ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
17.03.2011 👁 Прочитано: 168

Тематска расправа за имплементација на усвоените европски стандарди во градежништвото и производството на градежни материјали во земјава - ТЕШКО ПРИЛАГОДУВАЊЕ КОН ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ ЗА БЕТОН


     Во организација на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија и Институтот за стандардизација на Република Македонија –ИСРМ, на 17 март 2011 година, беше организирана тематска расправа за хармонизација на националната со европската стандардизација и имплементација на усвоените европски стандарди во градежништвото и производството на градежни материјали во Република Македонија, со посебен осврт врз стандардите за бетон и бетонски производи. 
 
   Согласно Директивата за градежни производи (CPD) 89/106 ЕЕС, донесен е Законот за градежни производи и подзаконките акти, кои ги регулираат суштинските барања на градежните објекти, сообразност, заштита од пожар и друго. Во завршните одредби од Законот е наведено дека до пристапување на Република Македонија во Европската унија или до влегувањето во сила на соодветен протокол за оценка на сообразноста со Европската заедница (АКА) или до влегување на сила на соодветен билатерален договор за меѓусебно признавање на документи, производителот или неговиот овластен застапник за производот што е произведен во Република Македонија и наменет за домашниот пазар пред негово пуштање на пазарот или ставање во употреба треба да обезбеди сертификат за сообразност издаден од овластено тело. Сертификатот за сообразност ја заменува СЕ-ознаката.

    Министерството за економија согласно сертификатите за акредитација издадени од Институтот за акредитација на Република Македонија од областа 2.12 Градежништво (во зависност од опсегот на акредитацијата) им издаде Решенија за именување на тело за атестирање на сообразност на Градежен институт „Македонија“ АД Скопје, Лабораторија за испитување на градежните производи и Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ АД - Скопје, Лабораторија за испитување на градежните производи.

     Со посебен осврт и презентации за стандардите за бетонот (EN 206-1) од страна на стручњаци во оваа област, беше истакнато дека контролата на производството мора да биде документирана и јасно прецизирана од организациски аспект кои можат да имаат влијание на квалитетот. Почетната контрола ја прави прозводителот и лабораториската опрема која ќе се користи ќе мора да ги задоволи предвидените услови со стандардот европска норма MKSEN 17025.
    Сите проверки на опремата ќе се спроведуваат по утврдена процедура од страна на испитувачката лабораторија или Институтот за акредитација на Република Македонија доколку се бара акредитирана лабораторија.
Според некои пресметки, потребно е да се вложат средства за неопходна опрема cca 14.000 евра за одредување на еден мал број карактеристики на материјалите, без да се евидентираат трошоците за потребните човечки ресурси и опремата за технолошката изработка на производот.
  
    Во дискусијата беше потенцирано, дека фабриките за бетон прават напори за нивно опремување и контрола на квалитетот на бетонот, но нелојалната конкуренција се` почесто ги руши пазарните правила и се нудат нереални цени на готовиот бетон. Со тоа се наметна потребата од формирање Групација за бетони, каде што заеднички ќе се предлагаат мерки за надминување на одредени проблеми, но и размена на искуство за имплементација на европските стандарди во оваа област.

                                                                                               Марија Петроска

 

Тематска расправа за имплементација на усвоените европски стандарди во градежништвото и производството на градежни материјали во земјава - ТЕШКО ПРИЛАГОДУВАЊЕ КОН ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ ЗА БЕТОН