На седница на Клубот на извозници промовирани мерки и проекти за поддршка на домашните извозници
➢ Актуелно (15.09.2023, во 15:52:00)
👁 Прочитано: 78




На седница на Клубот на извозници промовирани мерки и проекти за поддршка на домашните извознициКликни за повеќе

Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија на 15.09.2023 година одржа редовна седница на која се дискутираше за  можностите и придобивките од создавање на Заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан, како и за актуелни можности и отворени повици за поддршка на домашните извозници и предлози за креирање на мерки за промоција на македонскиот извоз на странските пазари.

Д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на КИФ, ги претстави тековните и идните активности во рамки на Заедничкиот регионален пазар (CRM – Common Regional Market). Целта на Заедничкиот Регионален пазар е да се зајакне конкурентноста на компаниите од ЗБ на европскиот и светскиот пазар, да се интегрира пазарот кој го сочинуваат 18 милиони луѓе, да се подобри интеграцијата на економијата на ЗБ во европските вредносни синџири, да се зголеми потенцијалот за раст на БДП од 6.7%, како и да се позиционира ЗБ како еден регион за странски инвестиции со предност во намалувањето на растојанието до пазарите на ЕУ (производствени капацитети и синџири на снабдување).

На настанот, г-дин Марко Мандиќ, експерт за трговија во ЦЕФТА Секретаријатот ја презентираше целокупната работа и важноста на ЦЕФТА Секретаријатот во процесот на приближување на регионот кон ЕУ. ЦЕФТА ги поддржува и ги олеснува процесите на ЗБ како што беше и примерот на приклучување на регионот кон зелените коридори за време на КОВИД пандемијата.

Пред присутните беа најавени и петте повици за поддршка на извозно ориентираните компании во процесот на градење на нивните извозни капацитети во рамки на Проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, кој се спроведува во партнерство со УСАИД , а кои се објавени на коморскиот портал www.mchamber.mk. Целта на повиците е зголемување на конкурентноста на македонските компаниии и поддршка во процесот на развивање на нивните извозни капацитети.

Како што информира оперативниот директор за претставување на членките и вмрежување во Стручната службана на Комората, Билјана Пеева-Ѓуриќ, повиците опфаќаат директна помош на компаниите преку развој на Стратегии/Планови за извоз на пазарите, дигитална трансформација, имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија, техничка помош за пристап до финансии, за кои избраните компании ќе имат техничка поддршка од страна на консултанти кои се експерти во дадената област.

Крајниот рок за поднесување на апликациите е 25.9.2023 година.

Претседателот на Клубот на извозници проф. д-р Дарко Лазаров напомена дека компаниите можат да аплицираат за поддршка и преку актуелната програма за поддршка  на конкурентноста на преработувачка индустрија за 2023 година донесена од страна на министерството за економија. Во делот на поддршката на извозните компании се предвидени мерки за кофинансирање за изработка на стратегија за извоз, студии за истражување на пазарот, маркетинг стратегија или активности за развој на бренд во износ од 50% од докажаните трошоци или најмогу 300.000 денари поединечно за секој деловен субјект, набавка, имплементација, сертификација и обука за меѓународни стандарди за квалитет и друго.

Претседателот Лазаров истакна дека Клубот и Комората им стои на располагање на компаниите преку професионална, експертска и техничка помош при аплицирање и користење на средствата за поддршка на македонските извозници.

На крај на состанокот присутните компании дискутираа за приоритетните прашања и за барањата на членките на Клубот на извозници за дизајнирање мерки за помош на домашните извозни компании имајќи го предвид суштинското значење на извозот за нашата економија.

Истовремено на седницата беа донесени и три приоритетни заклучоци за поддршка на извозно-ориентираните компании коишто ќе бидат дискутирани на следната седница на Националниот совет за извоз како главен механизам за јавно-приватен дијалог на кои се третираат сите прашања поврзани со промоција и поддршка на извозот.

Служба за информирање при Комората