ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
13.09.2011 👁 Прочитано: 130

Предлози на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали - УСЛОВИТЕ НА ЈАВНИТЕ ТЕНДЕРИ ПРИЛАГОДЕНИ НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ И ДДВ ОД 5 ОТСТО


   Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, на седницата одржана на 13.9.2011 година, расправаше за станбената  изградба, за јавните тендери во државата, како и за проблемите со кои се соочуваат во тековното работење, почнувајќи од ангажирање на „дивите“ мајстори во индивидуална градба, како и законите за заштита и безбедност при работа, но и честиот недостиг  на градежни работници.
    Во нашата држава се градат просечно годишно околу 5.000 станови, а според анализите, но и потребите на пазарот, таа бројка  е недоволна. Во оваа насока и Владата прави напори да ја стимулира станбената изградба, преку обезбедување локации, содавање можности за нивно кредитирање, било да се за пазар или за социјлани или ранливи категории на граѓани. 

    Во обемната дискусија се истакна дека ДДВ за становите од 5% треба да остане и по 31.12.2011 година, ако се има предвид дека цената на становите ќе се зголеми за околу 12% -13%, доколку се врати општата стапка на ДДВ од 18%. Градежните материјали кои се вградуваат се со општата стапка, а нивните цени се во пораст, што од друга страна има влајние и врз цената на самите станови. Во цената на еден метар квадратен станбена површина се зема цената на градежното земјиште, на комуналиите и на други трошоци кои ја пратат градбата, а пазарот ја диктира цената, која се движи од 780 евра до околу 1.000 евра, според официјалните статистички податоци. Од друга страна, локацијата и регионот имаат влијание врз понудата и побарувачката и врз цената на становите.
     Посебено интересна дискусија се водеше во врска со јавните тендери во државата, за кои се изнесоа низа забелешки, почнувајќи од тоа дека цената претставува основен критериум за нивно добивање, кое е посебно изразено кај електронската аукција, каде се нудат премногу ниски цени, со што се доведува во прашање можеби и квалитетот на изведбата на објектите.

     Се предложи, тендерите од инфраструктурата да бидат делливи, заради поголема достапност и за нашите градежни компании, а исто така и условите кои во нив се нудат да бидат прилагодени и за домашните компании, а се` со цел да бидат ангажирани како градежните компании, така и производителите на градежни материјали. 
    На седницата се заклучи, во писмена форма, до Владата да се достават предлог–заклучоците, се` со цел да се преземат решенија кои ќе бидат во интерес на македонските фирми.
     На седницата се дискутираше и за зачестеното ангажирање на работници на диво, најчесто во индивидуалната градба, потоа за  некои законски решенија од законите за безбедност и здравје при работа, а и за градба. Се иницира и прашањето околу застојот во добивањето на одобренија за градење кај колективните станбени згради, но и кај другите објекти, кои условно кажано го немаат регулирано статусот со земјиште, односно сопственоста. Се предложи, да се побара од надлежните институции, колку може побрзо да се реши откупот на земјиштето или да се најде модел за да  не  се стопира градбата. 


                                                                         Марија Петроска      

 

 

Предлози на Здружението на градежништвото, индустријата  на градежни материјали и неметали - УСЛОВИТЕ  НА   ЈАВНИТЕ   ТЕНДЕРИ ПРИЛАГОДЕНИ НА ДОМАШНИТЕ  КОМПАНИИ И ДДВ ОД 5 ОТСТО