Недвосмислена поддршка за европската перспектива на регионот на Западен Балкан

   

👁 Прочитано: 2910


Недвосмислена поддршка за европската перспектива на регионот на Западен Балкан
Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

Овогодинешниот Самит „ЕУ-Западен Балкан“ се одржа на 6 мај 2020 година, како видео-конференција на којашто домаќин беше Република Хрватска. Лидерите на ЕУ постигнаа согласност за усвојување на „Загребската декларација“, којашто беше иницирана од лидерите на шесте земји од регионот на Западен Балкан.

На денешната видео-конфереција, лидерите на ЕУ и Западен Балкан уште еднаш ја потврдија значајноста на посебните односи меѓу ЕУ и регинот.

Европската унија и Западен Балкан се обединети во борбата против КОВИД-19. Самитот понуди можност да се потенцира меѓусебната солидарност и соработка во овие кризни времиња. Партнерите во регионот придонесуваат со помош за земјите-членки на ЕУ, додека Европската унија собра преку 3,3 милијарди евра за му помогне на Западен Балкан да се справи со кризата поради  корона вирусот.

Главните теми на состанокот беа европската перспектива на регионот, поддршката и соработката при кризата поради КОВИД-19, како и обновувањето на посветеноста на европските вредности и реформи.

Како што беше наведено во усвоената Декларација, којашто ја потврдува недвосмислената поддршка за европската перспектива на регионот, предводниците на Европската унија (ЕУ) и нејзините земји-членки, по советувањата со лидерите на земјите од Западен Балкан и во присуство на регионални и меѓународни засегнати страни, ја повторија силната солидарност со партнерите во контекст на кризата со коронавирусот.

„Повторно ја утврдивме и ја потврдивме позицијата на европската перспектива за Западен Балкан. Важно е да се продолжи со реформите, владеењето на правото, демократските вредности, борбата против корупцијата – тие се суштествени“, - рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во своето воведно обраќање.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен нагласи дека регионот на Западен Балкан припаѓа во ЕУ и дека тука нема дилема.

„Штом ја надминеме оваа фаза на пандемијата, ЕУ ќе го претстави инвестицискиот план во текот на годината – ќе се фокусира на нужната транспортна и енергетска инфраструктура, но, исто така, и на новиот „Зелен“ договор и дигитализацијата“, - изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата.
За време на прес-конференцијата, премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, ги потенцираше постигнатите успеси за време на претседателството на Република Хрватска со ЕУ.

„Благодарение на нашите заеднички напори, успеавме да отвориме пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Според нас, овие одлуки доаѓаат со големо задоцнување. Исто така, успеавме да усвоиме нова методологија, којашто ќе им помогне не само на Србија и Црна Гора, кои веќе преговараат, туку и на Северна Македонија и Албанија“, - рече Пленковиќ.

Тој додаде дека Босна и Херцеговина, според хрватското гледиште, заслужува статус на земја-кандидат.

Самитот се одржа во присуство на лидерите од ЗБ6: Александар Вучиќ, Еди Рама, Шефик Џаферовиќ, Мило Ѓукановиќ, Оливер Спасовски и Хашим Тачи.

м-р Сања Николова