ДАНОЦИ ВО ВРЕМЕ НА COVID-19

   

👁 Прочитано: 7009


ДАНОЦИ ВО ВРЕМЕ НА COVID-19

Во актуелново време на COVID-19 (име на болеста предизвикана од корона вирусот), даноците стануваат екстремно важна категорија, поради две причини: од една страна првенствено од нивната наплата зависи сервисирањето на заедничките потреби, а од друга, состојбата на пандемија во светот имплицира намалување на економската активност, намалување на доходот, односно на добивката и нужно намалена наплата на даноците.

Тешко е во овие услови и кај нас фокусот да се стави на темата даноци, а притоа да не се има предвид актуелната состојба. Буџетот е план на приходи и расходи, па станува ирелевантно колку тој е добро проектиран по различни ставки, ако се доведеме во неможност истиот да се реализира.

Министерството за финансии, е пред предизвикот да обезбеди соодветно ниво на приходи, во услови на сериозно намален потенцијал за тоа, со истовремен пораст на расходите за мерки кои треба да доведат до санирање на штетите предизвикани од пандемијата. Значи, едновремено се намалува базата за наплата на даноците, а растат потребите кои ќе треба да бидат алиментирани од Буџетот.

Ако знаеме дека најголемиот дел од приходите во Буџетот доаѓаат од индиректните даноци, односно од даноците на потрошувачка (45,2% од ДДВ и 22,7% од акцизи), од кои вкупно се остварени приходи во износ од 78.146 милиони денари или над 2/3 од вкупните даночни приходи во 2019 година повременото затворање на границите во различни држави што го ограничува движењето на стоките и луѓето, во комбинација со потенцијално намалена домашна потрошувачка, може да доведе драматичен пад на приходите. Оттаму, во моментов исклучително важно е да се заштити потрошувачката, особено потрошувачката на домаќинствата, па оттаму првите мерките за справување со последиците и штетите од  COVID-19 мора да бидат насочени кон заштита на работните места и платите на работниците. Понатаму, потребно е да се дефинираат сетови на мерки за извозно ориентирани претпријатија и специфична помош по дејности.

Механизми за ова постојат, па кога станува збор за даночната политика на неа секогаш и стојат на располагање и посебен вид на даноци од кои може да обезбеди дополнителни приходи (пр. Во 2001 година се донесе Закон за данок на финансиски трансакции, кој требаше да обезбеди дополнителни приходи за справување со тогашната кризна состојба), но и други мерки

Во ова време на COVID-19, не е значајно само да се обезбедат средства за финансирање на потребите во секторот здравство, туку во прашање се доведуваат потребите на севкупната економија. Во ова време, мора сите одговорно да се однесуваат, а принципот на солидарност да е во основа на секоја од политиките кои се креираат. Во вакви услови неопходно е да се задржи присебноста и да се стават на располагање и да се искористат сите капацитети во државата, во било кој сегмент.