Минатиот викенд, во периодот од 22-24 март 2019 година, во Дубровник, Р. Хрватска, се одржа 6. Регионален самит на претприемачи од Централна и Југоисточна Европа „300 НАЈДОБРИ“. Како и секоја, така и оваа година, целта на Самитот беше да се даде јавно признание и да се привлече вниманието на јавноста кон успехот на претприемачите и лидерите кои со својот особен придонес за развој на претприемништвото во регионот значително го поттикнуваат економскиот и општествениот развој.
Во друштво на 346 компании од Австрија, Црна Гора, Хрватска, Италија, Норвешка, Словенија, Северна Македонија и Србија, оваа година компанијата „КАМ“ ДОО, доби специјална награда и признание во категоријата „Stvaratelji za Stoljeća“ (Творци за векови), за развој на идеи, иновации и инвестиции во претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа. Компанијата беше наградена за одличните досегашни резултати, како и за идните планови за инвестиции во развојот и унапредувањето на услугите и ширењето на своите капацитети на пазарите на соседните земји.
„Кам Маркет“ е најголемиот дисконт во Македонија со 71 маркет низ целата територија, кој оваа година бележи 20 години од своето постоење. Со годишен обрт од 135 милиони евра и 6-6,5 милиони нето добивка, „Кам Маркет“ е водечки синџир во Р. Северна Македонија во последните три години. Нивниот асортиман се состои од околу 1200 увозни и домашни производи, со повеќе од 400 актикли пакувани под сопствена марка. Од 2017 година „КАМ“ се шири кон соседните земји, отворајќи 10 маркети во Софија, Бугарија и 11 во Косово. Во 2019 година, компанијата планира дополнително проширување со отворање дополнителни 10 маркети во Косово и 5 маркети во Софија, Бугарија.
Оваа експанзија ќе им донесе поголем обем на продажбата (за почеток околу 15% пораст од сегашните количини) со намера да го подобрат и прошират нивниот деловен однос. Остануваат посветени на одржување и зголемување на квалитетот на нивните производи, притоа нудејќи им на своите купувачи висок квалитет по најконкурентни цени. Оригиналниот фокус на компанијата е примарно внимание на потребите на купувачите, концентрирајќи се на куповната моќ.
м-р Сања Николова