ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ДАНОК НА МОТОРНИ ВОЗИЛА, ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА



Со новиот Закон за акцизите (,,Службен весник на Република Северна Македонија“, бр.108/19, 143/19 и 225/19) патничките автомобили не се предмет на оданочување и од таа причина досегашната акциза на патнички автомобили ќе се регулира со нов  посебен Закон за данок на моторни возила во кој ќе се уреди оданочувањето на моторните возила. 
Со Предлогот на законот за данок на моторни возила се уредува данокот на моторни возила наменети за употреба на територијата на Република Северна Македонија, во поглед на настанувањето, пресметувањето и плаќањето на данокот на моторни возила, правата и обврските на обврзниците за плаќање на данокот на моторни возила и надлежностите на царинскиот орган во врска со данокот на моторни возила.
При изготвувањето на Предлогот на законот се земале предвид европските практики и препораките од странските експерти во оваа област, при што данокот на моторните возила покрај вредноста на моторните возила ќе се пресметува и врз основа на износот на просечната емисија на јаглерод диоксид - CO2 изразена во грамови по километар.
Текстот на Предлогот на Законот содржи 44 членови распоредени во четири делови.
Во ПРВИОТ ДЕЛ од Предлогот на законот за данок на моторни возила се дадени општите одредби, односно е пропишана областа на примена на данокот на моторни возила која ги опфаќа моторните возила во случај кога на територијата на Република Северна Македонија се врши производство на моторни возила (во серија или уникатни) и пуштање во промет, потоа во случај на преправка на моторни возила кои еднаш се одобрени и регистрирани од еден во друг вид на моторно возило, како и во случај на увоз на моторни возила.
Во овој дел се содржани и дефинициите употребени во Предлогот на законот како и односот со другите закони, што значи дека за сите прашања кои не се уредени со овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за даночна постапка, Законот за општата управна постапка и Законот за возила, додека за сите прашања поврзани со увоз, привремен увоз и извоз на моторни возила кои не се уредени со Предлогот на законот, се применуваат одредбите од Царинскиот закон. Притоа, пропишано е дека во поглед на распоредување на предметот на оданочување во тарифна ознака на комбинираната номенклатура одлучува надлежниот царински орган во согласност со царинските прописи и основните правила кои се користат за распоредување на стока во Царинската тарифа. Истовремено во овој дел е дефинирано дека данокот на моторни возила претставува јавна давачка и е приход на Буџетот на Република Северна Македонија.
ВТОРИОТ ДЕЛ од Предлогот на законот за данокот на моторони возила се однесува на одредбите на оданочување на моторните возила кои ги опфаќаат предметот на оданочување, обврзникот за плаќање на данок на моторни возила, како и обврската за пресметка и плаќање на данок на моторни возила.
Во овој дел е пропишано дека предмет на оданочување со данок на моторни возила ќе бидат новите и употребуваните моторни возила кои се увезуваат и/или за прв пат се  ставаат во слободен промет и/или за прв пат се регистрираат во Република Северна Македонија и за кои не е пресметан и платен данок на моторни возила.
Предмет на оданочување со данок на моторни возила нема да бидат патничките возила кои се движат само со електричен погонски мотор, од тарифната ознака 8703 80, мотоциклите и скутерите само со електричен мотор за погон од тарифната ознака 8711 60  и трицикли и четирицикли само со електричен мотор за погон независно од нивната тарифна ознака во Номенклатурата на Царинската тарифа.
Исто така, по исклучок, за патнички возила кои се движат на хибриден електричен погон (комбинација на мотор со внатрешно согорување и со електричен мотор како погонски мотор) и тоа со можност да бидат полнети со приклучување на надворешен извор на електрична струја “plug-in“, од тарифните ознаки 8703 60 и 8703 70, данокот се предлага да се пресметува во износ намален за 50% .
Понатаму, во овој дел се опфатени одредбите кои се однесуваат на обврската за  пресметка на данокот на моторни возила. Притоа, начинот на пресметка на данокот на моторните возила се предлага да се утврди  со Уредба од страна на Владата на Република Северна Македонија. Имено, данокот за моторните возила се предлага да се пресметува како збир од вредносна и специфична компонента. Вредносната компонентата ќе биде производ од вредноста на моторното возило и процентот од вредноста на возилото за соодветна категорија на вредноста, а специфичната компонентата е производ од износот на просечната емисија на јаглерод диоксид - CO2 и вредноста за 1 грам јаглерод диоксид - CO2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото.
По исклучок со Предлогот на законот за ,,pick-up“ возилата и за одобрените моторни возила на кои е извршена преправка во друг вид моторно возила (во ,,pick-up,“ возило), а кои се распоредуваат во тарифна ознака 8704, се предлага данокот да се пресметува врз основа на податокот за силината на моторот искажан во киловати – kW , податок за износот на данокот на моторни возила за 1 kW изразен во денари за соодветна категорија и нивото на емисија на издувни гасови.
Понатаму, данокот за мотоцикли (вклучително и мопеди), скутери и слични возила со или без странична приколка од тарифните ознаки од Номенклатурата на Царинската тарифа 8711 20, 8711 30, 8711 40, 8711 50 и 8711 90 како и за трицикли и четирицикли со зафатнина на моторот поголема од 50 cm3 независно од нивната тарифна ознака во Номенклатурата на Царинската тарифа и за одобрените моторни возила на кои е извршена преправка во друг вид на моторни возила (во мотоцикли вклучително и мопеди, скутери и слични возила со или без странична приколка, трицикли и четирицикли со зафатнина на моторот поголема од 50 cm3  независно од нивната тарифна ознака во Номенклатурата на Царинската тарифа), се предлага данокот да се пресметува врз основа на податокот за зафатнината на моторот искажана во сантиметри кубни - см3, податок за износ на данок на моторни возила за 1 см3 изразен во денари за соодветна категорија и нивото на емисија на издувни гасови.
Исто така, по исклучок се предлага за мотоциклите (вклучително и мопеди), скутери и слични возила со или без странична приколка од тарифните ознаки од Номенклатурата на Царинската тарифа 8711 20, 8711 30, 8711 40, 8711 50 и 8711 90 кои се произведени пред 35 и повеќе години, а кои согласно одредбите од Законот за возила немаат доделен статус на возило со историска вредност „олдтајмер“, данокот на моторни возила да се пресметува и плаќа во паушален износ од 5.000,00 денари.
Во вториот дел исто така се пропишани и одредби кои се однесуваат на основица за пресметка на данок на моторни возила, утврдување на податоци за пресметка на данок на моторни возила како и потребната документација за утврдување на просечната емисија на јаглерод диоксид CO2 и нивото на емисија на издувни гасови.
Во врска со утврдувањето и плаќањето на данокот на моторни возила, Предлогот на законот содржи одредби според кои  во случај кога моторните возила подлежат на данок на моторни возила, пресметувањето и плаќањето на данокот на моторни возила ќе се врши со поднесување на пријава за плаќање данокот на моторни возила до надлежниот царински орган.
Исто така, предвидено е дека во случај кога надлежниот орган за регистрација на моторни возила при Министерството за внатрешни работи се посомнева во валидноста на приложениот доказ за платен данок на моторни возила или доказот за ослободување од данок на моторни возила или ако во други случаи се посомнева дека се работи за моторно возило на кое треба да се плати данок на моторни возила, ќе ја прекине постапката за регистрација и ќе побара мислење од надлежен царински орган.
Со одредбите се предлага фактурата која производителот, увозникот, трговецот со нови моторни возила или трговецот со употребувани моторни возила при продажба му ја издава на купувачот на моторното возило, треба да содржи и забелешка дека данокот е пресметан и платен согласно одредбите од Законот за данок на моторни возила,  износот на платениот данок за моторни возила и бројот на пријавата со која е платен данокот за моторни возила.
Во овој дел се пропишани и одредби во однос на oслободувањата од данок или враќање на платен данок на моторни возила за дипломатски и конзуларни претставништва и за меѓународни организации, ослободувања од данок или враќање на платен данок на моторни возила при реализација на проекти финансирани со парични средства на странски донатори, како и други случаи на ослободувања од плаќање на данок на моторни возила и доказите за ослободување од плаќање на данок на моторни возила.
Во однос на одредбите кои го опфаќаат враќањето на платениот данок на извезени моторни возила се предлага враќање на вкупниот износ на платениот данок на извезени моторни возила на правното лице кое е увозник и сопственик на ново моторно возило на кое е платен данокот на моторни возила и кое е одјавено од евиденцијата на регистрирани моторни возила, доколку го извезе моторното возило од Република Северна Македонија во рок од 120 дена сметано од датумот на првата регистрација до денот на извоз на моторното возило. Притоа, ако моторното возило за кои е одобрено враќање на платениот данок на моторни возила повторно се увезе и се користи на територијата на Република Северна Македонија, данокот на моторни возила во тој случај ќе се пресметува и наплатува согласно одредбите од Предлогот на законот. Враќањето на данокот на извезени моторни возила се предлага да се врши врз основа на поднесено барање за враќање на данок на извезени моторни возила до надлежниот царински орган кон кое се доставува потребната документација која е пропишана во Предлогот на законот.
Понатаму, во вториот дел на Предлогот на Законот се предлага да се пропише враќање на данок на моторни возила во посебни случаи.
Имено, во предложениот текст од Законот се предлага да се пропише враќање на данокот за:
1.  нови патнички моторни возила кои регистрирани лица ги набавуваат за вршење основна дејност авто такси превоз на патници, при што се предлага износот на платениот данок да се врати во износ од 25 %;
2. нови патнички моторни возила со вкупно осум или девет седишта (вклучувајќи го и седиштето на возачот) кои регистрираните лица ги набавуваат за вршење основна дејност авто такси превоз на патници или правни лица ги користат за превоз на лица за службени потреби во тој случај износот на платениот данок на моторни возила се предлага да се врати во износ од 80 %.;
3. возила за домување износот на платениот односно утврдениот данок за моторни возила се предлага да се врати или намали за 80 %, и
4. нови товарни моторни возила (трицикли или четирицикли) со зафатнина на моторот поголема од 50 cm3, кои се набавени од страна на регистрирани лица за вршење основна дејност комунална хигиена, износот на платениот данок на моторни возила се предлага дас се врати во целост.
Притоа, намалувањето на данокот се врши преку враќање на платениот данок за моторни возила, соодветно на пропишаниот процент и истото се остварува со поднесено барање за враќање на платениот данок на моторни возила во посебни слуачи, до надлежниот царински орган.
Воедно, пропишани се одредби за регистрација на производители и трговци со моторни возила, водење на евиденција, известување и електронска размена на податоци, потоа се пропишува обврска за доставување на месечен извештај во кој треба да се содржани податоците за продадени и испорачани нови и/или употребувани моторни возила во Република Северна Македонија. Исто така, пропишани се одредби за надзор над спроведувањето на Законот и одредби за постапка по тужба, односно дека против управен акт донесен од страна на надлежниот царински орган може да се поведе управен спор пред надлежниот управен суд.
ТРЕТИОТ ДЕЛ од Предлогот на законот за данок на моторни возила ги опфаќа прекршочните одредби, односно се пропишуваат глобите кои ќе се изрекуваат за непочитување на одредбите од Предлогот на законот.
Во ЧЕТВРТИОТ ДЕЛ од предложениот текст на Законот за данок на моторни возила се содржани одредби кои се однесуваат на Номенклатурата на царинската тарифа и преодните и завршните одредби кои меѓу другото содржат одредба за подзаконските акти кои треба да се донесат во рок од три месеци од денот на влегување во сила на Законот за данок на моторни возила.
Притоа, започнатите постапки за увоз на моторни возила за кои се поднесени и регистрирани увозните царински декларации до денот на отпочнување на примената на овој закон ќе се завршат согласно Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“број32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 135/2011, 82/2013, 43/2014, 167/2014, 188/2014, 129/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 171/2017 и 120/2018).
Предвидено е овој закон да влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република  Северна Македонија“, а да започне да се применува од 1 јануари 2020 година.

Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје