Колумната е дел од серијалот “Бизнис Колумни на Асоцијацијата ТИМ40” – состојби, размислувања и предлози за подобрување на македонскиот бизнис и севкупната економија. Истата е личен став на авторот СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ. СЕДУМ ТОЧКИ ДО ЦЕЛТА...
➢ Актуелно (28.11.2022, во 18:12:00)
👁 Прочитано: 777



Колумна на Стефан Поп Ацев, член на Асоцијацијата на млади претприемачи “ТИМ40“ при СКСМ и сопственик на „БИСМАН“
СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ. СЕДУМ ТОЧКИ ДО ЦЕЛТА...Кликни за повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.  Со тек на време, дури и субвенционирани, очекувањата се странските да започнат да соработуваат со домашните фирми како локални партнери од секаков вид. Започнувајќи од областа на услужните дејности, па сѐ до делот на користење на полу производи од домашно производство. Или, пак, во делот на дистрибуција, со што на подолг рок би се остварил раст на домашната економија и раст на бруто домашниот производ.

1.

Државата треба да создаде политика на регионална основа со цел да биде конкурентна на пазарот, односно „мора” да направи регионален модел на субвенционирање со цел привлекување на странски инвеститори. Ова е неопходно затоа што и другите земји од регионот ја имаат истата цел и креираат политики за привлекување на странски инвестиции. Истовремено, треба да се одржи одредено конкурентско ниво со цел да не се отиде предалеку бидејќи лесно може да се постигне ефект на “дампирање на цената, а за возврат да не се зголеми продажбата, туку напротив да остане иста”. Вакво нешто, всушност, и се случи кај нас, особено ако го споредиме нивото на субвенции и целиот модел кој што беше понуден од наша страна со бројот на годишни странски инвестиции, односно ние заостануваме во споредба со земјите од регионот.

2.

Странските инвеститори не доаѓаат примарно и единствено заради најповолните бенефиции, туку генерално наш мотив треба да биде стабилизирање на полето за работа, стандардизирање на правилата, процедурите и правниот систем . Доказ за ова се и дел од земјите во регионот кои не влегоа претерано длабоко во трката кон претерано субвенционирање или давање на бенефиции кон странските компании, па тие на крајот имаат подобри резултати од нашите, а самиот чин на носење одлука на странската компанија да инвестира не секогаш е поврзан само со давањето на државна помош, туку и со други национални политики кои треба да значат можност за профитирање на компанијата - инвеститор.

3.

На страна од политичките и владините елаборирања за придобивките од странските директни инвестиции кои имаат за цел остварување на политички поени, сметам дека од економска гледна точка потребно е инвеститорот исклучиво да се третира како инвеститор. Без да оди во насока на фаворизирање на домашните или на странските инвеститори, односно преку еднаков третман да се креира сет на мерки кој што ќе важи за сите компании, а каде сите инвеститори би имале еднаков пристап и третман. Потребно е да се потсети и дека самата формулација на поимот инвеститор означува лице кое вложува приватни средства во економијата, па оттука државјанството не треба да биде клуч за какво било фаворизирање.

4.

Стратегијата кон странските инвеститори треба да биде насочена кон тоа како да бидеме конкурентни на регионалниот пазар во привлекување на странски инвестиции, но пред тоа да се види како домашните компании можат да се вклучат во целиот ланец на набавка . Во исто време државата односно владата со своите политики за развој на малите и средните претпријатија да размислува како овие компании да ги направи поконкурентни приспособени да се вклопат во ланецот на набавка на странските инвеститори. За таа цел, владините напори треба да бидат насочени во најголема мера кон привлекување на странски инвеститори кои доаѓаат од индустриските гранки кои се стратешки и носечки во нашето стопанство о што како држава веќе би имале подготвени домашни компании да одговорат на потребите и барањата на ваквите странските инвеститори.

5.

Основната поента на субвенцијата кон странските компании треба да е насочена кон веќе произведениот аутпут со цел да се даде поттик за уште поголеми вложувања во македонската економија. Само еден ваков модел би можел да води кон успешна национална стратегија, бидејќи токму од моделот на субвенционирање на инвеститорите зависи дали тие ќе бидат само искористени, односно дали по истекот на периодот за субвенционирање таквите компании ќе се спакуваат и заминат од државата или ќе останат и дополнително ќе вложуваат во националната економија.

6.

Исто така, моделот на субвенција за странските инвеститори треба да биде за вработувања на кадри директно од Агенцијата за вработување или, пак, дипломирани кадри веднаш по нивното завршување на средното или високото образование. Со вработување на ваквиот кадар, на дело може да се види поддршката од страна на државата, односно субвенционирање на странските компании ќе се вложува во обука или преквалификација. Преземањето или преминувањето на вработени од компанија во компанија треба да биде базирано на природен и рамноправен начин, базирано на пристапот на еднаква појдовна основа за сите компании и професионалност.

7.

Целта на секоја компанија, вклучително и на странските е да профитира, а на државата да привлече инвеститори, па затоа сметам дека клучно за ваков успешен процес е договорите со секој инвеститор да бидат транспарентни и јавни . На овој начин би се избегнало секакво можно изигрување или манипулирање со бројки и проценти од било која страна.

За привлекување на странските или домашните инвеститори, потребно е да се преземат многу повеќе фокусирани национални мерки и реформи во делот на регулацијата, регулаторната реформа според закони и правни прописи од европското и меѓународното законодавство, како и структурни образовни реформи како еден од клучните сегменти, особено ако земеме предвид дека странските компании бараат квалитетна и квалификувана работна сила според нивните потреби и вид на индустрија. Понатаму, од еднакво огромна важност се јавните инвестиции во делот на инфраструктура која вклучува патишта, железници, гасификација, енергетика

Ова се само дел од предлозите кои сметам дека ако се применат ќе придонесат за подобрување на севкупната економија, зајакнување на македонскиот бизнис сектор кој е двигател на целокупното општество. Уверен сум дека во партнерство помеѓу владините институции и Стопанската комора ќе може да се изнајдат најдобрите решенија кои ќе ја постават нашата земја на врвот на земји – атрактивни за странските, но и домашните инвеститори, но истовремено и ќе се преземат долгорочни и стратешки активности за промена во образовниот систем што ќе придонесе за задржување на младите луѓе во земјата и наш придонес и вложување во домашната економија, наместо градење на другите економски системи ширум светот.

Служба за информирање при Комората