МОЖНОСТИ И ПРЕДНОСТИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН
➢ Актуелно (22.11.2022, во 17:50:00)
👁 Прочитано: 297



Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан и (WB6 CIF) и Советот за регионална соработка (СРС) ги собраа европските инвеститори и ги презентира можностите и предностите за водење бизнис во регионот
МОЖНОСТИ И ПРЕДНОСТИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС ВО ЗАПАДЕН БАЛКАНКликни за повеќе

Можностите и придобивките од инвестирањето во регионот на Западен Балкан беше тема на Инвестициската конференција на Западен Балкан, што се одржа денес, во Љубљана, во организација на Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан (WB6 CIF) и Советот за регионална соработка (СРС). 

Конференцијата понуди можност на едно место да се соберат европските инвеститори од Словенија, Италија, Хрватска и Австрија, агенциите за промовирање на инвестициите на Западен Балкан, министерствата одговорни за креирање на политиката за привлекување на инвестиции, регионалните организации и меѓународните финансиски институции.

Конференцијата ја отворија Пранвера Кастрати, координатор на Заедничкиот регионален пазар и Марко Чадеж, претседател на Управниот одбор на КИФ на земјите од Западен Балкан.

Координаторот на Заедничкиот регионален пазар истакна дека странските инвестиции, според извештајот на Светската банка, учествувале со 4,9% од БДП во регионот во 2019 година, 5,3% во 2020 година, 5,8% во 2021 година, а оваа година се проценува дека ќе придонесат со 5,2%. Сличен процент се предвидува и за претстојните две години. Според податоците, видливо е дека Западен Балкан станува сé поважна инвестициска дестинација, а тоа го потврдуваат 76% од граѓаните од Западен Балкан кои сметаат дека регионалната соработка е единствениот остварлив начин за напредок и 69 % од бизнисите од Западен Балкан кои ја разбираат и поддржуваат важноста на заедничката соработка во решавањето на предизвиците кои доаѓаат од надвор и од регионот.

Западен Балкан  во изминатите 15 години ги привлече странските инвестиции пред сè, поради ниските трошоци на производство и почетните трошоци за работна сила, ниските даноци и дарежливите државни бенефиции за странските инвеститори. Денес Западен Балкан зазема сé поважно место на европската мапа за инвестиции поради измена на пристапот за привлекување не само на трудоинтензивните, туку и на високотехнолошките претпријатија со иницијативите за олеснување на меѓусебната трговија и инвестициите за подобро поврзување со светот и создавање поголем заеднички пазар од скоро 20 милиони потрошувачи. Според коморите, заедничките проекти и иницијативите за посилна регионална интеграција, значително ќе го олеснат бизнисот во регионот, ќе ја зајакнат економијата, но и ќе придонесат за поголема политичка стабилност и ќе изградат доверба во регионот, што е многу важно за инвеститорите.

На конференцијата свое обраќање имаше заменик претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и член на Управниот Одбор на НЛБ Групацијата, Антонио Аргир, кој истакна дека за отворање на можности за инвестирање и создавање солидна инвестициска средина на регионално ниво,  неопходна е трансформација на образованието на регионално ниво за да може да ги следи промените и новите барања за вештини, ставови и начини на размислување на бизнисот во регионот. Тоа бара образовните програми да се креираат според барањата и препораките на бизнис заедницата. Аргир истакна дека многу млади луѓе ја напуштаат земјата и затоа мора да се инвестира во одржлива стратегија, вклучувајќи го и образованието, со цел да се задржат младите во регионот. Воедно сериозно треба да се размислува и за инфраструктурата односно за меѓусебната поврзаност, бидејќи за бизнисите тоа е од круцијално значење. 

За позитивните искуства од вложувањата во регионот пред присутните инвеститори говореше извршниот директор на компанијата Сол Групацијата/ТГС Технички Гасови, Александар Чадиковски, компанија која 27 години е италијанска инвестиција. 
Конференцијата претставуваше можност за споделување информации за рамката на инвестиции, претставување можности и предности за водење бизнис во Западен Балкан, споделување примери на успешни инвестиции во регионот и поддржаното вмрежување. Конференцијата ја претстави компаративната предност на регионот на Западен Балкан во споредба со другите дестинации на инвестирање, во однос на новите глобални настани и поблиску до снабдувачките синџири.

Заедничка презентација на инвестициските потенцијали на земјите од ЗБ и сведочења на водечките инвеститори, како што се НЛБ Групацијата; Колектор ЦЦЛ, Атлантик групација; Сол Групација/ТГС Технички Гасови, Сигал Иника Групација, Австрија; Микроелектроника и многу други кои се фокусира на стекнатото искуство, како и информација за клучните прашања на владите на земјите од ЗБ во поглед на новиот глобален и регионален развој, беа дел од настаните на конференцијата.
Исто така, конференцијата понуди можност за Б2Б состаноци за време на фазата на вмрежување на настанот. 

Служба за информирање при Комората