ШТО ИМ Е ПОТРЕБНО НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ, А ШТО НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ?
ШТО ИМ Е ПОТРЕБНО НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ, А ШТО НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ?
Биографија
д-р Елена Милевска Штрбевска
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во декември минатата година ја објави публикацијата „Бела книга 2018“ во којашто се опфатени иницијативи и препораки за создавање подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис во земјава.

Што им е потребно на странските инвеститори кои работат во земјава?

1) Реализација на иницијативите во делот на даночната политика

Овде пред се станува збор за коментарите и препораките од „Белата книга“ од делот 4.8 фискално и парафискално оптоварување и 9.1.работна група за даноци и финансии, кои се главно насочени кон:

- иницијативите за предвидливост на даночните правила кои се суштински важни за прекуграничната трговија, инвестициите на бизнис секторот, отворањето нови работни места и економскиот раст;

- воспоставување регистар на неданочни (парафискални) давачки кои постојат во државата, со цел нивно оптимизирање и рационализирање, за да не претставуваат преголем товар на бизнисот, а во таа насока и системска ревизија за нивно постепено редуцирање;

- ревидирање на увозните царински давачки за суровини и репроматеријали, од причина што Република Северна Македонија има поголеми царини за увозот на многу компоненти што се потребни за производство на технолошки напредни производи во царинските стапки кои се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ. Ова ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции за другите земји-членки од ЕУ и земјите од регионот и дополнително ги прави неконкурентни македонските производи, во споредба со земјите-членки на ЕУ. Поради тоа, неопходно е ревидирање на царинските стапки, со цел зајакнување на конкурентноста, како и поголема атрактивност на земјата при привлекување на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори.

2) Структурни реформи во системот на формално образование, што се однеусва на имплементација на определни мерки од делот 4.3 од Белата книга посветен на оваа проблематика. Тоа во суштина би значело дека е неопходно преку дијалог со бизнис заедницата да се креираат соодветни мерки со кои ќе се избалансира понудата и побарувачката на пазарот на трудот, пришто потребни се мерки на краток и среден рок, кои ќе овозможат спречување на процесот на масовна миграција на младото работоспособно население и нивно интегрирање во работниот процес во домашните и странските компании кои работат во земјава, но и мерки на долг рок, во насока на поддршка на процесот на имплементирање на дуалното образование, како систем кој ќе продуцира стручен кадар по мерка на бизнисот.

3) Учество на најрепрезентативните претставници на бизнис заедницата во Економско-социјалниот совет

Во насока на реализација на барањата на странските инвеститори од деловите што се однесуваат на препораките од работните групи за човечки ресурси и за безбедност и здравје при работа, несомнено е дека е неопходно реформирање на Економско-социјалниот совет. Во насока на поефикасно следење, проучување и оценување на влијанието на економската и социјалната политика и мерките на економската политика на економската и социјалната стабилност и развој се наметнува потребата од вклучување на најрепрезентативните стопански комори и советот на странски инвеститори во ова тело, со оглед на фактот што истите ги застапуваат интересите на најголемите и најреномираните компании во земјава кои вработуваат најголем број лица. Дополнително, треба да се нагласи дека во трипартитниот дијалог директно треба да учествува Владата, како една од страните, наместо дијалогот на биде симнат на пониско ниво, односно на ниво на Министерството за труд и социјална политика, како што често се случуваше во досегашната практика на функционирање на трипартитниот дијалог во државава. Актуелните трендови на пазарот на трудот, масовната миграција на работоспособното население и недостатокот на работна сила неминовно ја наметнува потребата за вклучување на нови партнери во Економско-социјалниот совет како тело кое ги разгледува законските и други прописи, национални стратегии и програми кои што се во врска со економско-социјалните интереси на работниците и работодавачите.

4) Консултација со деловната заедница

Развивањето на јавно-приватниот дијалог е значаен фактор за позитивен економски раст и затоа носителите на економските политики во државата треба да му дадат максимално внимание преку креирањето на мерките на економската политика. Енергичниот придонес на приватниот сектор во меѓусебниот дијалог со Владата, неговото учество во креирањето економски политики, заложбата кон подобрување на квалитетот на претставувањето на бизнисот треба да се предуслов за добро владеење, одржливи реформски промени и основа за економски напредок. Поради сето тоа , Советот на странски инвеститори треба да биде незаобиколен партнер во консултациите при носењето закони, измените и дополнувањата на законите и подзаконските акти, како и мерките на економската политика кои ги преземаат носителите на државната власт, и тоа да биде поставено како врвен приоритет.

5) Сузбивање на корупцијата и неформална економија

Инструментите за борба против измама и неформалната економија, како и намалување на затајувањето на данок треба дополнително да се зацврстат за да се обезбеди поголема конкурентност на пазарот на сите нивоа и владеење на правото, како императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис.

Ако ги разгледаме внимателно овие барања и иницијативи, ќе сфатиме дека тие не се ништо поразлични од барањата и предлозите на домашните компании. Во суштина, бизнис-заедницата, без оглед дали е претставена од компаниите со странски капитал или домашните компании, има еднакви потреби за подобрување на бизнис-климата во државата и создавање подобри услови за водење бизнис.

Тоа се покажа и на Самитот Македонија 2025, кој се одржа оваа недела, каде на панелот насловен како „Југоисточна Европа – растечка неизвесност или посветла иднина ?“ Сите учесници, вклучувајќи ги претставниците на домашните компании, странските инвеститори, па дури и претставниците на македонската дијаспора, се согласија дека во Македонија се потребни структурни реформи коишто би можеле да придонесат за подобар напредок доколку се имплементираат доследно , а притоа меѓу позначајните се посочија:

- системските промени во образованието и континуирана грижа за развојот на човечките ресурси како основен двигател за развој на бизнисот , а сето тоа во согласност со потребите на бизнисот и создавање услови тие да се задржат во земјава и да се искористи нивниот потенцијал;

- потребата од с оздавање стручна, професионална, а деполитизирана и департизирана јавна и државна администрација . Факт е дека бизнисот има потреба од брзи и квалитетни услуги испорачани од државната администрација, а подобрувањето на состојбите на овој план, не само може да придонесат подобри услуги за бизнисот, туку можат да помогнат и во искоренување на корупцијата. Од тие причини, примерите од земјите од Европската унија, кои имаат помала, а добро платена администрација се значаен поттик за нас, да веруваме дека се можни и реални ваквите барања на бизнис-заедницата и да инститираме тие да се реализираат.

- развој на функционални државни и јавни институции, како првата значајна алка за ефикасно функционирање на државата и остварување на целите на нејзиното постоење, кое треба да биде насочено кон економска благосостојба и подобри услови за живот и на нејзините граѓани, и на бизнисот и на општеството како целина.

- На крајот, не не и помалку значајно, е и прашањето за владеење на правото, поголема правна сигурност и предвидливост на условите за водење бизнис, како императив за подобри услови за водење бизнис во земјава, но и како најзначајна претпоставка за натамошен економски, културен и социјален напредок.

Бизнисот, исто така, укажува дека економските приоритети за наредниот период треба да бидат насочени кон реализација на нашиот проект „3И – инвестиции, извоз и инфраструктура“, чија реализација не може, а да нема позитивен импакт врз целокупната економија и економскиот раст.