1002 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
   
02.05.2019 👁 Прочитано: 895

„ЖУРКА“ ЗА ПОТТИК НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА


Многупати досега сум пишувал и сум зборувал за своите искуства во бизнисот и секогаш една реченица ми доаѓа како клучна констатација – за бизнисот е битна брзината, а за политиката трпеливоста. Не знам зошто, но убеден сум дека, генерално гледано, тоа е многу точна констатација. Значи, прашањето за времетраењето на постапката за донесување на новите бизнис-регулативи е прашање на правење пари, на правење профит, на намалување на трошоците и на зголемување на конкурентноста. Не е безначајно дали некој правен акт, кој има директно влијание врз бизнисот, ќе биде донесен денес, за два месеца, за две години или повеќе. Мерливоста изразена во пари е значаен фактор за работењето на компаниите.

Какви се нашите искуства? Од многуте анкети направени внатре во СКМ, процесот на менување или на донесување нови правни акти трае од шест месеци до три години, ако се работи за редовна постапка. Ако се работи за вонредна постапка, тогаш се заобиколува основното правило на консултација со бизнис-заедницата. Многупати досега сме укажувале на оваа негативна појава било да е во јавна форма, било да е во неформални консултации со претставниците на Владата и на министерствата, било да е во писмена кореспонденција. Секогаш праксата на ваквото бавно работење продолжувала, што значи дека бизнисот трпел директни финансиски импликации, кои тешко дека можат да се измерат, но сигурно влијаеле врз конкурентноста на нашите компании. Во моменти кога напорно се бориме со цените на меѓународниот пазар.

Токму поради тоа, сакајќи да ја прекинеме таквата пракса, Управниот одбор на СКМ на својата последна седница одлучи да организира одбележување на петгодишнината од поведувањето на постапката за донесување на Законот за холдинг и на Законот за извршување – два многу значајни акти за нашето работење. Првиот бидејќи сме една од ретките земји каде што не е регулирано прашањето за постоење холдинг-компании, а вториот поради упорноста на Владата и натаму да овозможува приоритет при наплатата на државниот во однос на приватниот сектор. „Настанот“, една современа и модерна забава, ќе се одржи во СКМ, во текот на мај, и на неа ќе бидат поканети сите чинители кои пет години упорно го минираат донесувањето на овие значајни правни акти. „Пародијата“ е нашата последна алатка да ја поттикнеме свесноста за брзо донесување на законите, кои можат да донесат само добро и за јавниот и за приватниот сектор.

П.С. Продолжуваат активностите на СКМ и без пародии, во добра координација со носителите на економската политика. Тече иницијативата за обезбедување лоби-поддршка. За таргетот, просечен бруто-домашен производ на земјите од Западен Балкан како наша развојна цел, за даночниот календар, за пописот, за децентрализацијата и за многу други прашања. Искрено се надевам дека тие нема да завршат со пародија како наша последна алатка за остварување на целите утврдени во нашата програма, која е транспарентно прокламирана. 

„ЖУРКА“ ЗА ПОТТИК НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА