КРЕАТИВЕН ПРИСТАП ВО УРБАНИСТИЧКОТО ПЛАНИРАЊЕ

   

👁 Прочитано: 1606


КРЕАТИВЕН ПРИСТАП ВО УРБАНИСТИЧКОТО ПЛАНИРАЊЕ

Законот за урбанистичко планирање треба да претставува устав на градежништвото, кој ќе овозможи остварување на целите и начелата на урбанистичкото планирање и воедно ќе остави простор за креативност на планерите при подготовката на планските документации – беше дискутирано на работната средба што д-р Татјана Штерјова, директорка на Дирекција и м-р Нена Николовска, соработник во Стопанската комора на Македонија ја остварија со Јорго Шундовски, архитект и директор на компанијата ФОРМИ во Битола.

ФОРМИ е проектантско биро со долгогодишно искуство во проектирањето и изработката на плански документации кое располага со висококвалификуван кадар – архитекти и градежни инженери и долгогодишна членка на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите. Во таа насока, компанијата преку своите стручни кадри дава значаен придонес во подготвувањето на иницијативите и мислењата на Здружението во врска со прописите од областа на урбанизмот и уредувањето на просторот.

Во врска со претстојните активности за донесување на нов Закон за урбанистичко планирање, на средбата беше истакнато дека донесувањето на овој закон меѓу другото треба да овозможи развој на просторот во урбаните зони, а притоа со посебен акцент да води грижа за заштитата на животната средина и зачувување на околината, да овозможи брзи комуникаци, модернизирање и упростување на постапките, да ги дефинира зоните за градење, да остави простор за креативност и идеи при изработувањето на планските документации и да ги додефинира намените во планските документации со можност за што поголема нивна искористеност и функционалност.

Дополнитено, на средбата беше истакнато и значењето на Законот за просторно планирање, Законот за градење и останатите прописи кои заедно со Законот за урбанистичко планирање треба да обезбедат еден системски пристап и усогласеност на целокупната правна рамка од областа на градежниот сектор.

м-р Нена Николовска