ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ, ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА



Со членот 1 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Закон за градежно земјиште се врши дополнување со нова точка во одделните изрази кои имаат значење во смисла на овој закон.
Во Предлогзаконот за изменување и дополнување на Закон за градежно земјиште, со членот 3 се предлага одредба со која се предвидува во иднина отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија по пат на јавно наддавање на кое е извршено уредување согласно членот 94 став (1) од овој закон. Ова е со цел овозможување на непречена реализација на донесените урбанистички планови, преку отуѓување по пат на јавно наддавање, (а преку тоа и остварување на јавниот интерес), а со тоа и на овозможување на изградба на предвидените објекти, како и олеснување на реализација на исполнување на обврските од страна на купувачите на градежно неизградено земјиште сопственост на РСМ. Воедно, со оваа законска измена се регулира отуѓувањето на градежното земјиште да се врши врз основа на претходна уреденост која предвидува изграденост на објекти на комунална инфраструктура, заради непречен пристап до градежната парцела од јавен пат, поставување на водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација.
Со членот 5 од Предлог-законот се врши прецизирање на воспоставување на правото на стварна службеност во поглед на изградбата на објекти од јавен интерес.
Со членот 6 и 8 од Предлог на законот се врши конкретно дефинирање на надлежноста на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје, во поглед на располагањето со градежното земјиште, преку раздвојување на надлежноста на органот на државната управа надлежен за располагање со градежното земјиште, со цел целосна имплементација на процесот на децентрализација.
Со членот 10 од Предлог-законот, на постојниот член 51 од Законот се врши дополнување со одредби во однос на податоците кои треба да ги содржи објавата за отуѓување односно давање под долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија, со цел поголема транспарентност и запознавање на законските услови кои се однесуваат на идните купувачи на градежно земјиште сопственост на РСМ по пат на јавно надавање, а со тоа и олеснување на постапката во поглед на реализација нја обврските од страна на купувачите.
Со членот 11 и членот 12 од Предлог на законот, од една страна се врши овозможување на реализација на процесот на децентрализација на локалната самоуправа, а од друга страна преку предвидување на постапување од страна на Државното правобранителство на РСМ се врши обезбедување на поголема  заштита на државниот имот - градежно земјиште.
Со членот 14 од Предлогот се врши олеснување на процедурата за формирање на комисија за спроведување на постапка за отуѓување на градежно земјиште во сопствнеост на РСМ по пат на јавно наддавање, на тој начин што се предвидува само претседателот на комисијата да поседува овластување за располагање со градежно земјиште, а сето тоа поврзано со одредбите за исполнување на условите за вршење на работите за располагање со градежмно земјиште во сопственост на РСМ, од страна на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје.
Со членовите 18, 19, 20, 21, 22, 23, 24, 25, 33, 36, 38, 40 и 41 од Предлог на законот се врши поедноставување и рационализирање на прибавувањето на доказите во постапката, од аспект на оневозможување на раздвојување на процесот за прибавување на докази, како и намалување на времето за прибавувањето на доказите, а со тоа и побрзо одлучување по барањето на барателот и остранување на настанување на правни пречки во поглед на застарување на доказите приложени од страна на барателот до моментот на прибавување на докази по службена должност.
Со членот 21 од Предлог на законот се предвидува прибавување на дополнителен доказ заради правилно утврдување на фактичката состојба.
Со членот 27 од Предлог законот, постојниот член 75 став (1) од овој закон се менува со одредби во однос на тоа што е потребно да содржат договорите за отуѓување односно давање под долготраен закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, се` со цел усогласување на податоците кои што биле јавно објавени во Објавата за отуѓување на градежно земјиште сопственост на РСМ (по кои купувачот однапред бил запознаен), со законско овозможување да истите податоци од објавата бидат предвидени (опфатени) со договорот за отуѓување на градежното земјиште, а врз основа на тоа се острануваат било какви последици од постапката кои би настанале за во иднини во процесот на реализација на обврските од страна на купувачот.
 Со членот 28 од Предлог на законот, постојниот член 76 се менува со одредби во поглед на реализација на процесот на децентрализација, каде повеќе не може да постапува органот на државната управа за располагање со градежно земјиште. Со истиот член се врши зголемување на рокот за доставување на договорот за отуѓување на градежно земјиште до овластен нотар, а врз основа на тоа се овозможува полесно остварување на правата на купувачите. Се врши законско регулиранње на иполнување на обврските од страна на купувачите во поглед на прибавување на одобрение за градење со изградба на објектот, а сето тоа во согласност со извршена уреденост на градежното земјиште. Исто така, се врши законско усогласување на временските рокови од аспект на изградба на објектот, односно претходно предвидениот рок за изградба на објектот се заменува со временскиот рок за изградба на објектот предвиден согласно одредбите од Законот за градење (lex specialis), а врз основа на тоа се врши усогласување без дополнително ограничување на купувачот во поглед на времетрање на рокот за изградба на објектот. Воедно, со овој член се врши законско регулирање на постапката за исполнување на ообврската за изградба на објектот предвиден на градежно земјиште кое не е уредено, односно се предвидува олеснување на остварување на правата на купувачите во поглед на исполнување на обврските во случај на отуѓено неуредно градежно земјиште, која неуреденост на градежното земјиште е без вина на купувачите. 
Со членот 29 и 30 од Предлог-законот се врши повисок степен на заштита на државниот имот (градежно земјиште) преку предвидување на конкретна законска забрана дека градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија отуѓено по пат на јавно наддавање, се до исполнување на обврските од страна на купувачот, не може да биде дел од стечајна маса. Истo така, се предвидува законски временски рок од 12 (дванаесет) месеци во кои општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје имаат обврска, по истекот на роковите за исполнување на обврските од страна на купувачите да извршат утврдување на точната фактичка состојба и врз основа на тоа да спроведеат постапка за еднострано раскинување на договорите за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија по пат на јавно наддавање, а во случај да не може еднострано раскинување на предметните договори, да се започне судска постапка, а врз основа на тоа се воспоставува конктено регулирана постапка со конкретно дефиниран временски рок. Исто така, се предвидува и законско регулирање на настаната состојба кога е истечен временскиот рок за изградба на објектот, а купувачот го изградил објектот (преставува функционална целина утврдена од страна на кумисија од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје), но не извршил негово запишување во јавната книга за запишување на правата на недвижностите (а не се предвидени договорни казни кои би можел да ги плаќа купувачот поради пролонгирање на рокот), се предвидува законска можност купувачот да плати казна која би изнесувала 80% од купопродажната цена, а со тоа овозможување на дополнителен рок од 6 (шест) месеци за запишување на објектот во Јавната книга за запишување на правата на недвижностите, додека во спротивно се предвидува раскинување на договорот, враќање на градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија и овозможување на законска постапка за спроведување на постапка за запишување на објектот во сопственост на Република Северна Македонија, при тоа со цел целосна заштита на државниот имот и државните интереси се предвидува целосна вклученост на Државното правобранителство на Република Северна Македонија во постапката. 
Со членот 31 од Предлог на законот, се врши законско регулирање на начинот, постапката и условите за усоглaсување на временскиот рок за изградба на објектот на отуѓено градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија кое не претставува уредено градежно земјиште, преку склучување на анекс, се` се со цел поголема заштита на државниот имот, при што се овозможува законско регулирање на постапката во поглед на започнување на течење на рокот за изградба на објектот.
Со членот 34 од Предлог законот постојниот член 84 став (4) се менува со одредба во однос на рокот за доставување на договорите кај нотар за солемнизација, со цел овозможување на полесно исполнување на обврските од страна на закупецот, а врз основа на тоа и полесно овозможување на реализација на постапката.
Со членот 36 од Предлог на законот, во постојниот член 86 став (1) алкинеја 1, се врши допрецизирање на постапката за стекнување на право на трајно користење сопственост на Република Северна Македонија, на тој начин што се прецизира дека на предвидената површина за градење може да се доделува право на трајно користење на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, државните органи, јавните претпријатија и други субјекти основани од Владата на Република Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, со прибавување на конкретно предвидени докази (имотен лист и Уверение за историски преглед на извршените запишувања) во кои градежното земјиште сопствнеост на Република Северна Македонија нема да биде оптоварено со дополнителни товари и ограничувања во корист на трети лица.
Со членот 39 од Предлог-законот постојниот член 89 став (2) се менува со одредба дека засновањето на право на стварна службеност на градежно земјиште се врши по поднесено барање за изградба на објект од јавен интерес утврден со закон, со цел усогласување на претходно извршената промена во член 43 од постојниот закон, а воедно се врши усогласување во поглед на поснесување на доказите за стекнување на право на стварна службеност.
Со членот 41 од Предлог-законот постојниот член 91 се дополнува со одредба дека барателот е согласен да ги плати евентуалните трошоци кои би произлегле од бришење на правото на користење на поранешниот корисник врз основа на изјава, а сето тоа со цел остварување на правата и правните интереси на поранешниот корисник.
Со членот 42 од Предлог законот се предлага барателот во рок од 60 дена од денот на правосилноста на решението за воспоставување на право на стварна службеност, да достави доказ за извршено запишување на правото во Јавната книга за запишување на правата на недвижностите преку електронскиот систем, се` со цел овозможување на полесна и побрза евиденција на правто на стварна службеност во Јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
Со членот 43 од Предлог законот, се врши регулирање на водење на регистар, на начин што регистарот се води по електронски пат без дополнителни обврски на општините, а притоа имајки го во предвид електронскиот систем www.gradezno-zemjiste.mk.
Со членот 44 од Предлог-законот се врши бришење на одредбите од став (3) од членот 94 од постојниот закон со цел уреденоста на градежното земјиште да биде целосна, без предвидување на делумна уреденост.
Со членот 45 од Предлог-законот постојниот член 95 се дополнува со одредба дека уреденоста на градежното земјиште ќе ја утврдува комисија формирана од општините, општините во град Скопје и градот Скопје, со цел конкретно да биде дефиниран органот кој ке има законска надлежност за утврдување на уреденост на градежно земјиште.
Со членот  47 од Предлог законот, постојниот член 99 се менува со одредби со кои се пропишуваат условите кои општините, општините во град Скопје и градот Скопје треба да ги исполнат при вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија, односно дефинирање и олеснување на вршењето на работите со располагањето со градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија, со цел полесно спроведување на процесот на децентрализација.
Со членот 49 и 51 од Предлог-законот се врши заштитување на процесот на децентрализација на тој начин што законската надлежност за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија да не може да биде одземена на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
Со членот 53 од Предлог-законот, постојниот член 122 се менува со одредби со кои се пропишува органот на државната управа надлежен за вршење на работите кои се однесуваат на управувањето со градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, да врши увид во предметите кои произлегуваат од овој закон, а oпштините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да му овозможат да врши увид.
Со членот 54 од Предлог законот, се менуваат постојнииот член 123 и член 124 кои се однесуваат на вршењето на надзорот на органот на државната управа, а сето тоа во поглед на разграничување на управниот надзор од инспекцискиот надзор, како и усогласување на надзорот во однос на предвидените измени во постојниот закон со овој закон, со цел реален и поспроведлив надзор.
Со членот 56  од Предлог законот, се предлага дополнување на нови членови во однос на инспекцискиот надзор, што до сега како прашање не беше уредено, а воедно се врши и усогласување со новиот Закон за инспекциски надзор.
Со членовите 57, 58, 59, 60, 61, 62, 63, 64, 65 и 66 од Предлог законот се врши усогласување на глобите и прекршоците согласно новиот Закон за прекршоците, како и се предвидува прекршок за неактивирана банкарска гаранција и непостапување од страна на градоначалниците на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во поглед на исполнетоста на условите за вршење на работите за располагање со градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, а врз основа на тоа се дава поголема сигурност во насока на правилна примена на одредбите од Законот за градежно земјиште.
Со членот 67 од Предлог-законот во постојниот член 132 се менува рокот на одлучување на органот по поднесено комплетно барање од 15 на 30 дена во случаите предвидени со Законот, а во согласност со Законот за општа управна постапка, со цел овозможување на полесно и правично одлучување по заведените управни постапки.
Членот 69 од Предлог-законот е преодна одредба со која се врши поцелосно и конкретно дефинирање на должноста на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во поглед на тоа по кои предмети и постапки имаат законска обврска за постапување од денот на започнување на вршење на работите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, со предвидување на краен рок до 30.04.2020 година.
Член 70 од Предлог-законот е преодна одредба со која се врши заокружување на временскиот рок на процесот на децентрализација во поглед на вршење на работите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија од страна на општинте, општините во градот Скопје и градот Скопје, при тоа дефинирајки законска обврска за превземање на надлежностите и определувајки датум (до 30 април 2020 година) од кој вршењето на работите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија ќе се врши исклучително од страна на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. 
Се предвидува овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија.

Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје