ДРАКОНСКИ КАЗНИ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗА ТРГОВЦИТЕ КОИ ГИ ИЗМАМИЛЕ КУПУВАЧИТЕ

   

➤ Актуелно (25.10.2019)
👁 Прочитано: 1019


ДРАКОНСКИ КАЗНИ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗА ТРГОВЦИТЕ КОИ ГИ ИЗМАМИЛЕ КУПУВАЧИТЕ

Трговците со храна и производителите за кои ќе се утврди дека ги измамиле потрошувачите ќе бидат изложени на значително поголеми казни, а ветеринарните, земјоделските и другите инспекции, ќе можат да ги контролираат истите и преку интернет продажба.

Ова се само некои од новините кои стапуваат на сила на 14 декември 2019 година, кога за сите земји-членки на ЕУ ќе почне да се применува новата регулатива за службена контрола при примена на прописите за прехранбени производи и сточна храна.

Ова претставува нов, подобар сет на мерки за надзор и контрола на целокупниот земјоделско-прехранбен синџир, кои беа усвоени од страна на Европскиот парламент и Советот во март 2017 година и треба да се почне со негова примена од крајот на 2019 година.

ЛАЖНИ ПРАКТИКИ

Како што е објаснето во текстот на регулативата, идејата е да се постигне подобар, построг и пофлексибилен инспекциски систем во земјоделско-прехранбената индустрија во Унијата вредна над 800 милијарди евра, како резултат на бранот скандали во последните години, а пред се` оној во 2013 година, кога беше откриено дека европските потрошувачи биле измамени со лажни декларации за говедско месо, иако тоа всушност било коњско или неодамнешно шокантно откритие дека болните крави беа заклани на отворено, а потоа нивното месо се продаваше во маркетите.

Најновата регулатива со која ЕУ ги дефинира рамките за инспекциски надзор над производството на храна датира од 2004 година, така што новото законодавство се обидува да стави крај на измамничката пракса во делот на производство на храна, а треба да помогнат и новите, повисоки казни за сторителите. Поточно, земјите-членки ќе воведат во своите закони казнени мерки кои ќе треба да бидат финансиски поголеми од придобивките на сторителот и иако се препорачува тие да бидат поставени како процент од приходите, земјите-членки ќе можат да изберат дали да го усвојат тој модел или не.

Она што ќе биде новина за инспекторите е можноста да се купат примероци од храна анонимно преку интернет, кои потоа ќе бидат тестирани, а доколку се покаже дека не се во согласност со декларацијата, ваквите примероци автоматски ќе се сметаат за службен доказ и ќе може да се казнат сторителите, што не беше случај досега кога контролата требаше претходно да биде најавена.

Регулативата исто така ќе ги присили инспекциските служби на земјите-членки самостојно да ги таргетираат инспекциите надзори засновани на проценка на ризик, доколку е потребно - да ги следат почесто и поредовно оние делови на производство и производителите каде што се почести несообразностите, да донесуваат одлуки за ад хок контрола, а ќе биде поедноставен и системот за тестирање на примероци, така што некои поедноставни тестови, како што е откривање на трихиноза во месото, ќе можат да се работат во лаборатории кои не се сертифицирани за ова.

Покрај тоа, ќе се воведат и построги контроли врз увозот на храна од трети земји, за кој до сега важеше невоедначен систем на надворешните граници на Унијата, а сега истиот ќе биде ускладен за сите земји.

И покрај тоа што уредбата не се смета за револуционерна, Здружението на потрошувачи во Брисел ги поздрави новите правила за надзор и контрола на индустријата, за која сметаат дека е една од најупорните и најмоќните во светот, потсетувајќи дека анализите покажаа како ажурноста на земјите-членки на Унијата е опадната во последните години, а многу од нив дури и ги намалија финансиските ресурси вложени во процесот на контрола.

Во некои земји за спроведување на новата регулатива потребно е да се донесе комплетно нов закон за службени контроли, за кој ќе се формираат и посебни комисии. Тие се убедени дека истиот ќе биде донесен навреме, со сите основни одредби што земјите-членки ќе треба да ги воведат, а пред се` тука се мисли на казнените одредби.

Васко Ристовски