ОДЛУКА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ВНЕСУВАЊЕ И ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУС COVID-19 („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“, БР. 240 ОД 05.10.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 58 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 4 октомври 2020 година, донесе

 

ОДЛУКА
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ВНЕСУВАЊЕ И ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУС COVID-19

 

Член 1

            Во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 62/20, 63/20, 64/20, 66/20, 70/20, 72/20, 92/20, 100/20, 107/20, 109/20, 119/20, 123/20, 125/20, 126/20, 134/20, 136/20, 140/20, 147/20, 153/20, 154/20, 156/20, 157/20, 163/20, 166/20, 169/20, 170/20, 175/20, 180/20, 181/20, 185/20, 190/20, 195/20, 201/20, 204/20, 208/20, 212/20, 215/20, 217/20, 226/20, 229/20, 235/20 и 236/20), во член 1, став 1, во точката 1., во ставот 13, Прилогот број 46 - Протокол за постапување на основните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и од Министерството за образование и наука, се заменува со нов Прилог број 46, кој е даден во прилог и е составен дел на оваа одлука.

            Во точката 9., во ставот 2, Прилогот број 7 - Протокол за отварање и работа на кафетерии од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство се менува со нов Прилог број 7 ¹, кој е даден во прилог и е составен дел на оваа одлука.

            Во точката 17. во ставот 1, Прилогот број 8 - Протокол за отварање и работа на угостителските објекти за исхрана од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство се менува со нов Прилог број 8 ², кој е даден во прилог и е составен дел на оваа одлука.

            Во ставот 2, Прилогот број 24 - Протокол за работа на угостителски објекти за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување) од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство се менува со нов Прилог број 24 ³, кој е даден во прилог и е составен дел на оваа одлука.

 

Член 2

            Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2147/43

Претседател на Владата

4 октомври 2020 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Зоран Заев, с.р.

 

 

¹ Прилог број 7

ПРОТОКОЛ
ЗА ОТВОРАЊЕ И РАБОТА НА КАФЕТЕРИИ

 

1. Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце.

2. Се ограничува бројот на гости, само на тие кои може да седат.

3. Не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

4. Задолжително менаџирање при влегување на гостите од одредено одговорно лице пред влезот на угостителскиот објект.

5. Во просторот за послужување на гости, каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци.

6. Задолжително поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса.

7. Засилени внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на пијалaци.

8. Засилени санитарно-хигиенски мерки, задолжително пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, по заминување на секоја тура на гости.

9. На крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

10. Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.

11. Забрането е користење на сушачи за раце во тоалетите и задолжително користење на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

12. Забрането организирање на прослави (веселби, родендени и сл.) во отворен и затворен дел од објектот.

13. Забрането е организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи/музички групи/диџеи).

14. Максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица.

15. Се ограничува максималното ниво на бучава во кафетерии на 55 децибели.

 

² Прилог број 8

 

ПРОТОКОЛ
ЗА ОТВОРАЊЕ И РАБОТА НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА ИСХРАНА

 

1. Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце.

2. Се ограничува бројот на гости, ќе се послужуваат само гости кои може да седат и лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки.

3. Не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

4. Задолжително менаџирање на влегување на гостите. Одредено одговорно лице пред влезот на угостителскиот објект.

5. Во просторот за послужување на гости каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци.

6. Максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица.

7. Задолжително поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса.

8. Засилени внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна.

9. Засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса.

10. На крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.

11. Забрането е користење на сушачи за раце во тоалетите и задолжително користење на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

12. Забрането организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.) во отворен и затворен дел од објектот.

13. Забрането е организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи/музички групи/диџеи).

14. Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти за исхрана на 55 децибели.

 

³ Прилог број 24

 

ПРОТОКОЛ
ЗА РАБОТА НА УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ (ХОТЕЛИ, МОТЕЛИ, ХОСТЕЛИ, ПАНСИОНИ И ДРУГИ ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ)

 

  1. Процедури за угостителски објекти за сместување

 

Прием и сместување

- Поставена дезинфекциона бариера за обувки пред влезна врата, како и пулт за дезинфекција на раце во холот.

- Во холот при влезот треба да биде истакната Табла за добредојде со поздрав и разбирлив текст за чекорите и препораките кои треба да се почитуваат за време на престојот во објектот (носење лична заштита на лицето - маска и дезинфекција на раце).

- Задолжително носењето на лична заштита на лицето - маска за гостите и вработените лица во објектот.

- На рецепцијата во угостителските објекти за сместување, каде што пултот не е доволно широк да обезбеди потребно растојание (1,5 до 2 метри), во делот каде работи рецепционерот, да биде поставена монтажна преграда (шалтер) изработен од проѕирна пластика или стакло која во долниот дел има отворен простор само за манипулирање со клуч и документи.

- Монтажната преграда од проѕирна пластика може да биде заменета со дополнително носење на визир од страна на рецепционерот.

- Гостите треба да пристапуваат до рецепцијата поединечно или во број којшто, во зависност од големината и распоредот на просторијата, оневозможува средби и којшто овозможува достапно меѓусебно растојание, а за тие што чекаат, треба да се воведат подни патокази или столпчиња за ограничување на приодот.

- Да се советуваат гостите за потреба од пријавување на терминот за одјавување од објектот (check out) со цел навремена подготовка на потребната документација во насока на намалување на времето за задржување пред рецепцијата.

- Давателите на услуги треба да ги отстранат предметите што ги допираат повеќе гости, на пр. играчки, списанија.

- Гостинот заедно со клучот добива флаер со совети за заштита и протокол за неговиот престој дефиниран од внатрешен тим на хотелот.

- Давателот на услуги нуди единечни или двојни соби со прилагодувања, а во сместувачките капацитети со повеќе кревети може сместување на гости од исто семејство.

- Текстилните украсни елементи на тапацираниот мебел и креветот се отстрануваат (перници, ленти, украсни прекривки...)

- Во собите за сместување и на рецепцијата се поставува средство за дезинфекција на рацете.

- Секојдневно одржувањето на хигиената на јавните простории и собите со употреба на средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

- Персоналот во угостителските објекти за сместување мора да стави посебен нагласок на чистење и дезинфекција на предмети што ги допираат голем број раце (на пр. ограда на скали, прекинувачи, рачки, куки, копчиња во лифт, кваки, врати).

- Просториите треба редовно да се проветруваат.

- Фрекфенцијата на чистење на сместувачките капацитети ќе се усогласат со постоечките стандарди, со дополнително информирање на гостите дека чистење на собите и промена на постелнините и крпите може да се прилагодат на потребите на гостите (на пр. да се чисти собата или да се менува постелнината само при доаѓање/одење на гостите итн.)

- Чистење на санитарните јазли и горните површини во собите се чистат со употреба на соодветно средство и со особено внимание кога се менуваат гостите во собата. Користената постелнина и крпите мора да се собираат во затворени кеси одвоено од чистата постелнина (чистата постелнина не смее да дојде во контакт со нечистата).

- При чистење на повеќе сместувачки капацитети, мора да се води грижа да не се пренесе вирусот од еден сместувачки капацитет на друг преку заразена облека или заштитната опрема на персоналот. Се препорачува да се приспособат постапките на чистење така што би се спречило такво пренесување (на пр. употреба на заштитна облека/скутници за една употреба, промена на заштитната облека секој пат, итн.)

- Плаќање со кредитна картичка како степен на заштита за да се намали ризикот од трансмисија на инфекцијата.

 

  1. Процедури во угостителскиот дел за исхрана - ресторант

 

- Служењето храна на шведска маса не е дозволено.

- Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат лична заштита на лицето - маска и зачестено одржуваат хигиена на раце.

- Не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

- Дезинфицирање на масата и столовите пред секој оброк и по завршување на истиот.

- Масите да се прекриени со хартиени или најлонски чаршафи за еднократна употреба или ако се користат стандардни чаршафи истите да се менуваат и перат после секој послужен гостин.

- Масите да не се претходно сервирани (доколку објектот има услови да постави средство за дезинфекција на секоја маса - доколку не, гостите ќе можат да го користат средството за дезинфекција кое ќе биде поставено на влезот од ресторанот според препораките на СЗО).

- Каранфинглата и приборот кој претходно се дезинфицирани на масите се поставуваат по седнувањето на гостите, приборот да биде послужен во најлонска обвивка или во салфетка.

- Келнерот е должен да води максимална грижа за својата лична хигиена со заштита на лицето - маска, ги послужува гостите со внимавање на растојанието, но поради тоа што келнерот не може да служи храна и пијалак од 2 метри растојание, тој треба да одлучи колкаво е пристојното растојание што може да го одржи при послужување. После послужувањето, келнерот стои на соодветно растојание и чека да биде повикан од гостите.

- Сите апарати за точење на пијалаци (вода, чај, кафе, сок и сл.) да се отстранат од употреба и пијалаците да се послужуваат по желба на гостите.

- Се забранува користењето на заеднички отворени садови при сервирање на зачини, сосови, масла, сол, шеќер, чаеви и слично, кои се споделуваат на повеќе од една маса.

- По завршување на оброците, искористениот прибор се отстранува од масите и се носи на миење и дезинфицирање во нечистиот дел од кујната, согласно вообичаена процедура која ја налагаат ХАСАП/ХАЛАЛ стандардите каде што е наведено дека во шанкот и кујната треба да постои чист дел каде што се оперира и послужува храна и пијалак и дел каде што се одлага веќе искористениот прибор кој потоа се мие и дезинфицира.

- Растојанието меѓу столчињата од соседните маси да биде од 1,5 до 2 метри.

- На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица.

- Засилени внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна.

- Засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса.

- На крајот на смената, задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

- Редовно одржување на тоалетите, со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.

- Забрането е користење на сушачи за раце во тоалетите и задолжително користење на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

- Забрането е организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи/музички групи/диџеи).

- Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителскиот дел за исхрана - ресторант на угостителски објекти за сместување, на 55 децибели.

 

  1. Употребата на санитарни јазли

 

- Да се постави известување на влезната врата од санитарните јазли за задолжителна дезинфекција на рацете пред и после употреба.

- Да се инсталира средство за дезинфекција пред влезната врата на санитарните јазли.

- Да се обезбеди непречен проток, без застој на чекање во внатрешни тесни холови и потребното физичко растојание, со поставување ознаки, со цел да се намали ризикот од голем број на лица во санитарните јазли во исто време.

- Задолжително е носење лична заштита на лицето - маска при користење на заедничките санитарни јазли,

- Санитарните јазли задолжително се опремени со течен сапун, топла вода, корпа за отпадоци со капак на ножна педала и хартиени бришачи за раце за еднократна употреба, како и диспанзер со средства за дезинфекција за раце, на база на 70% алкохол или препорачано вируцидно средство за дезинфекција. Чистење и дезинфекција на санитарните јазли, подови и сите нивни површини, неколку пати во текот на денот (најмалку на секој час) со употреба на средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини;

- чистење и дезинфекција на санитарните јазли, подови и сите нивни површини, неколку пати во текот на денот (најмалку на секој час) со употреба на средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

- корпи со капак на ножна педала кои се внатрешно поставени со пластични кеси, за собирање на отпадоци од користени маски и ракавици, видно означени и поставени на повеќе места во внатрешноста и на терасите, за отстранување на користени маски, ракавици и сл.

 

  1. Општи препораки за гости

 

- Доследно почитување на упатствата од персоналот во врска со обезбедување соодветно меѓусебно растојание, складирање на багаж и гардероба, начинот на давање услуги, употреба на опрема, користење на тоалети, плаќање за услуги.

- Треба да се ограничат големи собири, со доследно почитување на соодветно меѓусебно растојание.

- Внатре во угостителскиот објект за сместување, покрај одржувањето на соодветно меѓусебно растојание за време на епидемија, употребата на лична заштита на лицето - маска за лице или други облици на заштита што ги покриваат устата и носот (шал, крпа или слични облици на заштита) е исто така задолжително.

- Доследна грижа за хигиената на рацете, со миење со сапун и вода или дезинфекција по допир на какви било нечисти површини.

 

  1. Препораки за постапување при појава на случај со симптоми на COVID-19

 

- Доколку вработен заболи од акутна респираторна инфекција, останува дома и се јавува на матичниот лекар.

Го известува својот претпоставен за својата здравствена состојба. Доколку е позитивен на COVID-19, го известува претпоставениот кој пак веднаш го известува регионалниот центар за јавно здравје за појавата на COVID-19 меѓу вработените.

Епидемиолошката служба што ќе го добие извештајот за потврден случај отпочнува со епидемиолошка истрага, идентификува блиски контакти на работното место и предлага мерки за нив.

Доколку вработениот бил во контакт со лице коешто покажало знаци на акутна респираторна инфекција, треба да ја следи својата здравствена состојба 14 дена и доколку развие симптоми се јавува на матичниот лекар и го известува претпоставениот.

- Доколку гостин заболи со треска или знаци на акутна респираторна инфекција, давателот на услуги треба да се јави во дежурната служба на најблискиот здравствен дом. Гостинот треба да чека во изолација и треба да носи лична заштита на лицети - маска. Да употребува само одредени тоалети и мијалници. Епидемиолошката служба што ќе го добие извештајот за потврден случај спроведува епидемиолошка истрага, идентификува блиски контакти и предлага мерки за нив.

Просториите каде што се движел заболениот гостин од COVID-19 темелно се чистат и дезинфицираат. Исто така, просториите темелно се проветруваат.

 


Контакт лице: Љупка Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје