РАБОТА ЌЕ ИМА, ПОЧНУВА ГРАДБАТА НА ИНФРАСТРУКТУРНИ ОБЈЕКТИ
➢ Актуелно (27.12.2006)
👁 Прочитано: 176




РАБОТА ЌЕ ИМА, ПОЧНУВА ГРАДБАТА      НА ИНФРАСТРУКТУРНИ ОБЈЕКТИ

Министерот Миле Јаникиевски на работен појадок со  членовите на Здружението на градежништвото,  индустријата на градежни материјали и неметалите

Македонските градежни компани во 2007 година ќе имаат поголема работа на "домашен терен", бидејќи отпочнува градбата на големи инфраструктурни објекти. Станува збор за  три брани,  Коридорите 10 и 8,  реконструкција на скопскиот аеродром Петровец, изградба на 1.000 социјални станови во наредните три години во низа градови  во земјава...Ова им го соопшти  Миле Јанакиевски, министерот за транспорт и врски,  на челните луѓе на македонската градежна оператива. За актуелните проблеми во оваа дејност  се разговараше во скопскиот хотел "Александар Палас", на работниот појадок што го организираше Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.



- Градежништвото е двигател на развојот на економијата,  бидејќи  во себе вклучува околу 33 други стопански гранки и треба да му  се посвети поголемо вмнимание. Во  деветте месеци  од годинава беа вкупно договорени градежни работи  во вредност од околу 8,7 милјарди денари, од кои се извршени околу половината  или  за 4,8 милијарди денари. Тоа е направено  со ангажирање на околу 28.000 работници и просечни плати од околу 9.868 денари или помали за околу 27 отсто во споредба со просечно исплатената плата  во државата.  - ја отслика состојбата Бранко Азевски, претседател на Стопанската комора на Македонија. - И со работењето во странство, не можеме да бидеме задоволни.  Можностите на македонската градежна оператива се далеку  над постоечките ангажмани, а со  поддршка и од страна на државата договорените работи можат да бидат уште поголеми. Во овој период се договорени градежни работи во вредност од околу 70 милиони долари, со мало зголемување од околу 5 отсто   во споредба со 2005 година.

Коридорот 10, на кого работите започнуваат во декември,  е со вредност од 150 милиони евра. Притоа,  50 милиони евра се од Грчкиот фонд наменет за регионот, 25 милиони евра од ИПА фондовите, а остатокот средства за оваа инвестиција се грижа на државава. За Коридорот 8 во  завршна фаза  е подготовка на тендерот, а министерот Миле Јаникиевски ги посоветува домашните градежници да  "побараат странски фирми за заеднички настапи".
Бранко Азески уште еднаш ги отвори прашањата кои се "рак рана" за домашните градежни компании. Тоа се:  донесувањето на Законот за измени и дополнувања на Законот за градење и Законот за измени и дополнувања на Законот за просторно и урбанистичко планирање, тендереските услови и тендерската процедура, разрешавањето на обврските на градежните фирми од државните институции и банкарските гаранции.



- Измените и дополнувањата на Законот за градење се одолговлечија заради големиот број забелешки, но очекуваме тој од министерството да "излезе" на крајот од јануари. Реновирањето на Законот за просторно и урбанистичко планирање е завршено и тој брзо ќе  влезе во  законската процедура. - најави Миле Јанакиевски. - Се донесува и нов Закон за јавни набавки, со што се отвара патот тендерите и тендерската процедура да се обавуваат  електронски,  со што ќе се изземе човечкиот фактор и можностите за манипулации.
Министерот го искажа и своето уверување дека со влезот на две странски банки, што се очекува во 2007 година, квалитетно ќе се промени банкарското работење и каматите ќе почнат да се намалуваат.
 Околу надминување на проблемот со обврските на општините кон градежните претпријатија се истакна дека, со започнатиот процес на контрола во спроведување на законската регулатива, а посебно со прибирање на средства од комуналиите, може да се очекува овој проблем да се надмине.  Министерот вети  дека овој проблем повторно ќе го наметне на средба со градоначалниците, со ЗЕЛС, но и со министерот за локална самоуправа.

Во дискусијата во која учествуваа голем број директори, се искажаа следните ставови:

 - во делот на законската регулатива, градежниците се залагаат, итно донесување на измените на двата закона (Закон за просторно и урбанситичко планирање и Закон за градење) и согласно однапред определени критериуми, лиценците за фирмите да ги издава Стопанската комора на Македонија;
 - државните институции и локалната самоуправа под итно треба да ги измират своите обврски кон градежните фирми, бидејќи со неплаќањето на овие средства директно се влијае врз развојот на фирмите и нивната можност за набавка на нова механизација и опрема, но и задолжување на фирмите кон државата за ДДВ, придонеси од плати и друго;
 - во врска со банкарските гаранци, се потенцира и користење на странско искуство, каде самиот договор за изведување на работите и врз основа на редовен прилив на средства се издаваат банкарски гаранции;
 - заради обновување на кадарот, посебно кај директните рботници, неопходно е да се воведе цена на трудот, односно саатница, со што ќе се елиминира и нелојалната конкуренција, посебно во делот на цените на работите кои се изведуваат;
 - во делот на просторното и урбанистичкото планирање се предложи средствата кои и така се минимални, истите да се користат навреме од страна на општините, во подготовка, како на генералните, така и на деталните урбанситички планови, со цел да се елиминира сегашното узурпирање на просторот и непланско градење;
 
На крај од средбата беа предложени следните заклучоци:

- Градежништвото да биде во приоритетните дејности на државата, од причина што градежништвото е двигател на економскиот развој на државата;

- Обврските на општините што се настанати врз основа на извршените градежни работи на градежните фирми под итно да се наплатат, со цел градежните фирми да можат да ги измират своите обрски кон државата, но и потребата за развојот и осовремување на фирмите со набавка на нова механизација и опрема;

 - Процесот на денационализацијата не треба да биде кочница за инвестициони вложувања во земјата, како на домашни, така и на странски инвеститори, со поголема конторла и транспарентност во спроведување на истата. 

Марија Петроска
Саво Пејчиновски