со нивното работење.

4. Создавање стручна, професионална, деполитизирана и департизирана јавна и државна администрација.

Реалните состојби укажуваат дека голем број од административните службеници се во голем дел партизирани и политички пристрасни во нивното работење. Стручниот аспект е ставен во втор план. Не ретко имаме примери кога заради политичкото и партиско влијание, во практиката стручноста и професионалноста на јавната администрација не се на задоволително ниво. Тоа има сериозно негативно влијание на ефикасноста на администрацијата и на дисконтинуитетот на нивната стручна работа. Голем број наши членки наидуваат на проблеми токму поради овие причини. Од друга страна, тоа влијаеше многу проекти да не се реализираат или да се развлекуваат, реформите во многу области се пролонгираа, а во разговорите со претставниците на ЕУ и другите меѓународни организации кон кои нашата држава сака да се приклучи оставаме впечаток на некомпетентност и нестручност.

Поради тоа, потребно е воспоставување високи стандарди за компетентност на јавната и државната администрација, добро познавање на областа и на правната регулатива, особено правото на Европската унија, добро познавање на странски јазици и менаџерско искуство.

Без брзи и ефикасни административни постапки, без намалување на бирократизацијата и без професионална администрација, не може да одиме напред!