ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
15.11.2010 👁 Прочитано: 354

Управен одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали - КВАЛИТЕТНА РЕВИЗИЈА УСЛОВ ЗА ДОБАР ПРОЕКТ


     *Искажан интерес за поголема соработка и транспарентност во работењето со Комората на овластени архитекти и овластени инженери   (Комора ОАИ)


     На иницијатива на Управниот одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, на 12.11.2010 година, се одржа состанок со претставници на УО на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (Комора ОАИ), на којшто се расправаше за повеќе прашања кои се во интерес за фирмите, но и за спроведување на законските ингеренции согласно Законот за градење.
     На состанокот беа потенцирани повеќе проблеми со кои се соочуваат фирмите, пред се`, во спроведување на законските решенија, но и брзо носење на нови измени, како што беа и последните измени посебно во делот за добивање на лиценци за странски компании. Во законската регулатива за градежништвото големи потешкотии има и влијанието на други закони кои создаваат дуализам во законската регулатива. Во расправата се потенцираа и прашањата околу критериумите при издавање на овластувањата, членарината на членовите на Комората ОАИ, доцнењето со донесување на тарифник за  минимални цени и друго. Во насока на подобрување на квалитетот на проектите, се потенцираше дека за лиценците за ревизија на проектите подобро е критериумите да бидат доста поригорозни и со поголеми одговорности, поаѓајќи од начелото дека добрата ревизија дава сигурност за добар проект.


     Како посебно прашање за кое се разговараше беа и лиценците за урбанизам, а квалитетното идејно решение за детални урбанистички планови треба да биде основа за избор при негова реализација, а не цената. Лошо урбанизиран простор има далекусежни последици на просторот, кои не ќе можат да се поправат со децении и генерации.
      Претставници од Здружението на градежништвото, беше предложено, да се вклучат со свои сугестии околу доизработка на предлог-тарифникот, секој од својата област (урбанизам, архитектура, статика и т.н.), за што е потребно, Комората на ОАИ да достави листа за кои оддели се потребни сугестии и стручни лица. Во изработка и давање на конечно мислење на тарифникот треба да се вклучи и ресорното министерство, се` со цел, истиот да се усвои што е и законска обврска.
     Заради поголема транспарентност во работата на Комората на ОАИ, е предложено почесто да се информираат членките, преку медиумите, преку прес-конференции, како и отворање на регионални центри во државата.
 Наредна активност на Комората на овластени архитекти и овластени инженери е одржување на годишно собрание, кое се планира да се одржи во месец  декември оваа година.
 Заедничкото настапување на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, пред надлежните институции и навремено вклучување во делот на давање на мислења и сугестии во измена и дополнување на законската регулатива, како и подзаконските акти, ќе биде од  интерес, како за компаниите така и за државата.

Марија Петроска

 

Управен  одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали - КВАЛИТЕТНА РЕВИЗИЈА УСЛОВ ЗА ДОБАР ПРОЕКТ