ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
04.10.2019 👁 Прочитано: 425

БИЗНИСОТ И ДИПЛОМАТИЈАТА ЈА УНАПРЕДУВААТ ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА


Стопанската комора на Македонија почна серијал на јавно претставување на соработката со повеќе земји кои се доминантни трговски и инвестициски партнери на нашата земја, со цел потенцирање на капацитетите, но и акцентирајќи ги потенцијалите за продлабочување на соработката со традиционалните наши партнери.

Првата земја која беше претставена на прес-конференција во Комората е Република Словенија, со која Република Северна Македонија има традиционално добра соработка, на сите полиња, акцентирајќи ја економската соработка.

В.д. извршнот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, потенцираше дека од анализата направена во Комората за трговската соработка со Словенија во последните 20 години може да се заклучи дека структурата на производи кои се извезуваат од нашата земја е доста мала и главно се заснова на производи од земјоделско-прехранбениот сектор и металната и електроиндустријата. Она што е интересен показател за нас е дека во рамките на вкупниот увоз на Словенија кој го реализира од цел свет за 2018 година, процентуалното учеството на македонските производи по категориите е значител, што значи нивна добра позиционираност на словенечкиот пазар и тоа на:

* електрични акумулатори и придружни делови со 31,63%;
* сушен зеленчук со 24,7%;
* семиња од шумски билки (анис, бадиан, фенел, и смрека)  20%;
* вино со 17,7%;
* преработени земјоделски производи 16,7%;
* месо (овчо и козјо) 9,7%;
* фелспад 7,7%;
* каиши  за автомобилската индустрија 6,7%.

Оттука, потенцираше Пеева-Ѓуриќ, постои можност за продлабочување и уште поголемо учество на македонскиот извоз, како во веќе споменатите категории, така и во категориите на производи кои се произведуваат во Република Северна Македонија, а нивната структурна застапеност во вкупниот словенечки увоз е минимална, а се однесува на: топловалани производи од железо и челик 5,24%, калапи за металната индустрија 3,35%, доломит 5,2%, мермер, травертин и други материјали 3,3%, лекови и други медицински помагала 1,5%, пекарски производи 2,6%, жица од железо 2%, душеци и други производи 1,1%, маици, кошули и друго 0,1%, керамички производи 0,5%, топловалани производи од алуминиум 0,01%, цемент и други композиции 0,1%. Она што треба да се потенцира е дека извозот од Словенија во Македонија се реализира преку 1076 компании, а извозот од Македонија кон Словенија преку 447 македонски компании.

Согласно состојбите на странските директни инвестиции (СДИ) во Македонија, вкупните инвестиции од Словенија во Македонија од 1997 до 2018 година изнесуваат 327,9 милиони евра и структурно учествуваат со 6,2% во вкупните реализирани инвестиции во Македонија за наведениот временски период. Но она што е за истакнување е просечниот процент на СДИ во учеството во БДП за Македонија кој изнесува 3,74%, додека пак истиот за Словенија е 1,6%, што укажува на големата зависност на странските директни инвестиции во македонскиот БДП наспроти минималното влијание кое тие го имаат во словенечкиот БДП.  Потребни ни се, вели Билјана Пеева-Ѓуриќ, производи кои се атрактивни и се бараат на странските пазари со поголем квалитет и поголема додадена вредност за да може тоа влијание да се намали и во нашиот случај. 

Иако двете земји се релативно слични по својата поставеност и со прилично иста географска големина и број на население, факт е дека Словенија има годишен извоз од 28 милијарди евра, а Македонија од 5 милијарди евра, реализирани преку 8.000 извозни компании од Словенија споредено со 3.000 извозни компании од Македонија. Согласно структурата на досегашната соработка во извозот и увозот, размената најмногу се заснова на производи од металната и електроиндустријата, секторот на производство на основни метали, хемиската и земјоделско-прехранбената индустрија.

БИЗНИСОТ И ДИПЛОМАТИЈАТА ЈА УНАПРЕДУВААТ ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА  И СЛОВЕНИЈА

-Ваквиот модел на соработката на бизнисот со амбасадите кој го презентира Комората, може слободно да се нарече дипломатска иновација, - вели амбасадорот на Р. Словенија во РС Македонија Н.Е. Милан Јазбец. Според него, нема подобар модел на успех од соработка на дипломатските канцеларии со Комората како случајот со Словенија.

Македонија и Словенија имаат најактивни деловни односи на годишно ниво. Само оваа година досега се реализирани 11 средби на високо државно ниво сите проследени со бизнис настани. Дека има интерес за соработка и поле за нејзино продлабочување амбасадорот Јазбец ги потенцираше фактите за инвестирање на повеќе словенечки компании во нашата земја со акцент на „Таб Мак“, „ЛТХ Леарница“, Винарницата „Пуклавец“, каде освен инвестиции има голем потенцијал за трансфер на знаење и вработување на стручни високо образовани кадри. НЛБ Банка - Скопје и „Триглав Осигурување“ остваруваат најдобри резултати во работењето во рамки на групациите на кои припаѓаат.

-Истовремено, фактот дека одредени производи кои се извезуваат од Македонија имаат голема процентуална застапеност во словенечкиот увоз на истите производи од цел свет, покажува дека има квалитетни и компатибилни македонски производи кои може да бидат основ за заеднички вложувања со словенечки партнери и настап на трети пазари на компании од двете земји, - вели амбасадорот Јазбец.

Н.Е. Јазбец акцентираше и дека образувањето македонски кадри во словенечкиот образовен систем , а кои веќе на годишно ниво се околу 1000 студенти, е потенцијал кој може да го искористи Македонија и да го врати во земјата како високо профилирана стручна работна сила.

На чекор пред добивањето датум за преговори од страна на Европската унија, амбасадорот акцентираше дека приоритет на нашата земја треба да биде да се креира  соодветна рамка во која ќе функционира бизнисот, да се изградат квалитетни истражувачки центри и со добро профилирана администрација ќе се стигне до формулата за успех.

Сето ова напред кажано наведува дека постојат реални можности за продлабочување на соработката и достигнување ниво на размена од над половина милијарда евра. Но за да се реализираат ваквите претпоставки, потребно е во следниот период фокусот да се стави на организирање секторски деловни средби во конкретни дејности со цел вмрежување на компаниите од двете земји за поголема трговска соработка, поголемо ниво на инвестиции и заеднички настап на трети пазари. И сето тоа со активна улога на Стопанската комора на Македонија заедно со Стопанската комора на Словенија.

Даниела Михајловска Василевска

Анализа: ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ МОЖНОСТИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА СТОПАНСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА  И РЕПУБЛИКА СЛОВЕНИЈА

Видео – Прес-конференција со Н.Е. Милан Јазбец, амбасадор на Р. Словенија во РС Македонија

БИЗНИСОТ И ДИПЛОМАТИЈАТА ЈА УНАПРЕДУВААТ ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА  И СЛОВЕНИЈА