„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
На 9 јуни 2026 година Стопанската комора на Северна Македонија – Регионална комора Прилеп, во соработка со Управата за јавни приходи успешно реализираше работилница посветена на имплементацијата на системот за е-фактура.
Настанот предизвика значителен интерес кај бизнис-заедницата, а на работилницата учествуваа триесетина компании од прилепскиот регион со вкупно 48 претставници. Работилницата беше организирана со цел да се обезбедат дополнителни информации и практична поддршка за компаниите во процесот на воведување и користење на системот за електронско фактурирање.
Претставниците на Управата за јавни приходи одржаа детална презентација на системот, при што беа претставени неговите функционалности, придобивки и практични аспекти на користење. Особено внимание беше посветено на тестирањето на различни сценарија преку апликацијата, што им овозможи на учесниците непосредно да се запознаат со начинот на функционирање на системот и неговата примена во секојдневното работење. На настанот беа презентирани тековните активности поврзани со имплементацијата на системот за е-фактура, процесите и даночните индикатори. Посебен акцент беше ставен на практичната примена на решението и на предизвиците со кои се соочуваат деловните субјекти при неговото воведување.
Во рамки на работилницата беше отворена дискусија во која учесниците имаа можност да поставуваат прашања, да ги споделат своите искуства и предлози, како и да ги презентираат специфичните потреби и предизвици поврзани со фактурирањето во различни стопански дејности. Отворената дискусија потврди дека деловната заедница активно се подготвува за воведувањето на системот за е-фактура и покажува висок интерес за дигитализација на деловните процеси. Размената на мислења и предлози придонесе за подобро разбирање на потребите на компаниите и за унапредување на идните активности поврзани со имплементацијата на проектот.
Стопанската комора на Северна Македонија – Регионална комора Прилеп ќе продолжи да биде партнер и поддршка на компаниите во процесот на дигитална трансформација, преку организирање настани, обуки и работилници кои придонесуваат за навремено информирање и успешно прилагодување кон новите технолошки и законски решенија.