ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ОПСТАНОК НА КОЖАРСКО-ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА

   

👁 Прочитано: 6952


ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ОПСТАНОК НА КОЖАРСКО-ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА

„Де Марко“ е компанија во приватна сопственост со основна дејност производство на обувки, основана во 2007 година, во период во кој имаше голема побарувачка за „ЛОН“-производство на обувки од страна на италијански компании.

Како компанија има работено за повеќе светски брендови, а моментално работи детска програма за брендот „FALCOTTO” и „NATURINO” за италијанска компанија „FALC“, како и програма за спортски патики на брендот „GUCCI” за италијанската компанија „GIOVAGNOLI“.

„Де Марко“ во моментот има 40 вработени и годишно произведува околу 50 до 60 илјади пара обувки за извоз, како и од 1500 до 2000 пара за домашниот пазар.

Од 2018 година го проширува своето производство и со готови производи за домашен пазар со свој личен бренд.

-Кожарско-преработувачката индустрија во Македонија, во последните години се соочува со поголем број проблеми кои директно или индиректно влијаат на производството. Најголем проблем е недостаток на квалификуван работен кадар, наглото иселување на младите од земјава, како и намалување на ученици во стручните училишта што е основен предуслов за недостиг на млади кадри со кои би се зголемила продуктивноста во фабриките. Исто така и нереалното зголемување на минималната плата направи големи штети за развој и опстанок на чевларските компании бидејќи најголем дел од заработувачката се троши на плати за вработени. Немањето на средства со кои би можело да се инвестира во нов машински парк доведува до тоа да  не сме конкуренти на пазарот и нашите странски партнери полека но сигурно си бараат нови пазари, - истакна сопственичката Лидија Милановска. Старосната структура на вработените не овозможува долгорочно планирање, а недостигот на репроматеријали од домашно производство, како и недостигот на директна државна поддршка на секторот претставуваат дополнителни ограничувачки фактори за развој на оваа индустрија.

ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ОПСТАНОК НА КОЖАРСКО-ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА

Единствениот излез на нашата компанија за продолжување и опстанок е во зголемување на домашното  производство и инвестирање во нови современи машини кои ќе ја зголемат продуктивноста.

Секако дека постои заострена конкуренција во овој сектор од другите земји, со особен акцент на конкуренцијата која во последните години доаѓа од Албанија, што наметнува потреба од системски пристап и државна поддршка за  опстојување и развој на чевларската индустрија во Македонија.