РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА, ПРЕДИЗВИЦИ И МОЖНОСТИ – ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА БАЛКАНСКИ КОМОРИ
➢ Актуелно (29.11.2022, во 12:17:00)
👁 Прочитано: 786




РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА, ПРЕДИЗВИЦИ И МОЖНОСТИ – ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА БАЛКАНСКИ КОМОРИКликни за повеќе

Претставници на десетте стопански комори кои се дел од Асоцијацијата на балански комори (АБК) присуствуваа на Генералното собрание на АБК кое се одржа на 29 ноември 2022 година во Никозија, во организација на Кипарската трговско-индустриска комора која воедно и претседава со АБК. 
Во фокус на Генералното собрание беа повеќе теми како регионалната соработка, цели за одржливост, регионални предизвици и можности, трансформација во дигитални економии, олеснување на условите за водење бизнис како и справување со енергетска криза и пристапот на земјите од регионот кон кризата.

Во поздравното обраќање заменик претседателот на Кипарската трговско-индустриска комора, г-дин Отонас Теодулу истакна дека бизнис заедницата од земјите на Балканот речиси две години се бори во комплексни услови на делување предизвикани од пандемијата, војната во Украина и енергетската криза, по што се чини дека 2023 година може да биде полоша во очекување на влијанието од тековните глобални случувања. Во такви услови не останува друг избор освен заеднички да работиме кон зголемување на отпорноста и градење на посилни економии за борба против секаков вид на киза, заклучи Теодулу.

Стопанската комора на Северна Македонија во услови на мулти-криза целосно е ставена во функција на своите членки, за таа цел беше формиран и Кризниот штаб кој обезбедува континуирана достапност до информации и преземање на активности врзани за полесно поминување на кризниот период, истакна м-р Михајло Донев, в.д. оперативен директор за развој, иновации и знаења во Стопанската комора на Северна Македонија. 

Дополнително во годината кога го одбележува својот јубилеј по повод 100 години од основањето на Комората,  спроведовме трансформација во „Комора на иднината“, која опфаќа и формирање на Совет за развој на индустријата и извозот, Совет за развој на високото образование и стратешки истражувања, Совет за развој на високото образование и стратешки истражувања и Совет за напредни технологии, чија цел е да отворат перспективи за иновации, знаења и развој на нови пазарно ориентирани услуги и институции кои се од директна корист за компаниите. Целта со заокружување на концептот „Комора на иднината е да овозможиме услови компаниите, наши членки, да создадат додадена вредност и да го зголемат извозот, додаде м-р Донев во своето обраќање.

За остварување на целите за интеграција и развој на стопанската соработка во регионот, во 1994 година во Романија е основана Асоцијацијата на балканските комори (АБК). Покрај Стопанската комора на Северна Македонија, членки на АБК се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија и Унијата на комори и стокови берзи на Турција. 

Претседавањето со Асоцијацијата е со мандат од една година по принцип на ротација на земјите членки по азбучен ред, а со одржувањето на Генералното собрание свечено претседавањето беше предадено на Унијата на грчки стопански комори.

 

 

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење