ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
01.10.2010 👁 Прочитано: 327

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - КОМПАНИИТЕ НЕЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА КРИЗАТА ШТО ГИ ЗАФАЌА ИЛИ ...!?


     Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија,  на седницата одржана на 30.9.2010 година, расправаше за актуелните проблеми, за законската регулатива и за кадрите во градежништвото. 

    

     Сите статистички податоци говорат за пад на ангажираноста на градежништвото - кај извршените градежни работи за шесте месеци од 2010 година споредено со истиот од минатата година падот изнесува  2,3%, а договорените бележат зголемување од 28,1%. Исто и издадените одобренија за градење бележат намалување од 14%, споредено шесте месеци од 2010 година (1.369) со истиот период од 2009 година (2.443).
 
     Загрижува податокот за работењето на компаниите во странство, каде што обемот на работа се` повеќе се намалува, при што извршените градежни работи се намалени дури за 46%.

     Во обемната и конструктивна дискусија, беа потенцирани проблемите со кои се соочуваат компаниите во тековното работење, почнувајќи од проблемите со добивањето на работите и меѓусебната конкуренција, било за проектирање, надзор или градење, па потоа долгите процедури при добивањето на одобренијата за градење, решавањето на имотно правните односи,  и оформувањето на локациите. Производителите на тули реагираат за високите цени на инпутите во производството, посебно на енергијата, како и на конкуренцијата од увозот од Србија, Грција, а во скоро време и од Албанија. Осовременувањето на производните линии оди доста споро, заради недоволни сопствени финансиски средства, а од друга страна треба да се имплементираат европските стандарди.

     Членките посебно реагираа и на неажурноста на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, која не успеа да подготви правилник за минималните цени на проектантски услуги, бидејќи, како што беше истакнато, фирмите сега импровизираат при давање на цени за овие услуги, а посебно пред странските инвеститори.

     На седницата беше поддржана иницијативата и потребата за едукација на млади кадри за градежништвото, од профилот на армирачи, работници за бетонирање, за лепење плочки и други, кои се потребни во градежните компании, а за кои се изрази интерес и за извршување пракса во текот на школската година.    

                                                                          Марија Петроска

Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите - КОМПАНИИТЕ НЕЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА КРИЗАТА ШТО ГИ ЗАФАЌА ИЛИ ...!?