Азески - Ќура: Бизнисот е еден, имаме исти ставови за проблемите на стопанството
➢ Актуелно (22.11.2022, во 14:37:00)
👁 Прочитано: 238



И двајцата претседатели се согласија дека во услови на енергетска криза енергетиката и натаму останува клучен проблем за стопанството, но не помалку важно е и немањето доволно човечки ресурси, односно квалификувана работна сила.
Азески - Ќура: Бизнисот е еден, имаме исти ставови за проблемите на стопанствотоКликни за повеќе

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), Бранко Азески денеска оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) Менди Ќура.

На состанокот, на кој присуствуваше и дел од раководството на двете Комори беше оценето дека Коморите имаат исти ставови во однос на нивните заложби да го  застапуваат бизнисот при што беше највено зацврстување на партнерските односи меѓу двете комори, како главни чинители во насока на креирање подобри бизнис услови во нашата земја.

„И досега сме покажале дека сме на иста бранова должина. Мислам дека нема да има промена во тој дел. Ги застапуваме интересите на бизнисите, фирмите и компаниите и во овие тешки услови. Земјава има свој правец, тоа се евроатлантските интерграции. Моментно чекаме да завршат политичките активности на партиите па ќе продолжиме понатаму. Тераме по агендата, но чекаме да завршат партиските активности па повторно ќе видиме со Владата“, изјави претседателот на СКСМ, Азески пред новинари.

И претседателот на СКСЗМ, Ќура потенцираше дека двете комори здружено ќе ги решаваат проблемите на бизнисот.

„Тука сме да отвориме нова страница и нова ера во нашата соработка, во насока да биде уште подобра и поквалитетна. Имаме исти проблеми и ние и Стопанската комора, но имаме и волја и согласност да настапуваме заеднички и заеднички да ги изнесеме ставовите за големите проблеми на стопанството во последните месеци“, изјави Ќура.

И двајцата претседатели се согласија дека во услови на енергетска криза енергетиката и натаму останува клучен проблем за стопанството, но не помалку важно е и немањето доволно човечки ресурси, односно квалификувана работна сила.

Служба за информирање при Комората