ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
18.06.2010 👁 Прочитано: 332

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали -ЗАРОБЕНИ ВО СИНЏИРОТ НА НЕНАПЛАТЕНИ ПОБАРУВАЊА ОД ДРЖАВАТА


*За градежните компании потешката работа е да се наплати изработеното, посебно од државните и локалните институции. Производителите на градежни, неметални и други производи кои го пратат градежништвото, се жалат дека овој проблем се рефлектира и кај нив и ги доведува во ситуација на голема неликвидност.


Јавните набавки во РМ, имплементција на законската регулатива во градежништвото, почитување на договорните обврски во делот на навремена наплата и квалитетна наплата, како и состојбите во производството, извозот и увозот на градежни и неметали производи беа тема на расправа на седницата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали. (17.06.2010 година)

 


На седницата се истакна дека јавните набавки во државата од година во година бележат тренд на зголемување, така што вкупната вредност на јавните набавки во 2009 година учествува со 12% во БДП. Во градежништвото, во 2008 година склучени се 728 договори за работа, а во 2009 година 1.165 договори, односно зголемување од околу 60%. Во нив најголемо учество имаат договорите за изведување кое се движи околу 87% - 90%.
Градежниците редовно ги следат и аплицираат на објавените јавни тендери, меѓутоа, како што се истакна на седницата, ги имаат и следните забелешки:
- не се јасно дефинирани правилата на учествување;
- не се почитуваат правилата за изработка на тендерската документација;
- често тендерите се нестручно изработени од некомпетентни лица, кои недоволно го познаваат процесот, на пример на градење, затоа што мора да има унифицирани предмет и пресметки, рокот за градење треба да биде фиксен, односно да го одреди инвеститорот, потоа гарантниот рок, а исто така, се препорачува континуирана контрола на описите во јавните набавки и друго;
- во критериумите често не се почитуваат одредбите од Законот за градење, посебно лиценците кои ги поседуваат градежните компании и истите треба да бидат приоритет, а не да се отстапуваат на други фирми за аплицирање, но и добивање работите;

Градежниците истакнуваат дека, сепак, потешката работа е да се наплати изработеното, посебно од државните и локалните институции. Ова од причина што често во договорите, од страна на инвеститорите, се предвидува рок на плаќање од најмалку 90 дена, па и повеќе од 160 дена од денот на потпишување на ситуацијата, при што излегува градежниците да ја финансираат градбата, да платат ДДВ на испоставена, а ненаплатена фактура, да обезбедат плата на вработените и да ги подмират сите други давачки кон државата.
Компаниите производители на градежни, неметални и други производи кои го пратат градежништвото, на состанокот истакнаа дека јавните тендери, не само што создаваат финансиски проблеми на градежните фирми, туку имаат влијание и врз нив, од причина што синџирот на ненаплатени побарувања се рефлектира и кај нив и ги доведува во ситуација на голема неликвидност.
Од друга страна, на финансиското исцрпување на компаниите влијае и енергијата, посебно цената на мазутот, која за една година е зголемена од  9,8 денари на почетокот од 2009 година, на сегашни околу 35 денари. Затоа, повеќето фирми, размислуваат да ги затворат своите производни погони, а причина повеќе е и конкуренцијата од увоз на истите производи на нашиот пазар, без да им се обрне внимание за квалитетот, а не им бара атест за квалитет, како што тоа се прави при извозот на нашите производи.
На седницата се заклучи писмено да се информираат надлежните министерства за проблемите со кои се соочуваат компаниите во тековното работење, како и можноста да се наплатат меѓусебните побарувања со пребивање со побарувањата од државните институции.


                                                                                              Марија Петроска 

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали -ЗАРОБЕНИ ВО СИНЏИРОТ НА НЕНАПЛАТЕНИ ПОБАРУВАЊА ОД ДРЖАВАТА