ПОВРЗУВАЊЕ НА УСПЕШНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЗЕМЈАТА И СТРАНСТВО

   

👁 Прочитано: 526


ПОВРЗУВАЊЕ НА УСПЕШНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЗЕМЈАТА И СТРАНСТВО
Биографија
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор
на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања

Мајк Зафировски е поранешен долгогодишен директор на Моторола, менаџирал и во Џенерал Електрик, бил член на Бордот на директори на Боинг. Џон Битов Помладиот е сопственик на бројни бизниси во Канада, своевремено основач на Торонто Репторс, тековните шампиони во американската НБА лига. Вера Ставроф е успешна бизнисменка во фармацевтскиот бизнис во САД. Роберт Арсов е виш директор на одделот за инвестициско банкарство и пазари на капитал во Гугенхајм Партнери. Ана Арсов е директор на тимот на Мудис за финансиски институции во САД. Невенка Димитрова, Алек Ицев, Кати Ицева, дел од менаџерските структури во Филипс, Гугл и Мајкрософт...... Импресивна листа. Што ги поврзува сите нив? Тие се дел од Бордот на директори на невладината организација „Македонија 2025“. Група врвни експерти и личности со огромен ентузијазам, обединети под мотото: Да се помогне во градењето посилна нација!   

И навистина и' помагаат на Македонија. Формите преку кои „Македонија 2025“ ја остварува својата мисија се бројни. Разновидни едукативни програми кои овозможија дополнителна првокласна  едукација во странство за бројни извршни директори и претприемачи. Одржување на редовен годишен самит како своевидна платформа за размена на погледи и идеи на странски и домашни лидери и презентација на инспиративни примери. Изработка и користење на т.н. матрица за мерење на економскиот напредок на земјава, итн. 

Имајќи го сето ова предвид, сосема логичен беше потезот на Стопанска Комора на Македонија за воспоставување на соработка со „Македонија 2025“. Пред неколку дена, на годинешниот самит, во рамките на посебно организиран настан, беше потпишан Меморандум за соработка. Намерата е да се зацврстат врските помеѓу македонската бизнис заедница и оваа елитна група на бизнисмени, македонци или со македонско потекло, лоцирана надвор од земјава.

Можностите за соработка се огромни и инкорпорираат разновидни активности. Да спомнеме само некои. На пример, ќе се врши размена на информации и активности околу олеснување на бизнис соработката помеѓу членки на Комората и странски компании, вклучително и чекори за зголемени извозно-увозни активности. Ќе се организираат разни настани (трибини, презентации, семинари, обуки, конференции) од взаемен интерес на двете организации, насочени кон различни целни групи. Ќе се канализира и трансфер на знаење преку различни форми на едукација што заеднички ќе биде организирана и реализирана. Ќе се организираат и спроведуваат заеднички истражувачки проекти и взаемна размена на информации за резултатите од истражувањето.

Преку лепезата разновидни активности од заеднички интерес идната соработка помеѓу Стопанската Комора на Македонија и „Македонија 2025“ ќе придонесе за подобри перформанси на македонските компании, што ќе доведе до забрзување на растот на македонската економија и развој на македонското општество. Некогаш добрите решенија во основа се многу едноставни.