1002 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Конференција за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор
15.05.2019 👁 Прочитано: 684

Субвенциите не го постигнаа посакуваниот ефект


Земјоделството е третиот најголем сектор по услугите и индустријата и во вкупниот бруто-домашен производ учествува со 10-12 проценти, а заедно со преработувачката индустрија достигнува од 16 до 18 отсто. Сепак, во последните години континуирано се намалуваат обработливите површини. На што се должи ова и како до повторно зголемување на интересот за обработка на земјоделските површини, но и за многу други проблеми во секторот разговараме со Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.

– Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми. Расположливите потенцијали не се целосно искористени и покрај традицијата и поволните климатски услови со 220 сончеви дена во годината. Над една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите што се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти, наместо развојна нота, беа искористени како социјално-политичка алатка. Создавањето конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на Македонија, бара спроведување сеопфатни мерки во низа области, ефективни земјишни политики, финансирање, преструктурирање на земјоделското производство и пазар што обезбедува средина за техничките и претприемачките вештини на домашните фармери.

Кои се клучните проблеми во земјоделството и како до нивно надминување или решавање?
– Иако секоја година субвенциите растат, освен во секторите тутун и грозје, кај сите други се забележуваат негативни резултати. Продолжувањето на ваквото субвенционирање ќе нанесе уште поголеми штети создавајќи неконкурентно производство. Со навремено исплаќање на субвенциите се дава можност за ширење производство, инвестирање. За жал, кај нас исплатата доцни со години, со што изостанува позитивниот ефект. Од друга страна, средства преку ИПАРД-програмата се наменети за подобрување на конкурентноста на домашното производство на ЕУ-пазарите, но нивната искористеност е 4-5 проценти како резултат на лоши услови и процедури, честопати и тешко спроведливи.
Друг проблематичен сегмент е што половина од земјоделските производи се пласираат во земјите од опкружувањето, а состојбите во регионот се менуваат и се намалува извозот. Потребно е приспособување на производството за да се добие конкурентен производ, потоа промоција на интегрално производство, при што крајниот производ ќе има статус на органско производство со интегрален контролиран квалитет. Како таков ќе биде многу поконкурентен на пазарите во Европа и со повисока цена.

Последните години се забележува масовно празнење на руралните средини. Како повторно да заживеат селата?
– На Македонија ѝ недостигаат економски одржливи рурални заедници, кои ќе придонесат за развојот на земјоделството и пласманот на македонските производи на странските пазари. Идејата за „паметни“ села не може да се направи изолирано и треба да е вградена во пошироките стратегии за регионален развој. Зајакнувањето на врските помеѓу руралните и урбаните области е клучно за надминување на јазот помеѓу нив. На нашите рурални заедници им се потребни работни места, основни услуги, поврзување и паметни транспортни решенија, како и поволна клима за претприемаштво. Треба да се овозможи појава на нови типови на бизнис-модели, како што се услуги базирани на портал, и да им се помогне на постојните рурални бизниси да се поврзат, да се интегрираат и да соработуваат подобро со урбаниот бизнис. Руралните области се места на големи средства и тие можат да станат уште попривлечни ако им овозможиме на локалните актери да го откријат својот потенцијал.
„Паметни“ села е нов концепт во рамките на политиките на ЕУ, кој се однесува на руралните средини и заедници што ги градат своите постојни сили и средства, како и за развој на нови можности. Дигиталните технологии и иновации можат да го поддржат квалитетот на животот, јавните услуги за граѓаните, подобра употреба на ресурсите, помалку влијание врз животната средина и нови можности за руралните синџири на вредности во однос на производите и подобрените процеси. Македонското земјоделство се наоѓа на крстопат и, во согласност со наведените податоци, се наметнува потреба од нови, јасно формулирани стратегиски цели на аграрната политика и мерки и дејства за нејзино остварување. Важен фактор во создавање конкурентно и прецизно земјоделство е употребата на ИТ-технологијата во овој сектор.

Климатските промени негативно влијаат врз земјоделството. Како да обезбедат земјоделците квалитетни продукти?
– Глобалните климатски промени претставуваат голема закана во сите сфери на живеење, а особено е критично земјоделското производство. Тие директно влијаат врз метеоролошките, хидролошките, почвените и еколошките услови и врз сѐ што претставува активност во земјоделското производство. Нарушувањето на овие услови влијае врз очекуваните приноси, квалитетот на производите, како и врз процесите на производство. Затоа е важно да се издигне свеста кај земјоделците, со нивна соодветна едукација за можните ризици и можностите за адаптирање на земјоделските активности со користење современи технологии на производство, следење на метеоролошките услови, водење база на податоци на ниво на фарма и преземање конкретни мерки и активности. Неопходно е имплементирање технолошки напредни процеси на производство, со кои ќе им се олесни работата на луѓето и ќе се обезбедат сигурен принос и квалитет.
Мерки што се присутни долги години во светот и докажани како интегрална заштита во растителното производство се целосна контрола и минимална апликација на хемиски препарати за заштита, потоа користење контејнерски систем на производство на тутунски расад, на отворено и во заштитен простор, користење гранулиран семенски материјал што е многу попрактичен и исплатлив за државата (се користи точно определено количество семе во согласност со планираниот склоп на единица површина, економски исплатлив), избор на соодветни култури за одгледување определено подрачје во зависност од климатските услови и потребите на потрошувачите (многу региони во државата денес се заборавени дека имаат плодна или погодна почва за специфични култури што би биле високоприносни за тоа подрачје). На овие, но и многу повеќе теми ќе се дискутира на утрешната меѓународна конференција „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Македонија“ во Стопанската комора.

Интервју: https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/субвенциите-не-го-постигнаа-посакува/

Субвенциите не го постигнаа посакуваниот ефект