Регионалната комора со седиште во Велес во посета на Сомбор - ПОТПИШАНА МЕЃУКОМОРСКА СПОГОДБА ЗА СОРАБОТКА И ОСТВАРЕНИ БРОЈНИ БИЗНИС-КОНТАКТИ

   

➤ Актуелно (23.02.2011)
👁 Прочитано: 446


 Регионалната комора со седиште во Велес во посета на Сомбор - ПОТПИШАНА МЕЃУКОМОРСКА СПОГОДБА ЗА СОРАБОТКА И ОСТВАРЕНИ БРОЈНИ БИЗНИС-КОНТАКТИ

       Претседателот на Регионалната комора со седиште во Велес, Трајче Трајков, во придружба со градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров и група стопанственици од Велес, беа во посета на Сомбор, на Денот на градот (18.02.2010 година). Покрај збратимувањето на двата града, беа остварени и контакти меѓу велешките стопанственици и бизнисмените од регионот на Сомбор. За да ја потврдат својата досегашна соработка и да ја зајакнат уште повеќе во иднина, претседателот на Управниот одбор на Регионалната стопанска комора на Сомбор, Татјана Маглиќ и Трајче Трајков, претседател на Регионалната комора со седиште во Велес, потпишаа Спогодба  за деловно- техничка соработка на коморите од двата града. На потпишувањето на Спогодбата, покрај стопанствениците, присуствуваа и градоначалниците на двата града - Немања Делиќ и Горан Петров, потоа претседателот на Собранието на град Сомбор, Синиша Лазиќ и Лилјана Соколова-Ѓокиќ, началник на Западнобачкиот управен округ.


     Претседателката на Управниот одбор на Регионалната стопанска комора на Сомбор, Татјана Маглиќ, го изрази своето задоволство од  потпишувањето  на Спогодбата и го истакна значењето на стопанството за локалната самоуправа, но и значењето на локалната самоуправа за стопанството:
    - Стопанството е темел на локалната самоуправа и на задоволните граѓани.
Трајче Трајков, претседател на Регионалната комора со седиште во Велес, изразувајѓи го своето задоволство од присуството на еден ваков настан и остварените контакти меѓу бизнисмените од двата региона, истакна дека до 90-тите години двата града имале добра соработка, така што потпишаната Спогодба е влог во нова соработка. Но, според неговите зборови, оваа посета и потпишаните документи уште повеќе ќе ја зацврстат соработката меѓу стопанствениците од двата града. Тој  предложи, а присутните го поддржаа неговиот предлог, да се покрене иницијатива за воспоставување економска унија на земјите-членки од поранешна СФРЈ.             
                                                                                             Венера Андриевска