Интервју на Јовановски за Нова Македонија: Целни мерки за справување со кризата
➢ Актуелно (20.01.2023, во 09:28:00)
👁 Прочитано: 450



Разговор со Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, за предизвиците во 2023 година
Интервју на Јовановски за Нова Македонија: Целни мерки за справување со кризатаКликни за повеќе

Надминување на проблемот со скапата енергија, смирување на порастот на цените и на високата инфлација, избегнување на рецесијата, структурно приспособување на стопанството и подобрување на комуникацијата меѓу носителите на економските политики и бизнис-секторот се главните приоритети на кои посочија стопанствениците на неодамнешната конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и да ја трансформираме економијата“, организирана од Советот за унапредување на високото образование и стратегиски истражувања при Стопанската комора на Македонија. Тоа беше можност за разговор со Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, од кого побаравме одговори на клучните предизвици за македонското стопанство во наредниот период, како што се справување со високата инфлација, подобрување на структурата на економијата, недостигот од квалификувана работна сила итн.
Главната порака од претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, е да се затвори страницата на македонската транзиција и да се отворат портите кон Европската Унија. Дали, според вас, постои волја да се постигнат овие цели и како да се направи тоа?
– Прашањата што ги посочи претседателот на Стопанската комора, Азески, поврзани со функционирањето на правната држава итн., се суштински важни за иднината на македонската економија. Следствено, би било нелогично некој да е во светот на политиката, а да не сака да се расчистат тие прашања.
Колку бизнис-секторот е подготвен да влезе во поотворена европска конкуренција и колку домашните компании се подготвени за промените што произлегуваат од почитувањето на законите што важат во ЕУ? Овде ја имаме предвид и вашата изјава дека „не треба многу да се брза на економскиот пат кон ЕУ“!
– Земја што сака да влезе во ЕУ треба да има функционална пазарна економија и да биде способна да се справи со конкурентските притисоци во рамките на Унијата. Европското законодавство всушност ги одредува правилата на водење бизнис во рамките на Унијата. Притоа, скапа работа е да се направат потребните приспособувања од страна на македонските компании за да можат да работат во согласност со тие европски правила. Затоа реков дека во процесот на евроинтеграција треба „да се брза полека“, да им се даде време на македонските компании. Не е само да влеземе во ЕУ, македонските компании треба подготвено да го дочекаат влезот.
Во вашето обраќање изјавивте дека бизнис-заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции, не само закажување и одржување состаноци, туку и сериозно земање предвид на аргументите што ги изнесуваат и посочуваат компаниите?
– Клучно е да постои суштинска комуникација помеѓу бизнис-секторот и Владата. Тоа значи аргументирана размена на ставови за да се најде начинот како најдобро да се регулира одредена работа. Во рамките на таа комуникација, на крајот Владата ќе си одлучи по свое наоѓање, но коректно да се искомуницира со јавноста што е усогласено или неусогласено со Стопанската комора. Со таков пристап, со желба да се најдат најдобрите решенија и со транспарентен однос кон јавноста се создава амбиент за носење издржани одлуки за македонската економија. Патем, македонските компании не се против какви било реформи, туку, напротив, тие самите се во постојан процес на сопствено трансформирање и приспособување на пазарните услови.
Како ги оценувате политиките на Народната банка на Македонија во однос на намалувањето на инфлацијата и цените? Дали сегашните потези од централната банка можат да влијаат на растот на економијата, во исто време кога и се затегнува монетарната политика?
– Во однос на вашето прашање за успешноста на политиките на Народната банка, во согласност со поставеноста на системот, ингеренциите за давање таква оцена се сепак кај Собранието. Инаку, справувањето со инфлација што е толку висока воопшто не е лесна работа каде било во светот. Штом започнат да се зголемуваат каматните стапки, тоа неизбежно води, по одреден временски период, кон намалување на домашната побарувачка, инвестициите итн. На крајот, тоа резултира со забавување на економската активност.
Генерално, колку сегашната економска политика на Владата е во насока на остварување на посочените приоритети?
– Првата лекција во економијата е дека ресурсите се ограничени. Тоа станува уште поизразено во услови на криза. Затоа, во такви услови е исклучително важно да се биде внимателен и рационален и расположливите ресурси да се користат на најефикасниот можен начин. Тоа значи дека важна компонента во политиките за справување со кризата е употребата на целни мерки, од една страна поддршка на најранливите групи граѓани во општеството, од друга страна поддршка на компаниите. Во однос на долгорочното преструктурирање на македонската економија, тоа може да се прави само во рамките на јасна, сеопфатна и од сите прифатена долгорочна стратегија за македонската економија.
Одливот на работници од Македонија станува сериозен проблем за домашната економија. Како да се излезе од таквата состојба и константниот одлив на работници?
– За да може да се развива, македонската економија мора да има квалитетен кадар, кој ги има потребните знаења и вештини што ги бара пазарот на трудот. Недостигот од таков кадар одамна е проблем за компаниите во земјава. Затоа и Стопанската комора последниве години започна редица активности во насока на ублажување на проблемот. Што се однесува до висината на платите, тие секогаш треба да се движат во линија со продуктивноста. Тоа е единствениот одржлив начин да имаме повисоки плати и повисок животен стандард.

Целото интервју на Јовановски за Нова Македонија ТУКА

Служба за информирање при Комората