Во Белград одржана Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан
➢ Актуелно (18.11.2022, во 14:35:00)
👁 Прочитано: 324



Инвестиции, иновации и меѓусебна соработка во енергетскиот сектор се иднината на регионот но и единствен одговор на енергетската криза
Во Белград одржана Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен БалканКликни за повеќе

Обновливите извори на енергија се иднината на регионот, а инвестициите во зелената транзиција се клучни за развојот на Западен Балкан и справувањето со актуелната енергетска криза. За сите влади на Западен Балкан клучно прашање е енергијата, напредокот во тој сектор и поголемото искористување на обновливите извори на енергија, каде искуството и поддршката од Норвешка можат да бидат од големо значење.

Ова е пораката што лидерите на земјите од регионот на вчерашната конференција ја упатија до норвешките бизнисмени, коишто на средба во Белград дојдоа да ги слушнат можностите за инвестирање во капацитетите за обновливи извори што ги нуди регионот.

Соработката е единствениот начин за излез од енергетската криза со која се соочуваме сите, изјави Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, кој ја отвори конференцијата што се одржа вчера во Палата Србија. Како што посочи, можноста за инвестирање во обновливи извори на енергија е прашање што го засега целиот свет и ќе влијае на начинот на кој човештвото ќе живее во наредните децении.

Тој истакна дека регионот во моментот се соочува со геополитички предизвици кои ни покажуваат колку всушност сме зависни од неодржливите, стари начини на производство, дистрибуција и трошење на енергијата и затоа е потребно да се работи на изнаоѓање различни решенија во таа област, за што можат да ни помогнат искуствата од Норвешка.

На конференцијата, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заедно со премиерите на Северна Македонија, Албанија, и Црна Гора, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија,  и заменик министерот за енергетика на Кралството Норвешка, Андреас Ериксен, заклучија дека  во регионот има голем потенцијал и волја, но потребни се реформи и инвестиции во заеднички проекти за формирање на регионален пазар на зелени извори на енергија со цел  поголема енергетска независност на земјите од Западен Балкан.

На настанот покрај високите владини претставници, учествуваат и претставници на компании од енергетскиот сектор од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора, коишто по завршувањето на панел дискусиите имаа можност да остварат директни средби со претставниците од норвешките компании. 

м-р Сања Николова
соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување