„МАКС“ ОД СТРУМИЦА ФОКУСИРАНА НА КВАЛИТЕТОТ И БЕЗБЕДНОСТА НА ПРОИЗВОДИТЕ ШТО ГИ ПРОИЗВЕДУВА

   

👁 Прочитано: 1788


„МАКС“ ОД СТРУМИЦА ФОКУСИРАНА НА КВАЛИТЕТОТ И БЕЗБЕДНОСТА НА ПРОИЗВОДИТЕ ШТО ГИ ПРОИЗВЕДУВА

Задоволство е да се посети компанија што е дел од прехранбената индустрија и посветува големо внимание на квалитетот и безбедноста на своите производи. За таа цел е усвоена  политика на компанијата со јасни принципи. Се набавуваат суровини од проверени добавувачи, храната се произведува со примена на GMP и GHP-нормите и се користи HACCP-системот за управување со безбедноста на храната. Компанијата има Сертификат за ISO 22000, како и Сертификат за производство согласно HALAL-принципите.

Со 165 вработени, во објекти со површина од 6.500 м2, компанијата „МАКС“ произведува широка лепеза на прехранбени производи. Она што започнало главно како производство на зачини, со текот на времето е проширено со вклучување на слаткарски производи, производство на зачинети т.н. „снекс“ производи итн.  Палетата на производи постојано се проширува за што е задолжен стручен тим што развива нови рецептури и вкусови. Мотото на компанијата е „зачинето задоволство“.

Квалитетот на произведеното наоѓа своја потврда во пласманот на производите. Како што презентираше Слободан Тупаров, генералeн менаџер на компанијата „МАКС“, од вкупното годишно производство во вредност од 9 милиони евра, производство во вредност од 5 милиони евра се продава на странските пазари, а остатокот во земјава. Интересно е дека добар дел од продажбата на странските пазари се одвива во Романија, дел во Бугарија, итн.

Во разговорот беше истакната потребата од поинтензивно користење на принципите на економска дипломатија од страна на нашата дипломатско-конзуларна мрежа, како конкретна поддршка на македонските извозници на странските пазари. Во поглед на конкуренцијата од странство, фактот дека некои земји им даваат извозни стимулации на своите компании, некогаш и во висина од значителни 10 до 12%, упатува на потребата од проактивен однос на носителите на економските политики во земјава со цел обезбедување рамноправен натпревар на домашните компании на странските пазари.

„МАКС“ ОД СТРУМИЦА ФОКУСИРАНА НА КВАЛИТЕТОТ И БЕЗБЕДНОСТА НА ПРОИЗВОДИТЕ ШТО ГИ ПРОИЗВЕДУВА

Бизнисот на „МАКС“ го карактеризира стабилност, без флуктуации. Но, компанијата не застанува тука. Таа има трајна ориентација кон постојани инвестиции за поголемо производство и употреба на нови технологии.       

М-р Зоран Јовановски