Македонски фирми учествуваа на „ВИРОЕKСПО 2011„ во Република Хрватска - ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА ВРСКИТЕ СО ВИРОВИТИЧКОТО СТОПАНСТВО

   

➤ Актуелно (24.01.2011)
👁 Прочитано: 486


Македонски фирми учествуваа на „ВИРОЕKСПО 2011„ во Република Хрватска - ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА ВРСКИТЕ СО ВИРОВИТИЧКОТО СТОПАНСТВО

      Во периодот од 20-23 јануари 2011 година во Вировитица, Република Хрватска се одржа 16. Mеѓународен саем на стопанството, занаетчиството и земјоделието „ ВИРОЕКСПО 2011„. На манифестацијата,  под покровителство на Владата на Република Хрватска, се  претставија над 700 фирми, излагачи од 19 земји од регионот и пошироко, а  ја отвори претседателката на хрватската Влада, Јадранка Косор.


      На Саемот, којшто е насловен „Македонија - земја партнер“,  учествуваа 27 фирми од Македонија со свои производи од областа на текстилот, земјоделството, винарството, занаетчиството и туризмот, кои ги претставија своите производи и остварија многубројни контакти. Некои од македонските  компании потпишаа и договори за продолжување на својата бизнис- соработка.    

     Компанијата „ТВИН„ – Вировитица најави отворање на фабрика за мебел во Охрид. Покрај компаниите, на Саемот свои презентации имаа и општините  Велес и Охрид.


     Македонската стопанска делегација беше предводена од заменикот- министер за економија, Методиј Хаџи Васков. Македонската стопанска делегација на настапот на „Бироекспо 2011„ силно беше поддржана и од амбасадорот на Република Македонија во Република Хрватска, Данчо Марковски, кој учествуваше во сите деловни активности на македонските компании. Во рамките на манифестацијата првиот ден  се одржа бизнис- форум меѓу претставниците на Македонија и Хрватска на две теми: „Надворешно-трговската размена на Вировитичко-подравската жупанија и Македонија“ и „Како да се направи бизнис со Македонија“.

Потоа,  Стопанската комора на Македонија -  Регионална комора со седиште во  Охрид и Регионалната комора со седиште во Велес потпишаа спогодби за соработка со Хрватската стопанска комора  -  Жупаниска комора на Вировитица , со што ја зацврстија уште повеќе својата досегашна соработка.
Наредниот ден, во рамките на Саемската манифестација  за прв пат се одржа Економски форум (мултилатерални бизнис-средби) на кој настапија 63 компании од регионалните стопански комори од шест земји: Хрватска, Словачка, Унгарија, Србија, БиХ и Македонија, а чии домаќини беа Вировитичката регионална комора, чија заедничка цел беше воспоставување на меѓусебни контакти, воспоставување нови коморски контакти, продолжување на соработката и заеднички настап на трети пазари. Наредните коморски средби и збратимување на општината Охрид со Дубровник, договорено е  да бидат во Дубровник, а  домаќин ќе биде Регионалната комора на Дубровник.
 
                                                                          Венера Андриевска